Почнува фестивалот „Крај Вардарот Џез“ 

2

 Годинашното, трето по ред издание на фестивалот „Крај Вардарот Џез“ ќе се одржи на 23 и 24 септември во Македонската филхармонија.

„Крај Вардарот Џез” е меѓународен фестивал на современ џез, светска и етно музика, а оваа година е селектиран како еден од 10те фестивали од Балканот, кои ќе учествуваат во програмата за размена на Фестивали и клубови (FEX – Festival & Club Exchange Program), која се имплементира во рамки на платформата МОСТ музика (MOST music). Целта е да се поттикне музичкиот пазар на Балканот преку поврзување и поддршка на уметници, менаџери, фестивали и институции и да го доближи до светскиот музички пазар. Ова му овозможува на КВЏ во текот на 2023 година програмска соработка со Тандем фестивал од Европа во рамки на која ќе се овозможи гостување на домашни музичари на фестивалот во Европа и обратно, директна соработка помеѓу организаторите на обата фестивали, отворање нова мрежа на соработници со останатите учесници во програмата и секако поголема видливост и препознаеност на „Крај Вардарот Џез“ во поширокиот европски музички контекст. Работата на платформата МОСТ музика е поддржана од програмата Креативна Европа на ЕУ.

Идејни творци на „Крај Вардарот Џез“ се џез музичарот Владан Дробицки и музичарот и продуцент Мирко Попов.

На денешната конференција за печат Попов истакна дека фестивалот произлегол од потребата да поддржат една нова генерација домашни музичари, чија музика во себе ги интегрира и балансира автохтониот и светски современ израз.

„Со две изданија зад себе, и публика, која брои и до 2.000 посетители, „Крај Вардарот Џез” успеа да воспостави континуитет и стана еден од очекуваните годишни настани во Скопје. Фестивалот е една од активностите на „ПМГ Џез“ (суб-лејбл на издавачката куќа „ПМГ Рекордингс“), кој ги следи мисијата и работата на издавачката куќа со цел да воспостави континуирана, вибрантна и динамична џез сцена во нашата земја“, вели Попов.

Заложбата на ПМГ Џез епред сепронаоѓање, продукција, издавање и промоција на современа џез и етно (world) музика од домашни квалитетни автори.

Во пресрет на фестивалот, Дробицки истакна дека досега имаат издадено 34 изданија.

„А покрај вообичаениот формат на издавање на ЦД и во дигитална форма, ПМГ Џез досега има и 2 изданија на винил (грамофонска плоча): музичка компилација од различни изведувачи „Крај Вардарот Џез 1” и „Стела” на ЉубојнаОваа година ќе се појави и третиот винил,  музичка компилација од различни изведувачи „Крај Вардарот Џез 2 – Нов Бран”“, вели Дробицки.

Првата, интернационална фестивалска вечер на 23 септември во Македонската филармонија ќе почне во 20 часот со извонредни музичари од регионот и настап на Спејс Трио (Space Trio) од Бугарија и најреномираниот српски џез состав, Ејот (Eyot) од Ниш.

Спејс Трио / Space Trio (Бугарија) е формација од добро познати музичари од бугарската вибрантна фри-импро сцена. Групата работи по принципот на „инстант композиција“ а ја води спонтаноста во изразот. Специјално за настапот во Скопје на составот ќе му се придружи истакнатиот џез музичар од помладата генерација од Скопје, Дени Омерагиќ (Светлост, Одрон Ритуал Оркестар).

EYOT (Србија) е најреномираниот српски џез состав во последнава деценија, во регионот и на светската сцена. Нивната музика претставува еклектичен звук помеѓу рок и џез, панк и амбиент, импресионизам и романтизам, во исто време цврсто потпирајќи се на традиционалната музика на Балканот и источна Европа.

Втората фестивалска вечер ќе се одржи на 24 септември во Македонската филхармонија

со почеток во 20 часот со концертен настап на сега веќе култните „Сетстат“, кои

одбележуваат 30 години јубилеј од своето постоење како џез формација. Оваа вечер,

публиката ќе има уникатна можност да ги слушне во досега невидено издание, во проширен состав-оркестар. Сетстат ќе се претстават со специјална селекција на музички материјал од својот три децениски опус, кој ќе биде наново аранжиран за ваков состав. Ова ќе биде единствен и прв настап од ваков тип поставен во Филхармонија. Сетстат имаат издадено 9 студиски албуми, а во очи на фестивалот ќе се појави нивниот нов, 10ти албум по ред.

Во оваа специјална вечер, пред Сетстат Оркестар ќе настапи „Toka Shitet“ (ака Идриз Амети), фронтмен на групата Blla Blla Blla со соло изведба на авторска музика на шаркија.

Фестивалот се организира во соработка со Културно-информативниот центар на Република Бугарија во Скопје, и се реализира со поддршка на Министерството за култура на Р.С. Македонија. 

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.