Репортажа за убавините на Вевчани, Струга и Охрид

4026

Пишува Татјана Гогоска 

Откако  ќе го оставите Дебарското езеро позади вас, се впуштате во откритија кои ќе ве одведат низ браната Глобочица и првата дестинација надалеку познатото Вевчани.

Скршнете од патот десно и на само четири километри ќе дојдете до местото, по многу нешта привлечно. По убавите извори, по Вевчанскиот надалеку чуен карневал, по бројните цркви како сведоштва на историјата, културата, традицијата и религијата. Сите вредни нешта на едно место.

Сето ова во  подножјето на планината Јабланица, со саканите места за посета на Вевчанци: Голина, црквата Свети Спас во планината, Бели брег …… А можете да договорите незаборавно патување со коњи низ оваа живописна и мека планина.

 

Вевчани е место каде може убаво да  прошетате, да пробате вкусни јадења во некој од бројните угостителски објекти и да ги наполните батериите. И што е најважно не ви треба Вевчански пасош, ви треба само насмевка која ќе ви биде во иста мерка вратена.

Кога ќе решите со тешко срце да заминете од Вевчани, вратете се на регионалниот пат и упатете се кон следната дестинација градот Струга, за која важи онаа познатата изрека „Како Струга нема друга “ и навистина нема.

 

Струга –  Градот кој ја има најубавата градска чаршија, најбогатиот пазар и најволшебното шеталиште на реката Дрим. Градот кој дише заедно со брановите на Езерото и шумолењето на реката Дрим. Градот кој може, секој период од годината да го доживеете на друг начин. Струга е чуден град. Човек има секогаш желба да се врати и да го посети повторно и секогаш му се појавува истото чувство на мир и спокој, штом ќе стапне на брегот на реката Дрим која од тоа место го почнува својот долг пат, опишан и во приказната “Патот на јагулата“, како најспецифичен воден жител на Охридското езеро и реката Дрим.

И пред да заминете од Струга, посетете го струшкиот пазар и појдете до местото Калиште, каде покрај убавата плажа и угостителски објекти ќе ја посетите црквата „Рождество на Пресвета Богородица“, објект по многу нешта вреден за посета.

 

Сега е време да продолжите! Пред вас е Градот на Унеско, Градот со 365 цркви, градот на Охридското езеро, градот на бисерите, градот на галебите, градот на кајчињата……и што ти уште не !

Охрид– Ако сакате да направите распоред што треба во Охрид да видите, ќе ви треба добар водич и многу време. Од Самоиловите тврдини, Плаоштник, црквата св Климент Охридски, до црквата света Софија, мостот кон св. Јован Канео….

Одморете се со убаво кафе на плажата Потпеш и продолжете низ  Охридската чаршија, качете се на некое кајче и отпловете до Билјанините извори.

Покрај убавите плажи на Горица, Белви, Десарет и живописната природа, дополнета со отсјајот на сонцето во езерото, ќе ги одминете Трпејца и Љубаниште и ете ве во прекрасните извори на комплексот свети Наум. Вистинско време за уживање и одмор.

Црква свети Наум – е изграден на висока карпа, над самото  Охридско езеро, на неговата најјужна точка, во една месност со ретка природна убавина. Подигнувањето на овој манастир е поврзано со името на Наум, Климентов соработник. Св. Наум, пред крајот на својот живот, го основал манастирот  Свети Архангел  и во 910 -та година бил погребан во него. Кога ќе влезете и се наведнете над неговиот гроб можете да го слушнете чукањето на неговото срце. Некои велат дека на Св Наум Чудотворец не престанало срцето да му чука иако се упокоил, а други тоа го обајснуваат со течењето на некое изворче кое капка токму тука. Како и да е овој Манастирски комплекс има голема духовна моќ. Околу манастирот има повеќе други црквички, како: Света Петка, Свети Атанасиј, Агијазмо и други.

И нашата порака: сакајте ја својата Татковина! Само така душата ќе има мир а срцето љубов !

 

 

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.