Националниот џез оркестар на The Balkan Jazz Showcase-2024 во Тирана

4

Во организација на Албанското џез здружение (Albanian jazz society) оваа година по четврти пат ќе се одржи фестивалот Balkan Jazz Showcase-2024. На настанот ќе настапат оркестарот NisVille од Србија, Сара Јововиќ трио од Црна Гора, Sethstat Quintet од Македонија, Gypseons Trio од Грција, Leo Richartz Trio од Германија, Alba Dajlani & AJS Quartet од Албанија и Националниот џез оркестар од Македонија. Покрај учесниците од Германија, овој настан ќе ги собере едни од најталентираните џез музичари од Балканот и претставува можност за културна размена и промоција на богатството на џез музиката во овој регион.

На фестивалот Balkan Jazz Showcase-2024 ќе се соберат и директори на фестивали од различни земји, а специјални гости се водечките луѓе од џез асоцијацијата на Кина. Оваа соработка обезбедува не само културна размена, туку и потенцијални проекти во рамките на програмите на Креативна Европа и Западен Балкан, како и промоција на балканската џез сцена на фестивали во кинеските градови како Пекинг, Шангај, Гуангжу и Ченгду.

Покрај музичките изведби, настанот ја вклучува и изложбата „Drumsville – Evolution of the New Orleans Beat“, како подарок од џез-музејот на Њу Орлеанс.

Се очекува оваа манифестација, која ќе се одржи во салата Black Box во Универзитетот за уметности во Тирана од 10-12 мај да ги зајакне врските меѓу уметниците и фестивалите ширум Балканот, отворајќи нови хоризонти за идни соработки и размена на идеи.
Настапот на Националниот џез оркестар е закажан за втората фестивалска вечер, на 11 мај. Настапот на Balkan Jazz Showcase-2024 во Тирана е прв од неколкуте настапи надвор од нашата земја кои ќе следат во наредниот период, преку кои оркестарот ќе се претстави пред публиката во неколку Балкански земји, за што деталите ќе бидат објавени наскоро.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.