Отворена изложбата „110 години од раѓање“ на Лена Стефанова

24

21.12.2023

Вчерашното отворање на изложбата посветена на одбележување на 110 години од раѓањето на првата македонска сликарка Лена Стефанова претставува интегрален дел од богатата Програма на Националната галерија во рамките на одбележувањето на јубилејот 75 години постоење.
Членовите на семејството, како и бројната публика имаа несекојдневна можност да застанат пред уметничката компилација, збирка поставена на едно место, во толкав обем, во прекрасниот амбиент на Чифте амам. Богатата поставка ги опфаќа трите сликарски техники во кои работела уметницата: масло на платно, цртежи и акварел.
На отворањето, за животот и делото на Лена Стефанова говореа директорката на Националната галерија, д-р Дита Старова Ќерими, историчарката Викторија Васева Димеска и кураторката Татјана Бундалевска.
Старова Ќерими истакна:
„ Во историјата на современата македонска ликовна уметност, Лена Стефанова зазема втемелувачко и изделено место. Таа ѝ припаѓа на генерацијата уметници кои чувствувајќи ја и доживувајќи ја моралната и духовната тензија на своето време, се вклучиле во современиот живот, без двоумење ги прифатиле тековите на современата ликовна уметност.
Се школувала во престижното француско училиште (Ecole Franco-Serbe) во Скопје и го завршува во учебната 1930 година. Во текот на школувањето го посетува ателјето на Олга Бенсон (1924 – 1928), каде што ги стекнува првите ликовни искуства.
Еднакво спонтан е и нејзиниот пристап кон педагошката работа. Во периодот од 1945 до 1976 година работела како ликовен педагог во Женската гимназија во Скопје, во гимназијата во Велес и во неколку основни училишта. Двапати имала прекин во педагошката дејност и тогаш работела како дизајнер во одделот за килимарство во Институтот за фолклор, потоа како илустратор во весникот „Нова Македонија“ и како слободен уметник.
Нејзината вродена дарба, раната определба за сликарството, неверојатната упорност и доследност во творештвото, пред сè, љубовта кон уметноста, свртена кон светот на своето приспособено ателје, кон радоста на творењето, придонесоа да се оформи како творец и да стане прва македонска сликарка, целосно посветена на сликарството како нејзина главна животна определба.“
Викторија Васева Димеска пред публиката сподели инспиративен наратив:
„ Колку што претставува чест и задоволство, толку е и долг, но и радост, да се зборува за еден подзаборавен живот на делото на Лена Стефанова, за разлеаните, топли и опојни миризби на душата на акварелот. Предадена на тајните на природата и на енигмите на творечкиот чин, на тој волшебен процес на паметењето на окото, исечоците од светот што ја опкружува ги претвора во лирски обоена слика, доживувањата во материја,чувствата во визуелен податок.
Нејзе не ја интересираше светот на разулавената Европа, бидејќи не и припаѓаше на таа звучна и опојна атмосфера на мјузиклите, на борделите, на големите булевари… таа го сликаше она што го гледа, што го чувствува, што го сака – слики од нејзиното непосредно опкружување: топлите бои на есента, лелеавите пејзажи, селските амбиенти, скромните градски визури, историските, митските личности од нејзината почва, миризбата на цвеќето, овошјата, мртвата природа… што се шират во патријархалниот амбиент, нешто свое, автохтоно и специфично.
Зад тој едноставен исечок од животот, од ентериерот, од природата, од амбиентот, обичен и секојдневен, без патос и патетика, се крие нејзината сложена и страствена природа. Како да има подигнато некој непробивен ѕид меѓу минатото и сегашноста, меѓу болката, страдањата, маката… и новиот ден, со силна волја и некоја интуитивна дисциплина за да ја помести својата интима од разулавениот свет, да ги помири во својата средена и хармонична личност тие два света на Ерос и Танатос, да го проткае своето дело со тивкото струење на животот. Носталгично ги осветли вистинските извори на своето битие, сопствената проекција на рајотво тој патријархален и чист народен живот кој меланхолично го посматра додека води имагинарен осаменички разговор со тишината, со заштитничката топлина на ентериерот и питомиот молк на пејзажот.
Нејзиното творештво е целовито и доследно, без потреси, без нагли амплитуди, без успони и падови, без резигнираност, без драстично видливи белези од нејзиниот слоевит и трауматичен живот. Достоинствено ги носеше своите мачни спомени, без патетика и наративност, му се посвети на разубавениот свет на сликата, зад кој, во длабочините на пејзажите, пределите, мртвите природи и портретите, постојано тлееше некоја носталгија и достоинствена тага, некоја меланхолија на осаменоста, некоја копрена, под која тивко се слушаше елегичната мелодија на нејзината животна приказна”.
Изложбата ќе биде поставена до крајот на месец февруари 2024 година.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.