Распродадени двата новогодишни концерти Филхармонија

13

Македонската филхармонија годината ќе ја заокружи со двата новогодишни концерти кои се распродадени уште пред неколку недели. В сабота со почеток во 12 часот премиерно ќе биде изведен Новогодишниот концерт за деца „Девојчето со книгите“ кој ќе го води маестра Дијана Имери Илкоска, а актерка е Симона Спировска.
„Годината ќе ја испратиме со прекрасната музика од славните класични композитори и со сосема нова новогодишна бајка за деца – која е инспирирана од познатата бајка „Девојчето со кибритчиња“ од Ханс Кристијан Андерсен.
Ова е приказна која нѐ потсетува на среќата, на убавината и добрината, но и на тагата и на несреќата. Всушност, зборува за сите оние работи за кои треба да бидеме свесни, а особено за хуманоста – да помагаме, да бидеме благородни и доблесни. Пораката која овој новогодишен концерт ќе ја испрати до најмладите е дека во светот има деца и семејства кои се сиромашни, има деца коишто се гладни и боси, а на кои, секој од нас, колку што може и умее, треба да најде начин да им помогне“, велат од Филхармонија.
На 28 декември (четврток) со почеток во 20 часот, оркестарот на Македонската филхармонија ќе го одржи и традиционалниот новогодишен концерт „Одбројуваме“ кој годинава ќе го води диригентот Алфонсо Скарано од Италија, а како солистка ќе настапи сопранистката Наде Талевска. На програмата се дела од Чајковски, Хименез, Пучини, Моцарт, Сен-Санс и безвременскиот Штраус.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.