“Почеток” во четврток во Филхармонија

9

Овој четврток (18.01.2024), со почеток во 20 часот, оркестарот на Македонската филхармонија ќе го одржи првиот концерт во вториот дел од концертната сезона „80 години- Љубов!“. На концертот насловен „Почеток“ како солист ќе настапи македонскиот кларинетист Здравко Ангелов, а диригент е маестро Алфонсо Скарано од Италија. На програмата се симфониска поема „Ноќ на голото брдо“ и суитата „Слики од изложба“ од Модест Мусоргски, а премиерно ќе биде изведена и Сонатата бр. 1 за кларинет и симфониски оркестар од Јоханес Брамс во аранжман на Лучано Берио.

***

Модест Петрович Мусоргски (1839 – 1881), рускиот композитор кој своето целокупно музичко творештво го свел на сценска акција, меѓу другите, го создал и едно од најпопуларните дела во класичната музика – „Ноќ на голото брдо“. Самиот автор дал четири верзии на ова привлечно оркестарско дело, а инспирацијата ја нашол во руските приказни и легенди за вештерскиот сабат, кога вештерките се собираат на пустата планина на која не растат дрвја, забавувајќи се и чекајќи го доаѓањето на господарот на Смртта…

Суитата „Слики од изложба“, составена од 10 музички парчиња, Мусоргски ја напишал во знак на сеќавање на својот пријател Виктор Хартман, познат сликар, архитект и дизајнер, кој починал во 1873 година. Мусоргски го напишал делото во негова чест, а целосното име на композицијата, всушност е „Слики од изложба – сеќавање на Виктор Хартман“. Инспирација за создавање на делото била и изложбата на повеќе од 400 дела на Хартман, поставена во Академијата на уметност во Санкт Петербург, која ја посетил и Мусоргски. „Слики од изложбата“ всушност музички ја илустрира прошетката низ галеријата идвижењето на посетителите од едно до друго дело. Мусоргски го структурирал делото во десет дела што го рефлектираат прогресот во движењето и разгледувањето на делата од Хартман.

***

Сонатата бр. 1 од Јоханес Брамс во аранжман на Лучано Берио егзистира во оркестарска форма од 1986 година. Филхармонијата на Лос Анџелес го ангажирала Берио да направи оркестарска обработка, и на премиерната изведба на 6 ноември 1986 година свирел Мишел Зуковски. Оваа оркестарска форма на Сонатата, Берио им ја посветил на Франко и Барбара Бенедети, а подоцна била публикувана од едицијата „Универзал“. Самиот Брамс во една прилика, во писмото до Рихард Мунфелд, кому му ја посветил оригиналната композиција, напишал: „Сонатата е импулсивна исто како концерт“. Аранжманот се држи до сонатната форма, иако, бидејќи станува збор за аранжман со солист и оркестар, може да се третира како концерт.

***

Здравко Ангелов е македонски кларинетист, роден 1978 година во Струмица. Своето музичко образование го започнува на 7-годишна возраст. Средното образование го продолжува во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во Скопје, во класата на проф. Стојан Димов, а дипломира 2000 год. во класата на проф. Иван Кочаров. Подоцна ги запишува и постдипломските студии и магистрира во 2012 год., во класата на проф. Стојан Димов. Повеќе од 11 години е вработен како прв кларинетист на Македонската филхармонија. Претходно, во неговото работно искуство исто така се вбројува педагошката работа во Државното музичко училиште во Скопје и двегодишното искуство како надворешен соработник на Македонската опера и балет. Во текот на својата досегашна музичка кариера се стекнал со бројни признанија и награди како: прва награда во Скопје 1989 и истата година трета награда во Херцег Нови; прва награда со камерен состав – трио во 1992 година, а во 2000 година ја освојува специјалната награда „Yamaha“. Настапува како солист со симфониски оркестри во нашата држава и надвор од неа и како камерен музичар, а воедно е постојан член на камерниот ансамбл „Консонанс“. Учесник е на значајни фестивали и концерти како „Скопско лето“, „Охридско лето“, „Интерфест – Битола“, „Штипско лето“, „Денови на македонската музика“, „Номус“, „Бемус“, настапува во Црна Гора, Словенија, Србија, Бугарија, Хрватска, Оман, Америка. Исклучителната музикалност и посветеност на Ангелов е препознаена од многу светски имиња кои сведочат за прекрасната атмосфера која тој ја создава музицирајќи. Настапува под палката на исклучителни диригенти како Борјан Цанев, Саша Николовски- Ѓумар, Даниел Рајскин, Урош Лајовиц, Јерухам Шаровски, Владимир Ашкенази, Јануш Пшибилски, Антон Нанут, Пол Меер, Емил Табаков и многу други светски познати диригенти.

***

Италијанскиот диригент Алфонсо Скарано веќе седма сезона е шеф-диригент на Тајландскиот филхармониски оркестар, откако работеше како гостин диригент шест сезони, од 2011/2012. Тринаесет години маестро Скарано го обликуваше звукот во Тајландскиот филхармониски оркестар, што кулминираше со првата европска турнеја во август/септември 2022 година, цедето за американската компанија „Албани рекордс“, со изведбата на Брунеровата Деветта симфонија. Пред ангажманот во Тајланд, работел како шеф-диригент во Филхармонијата во Теплице, Чешка (2013 – 2018), гостин диригент во „Виртуози ди Прага“ (2000 – 2010) и музички директор и диригент во Оперскиот фестивал во Тоскана, Италија (2006 – 2008). Алфонсо Скарано е победник на Натпреварот за диригирање во Тревисо, во 1993 година, на натпреварот „Франко Капуана“ во Рим, освоил втора награда на интернационалниот натпревар „Луиџи Манцинели“ и др. Покрај неговата работна позиција во Банкок, Алфонсо Скарано редовно диригира со оркестарот на Симфонискиот оркестар на Ерусалим (Израел), „Оркестро симфоника“ во Бразил, со Рускиот симфониски оркестар во Москва, Државниот оркестар во Истанбул (Турција), Киевскиот симфониски оркестар на Националната радио и телевизија, Прашката филхармонија – со која ги водел турнеите во Германија и во Бугарија. Соработувал со врвни инструменталисти како Мипа Мајски, Марио Брунело, Кристоф Барати, Никита Борисо-Глебски, Стефано Болани, Ана Кравченко, Даниела Деси, Роландо Виласон и др. Алфонсо Скарано диригирал и оперски репертоар: „Травијата“, „Набуко“, „Риголето“, „Тоска“, „Мадам Батерфлај“, „Боеми“, „Лучија ди Ламермур“, „Дон Пасквале“, „Кавалерија Рустикана“, „Паљачи“, „Кармен“, „Севилскиот берберин“, „Џани Скики“ и др. Поддржувач и промотор е и на современата музика, диригирал повеќе праизведби на дела од Наронг Прангкаорен, Герхард Кофман, Симон Лакс, Паоло Уголети, Роберто ди Марино, Фредерик Остерлинг, Колин Рајли и др. Покрај класичните балети („Лебедово езеро“, „Дон Кихот“ и „Рајмонда“), Алфонсо Скарано, исто така е фокусиран и на современ балет.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.