“Ги исполнуваме препораките на УНЕСКО за трајна заштита на Охридскиот Регион!”

8

Министерката за култура и претседателка на Националната комисија за УНЕСКО, Бисера Костадиновска- Стојчевска денеска во Охрид оствари работна средба со претставниците на реактивната мониторинг мисија на УНЕСКО која е составена од членови на Центарот за светско наследство, Меѓународниот совет за споменици и локалитети и Меѓународната унија за заштита на природата. Средбата се одржа во Завод и Музеј- Охрид, а учество земаа и членовите на Националниот координативен тим од нашата држава и директорката Ирена Шајн.

„Министерството за култура и Националниот координативен тим посветено работат на спроведување на препораките од УНЕСКО, во делот на заштита на културното наследство. Не отстапуваме од грижата за Охридскиот Регион и зачувување на статусот на престижната листа на УНЕСКО. Уверена сум дека обединети, сите заедно, централната, локалната власт и невладиниот сектор во заедничка координација со забрзана динамика ќе продолжиме да ги исполнуваме насоките на УНЕСКО во подобрување на состојбите со реткото природно и културно наследство на нашиот регион“, потенцираше Костадиновска- Стојчевска.

На средбата стана збор за актуелните состојби поврзани со заштитата на културното наследство во Охридскиот Регион, начините за надминување на предизвиците и напредокот што го има остварено државата во однос на последните препораки на УНЕСКО.

Министерката со македонските експерти ги информираше членовите на реактивната мисија за сите реализирани, како и за тековните активности поврзани со препораките, како што е донесувањето на Стратегискиот план за рехабилитација на природното и културното наследство на Охридскиот Регион, изработката на правни документи меѓу кои Предлог на закон за управување со светското природно и културно наследство и Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за прогласување на Старото градско јадро на Охрид за културно наследство од особено значење.

Беше дискутирано и за завршените активности за заштита на дрвената платформа во Заливот на коските, пристапот до заштитените културни добра, изработката на „Упатство за иматели на недвижни културни добра во Охридскиот регион- Светско наследство на УНЕСКО“, со цел да им се помогне на имателите на недвижни културни добра во Охридскиот Регион да ги исполнат своите права и обврски.

Средбата беше дел од агендата на тридневната заедничка реактивна мониторинг мисија на членовите од Центарот за светско наследство на УНЕСКО, Меѓународниот совет за споменици и локалитети (ИКОМОС) и Меѓународната унија за заштита на природата, во прекуграничното светско наследство „Природно и културно наследство на Охридскиот регион“, во Република Албанија и во Северна Македонија.

***

Министерката за култура и претседателка на Националната комисија за УНЕСКО, Бисера Костадиновска- Стојчевска во однос на тековните активности поврзани со остварување на препораките на УНЕСКО вели дека во моментов Работната група ја изработува новата нацрт верзија на Законот за управување со Охридскиот Регион во која има предлог некои одредби да бидат избришани, во насока на избегнување на потенцијална закана за светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион.

-Спорниот член на кој укажуваат невладините организации, а кој се однесува на дефинирање на терминот „урбана трансформација“, во верзијата на новиот закон за управување се предлага да се брише. Се работи за термин на кој долго укажуваат и реактивните мисии во своите извештаи. Затоа решивме тој член да го тргнеме, односно да го видоизмениме за да не се дојде до мислење дека со тој член ние сакаме да придонесеме кон поголема легализација на дивоградбите. Напротив, се прави доста ригорозна селекција, односно скенирање на цел терен со помош на сите институции коишто имаат можност тоа да го направат, за да не се легализира ниту една дивоградба“, изјави министерката Костадиновска- Стојчевска за Македонската-радиотелевизија.

На прашањето околу последниот извештај на УНЕСКО, влијанието на невладниот сектор и прашањето на дивоградбите, како и задржувањето на статусот на Охридскиот Регион, министерката додаде дека од страна на институциите секогаш се упатува апел до општините да даваат поопсежни информации во однос на дивоградбите. Костадиновска-Стојчевска објасни дека во предлог на новиот закон прецизно ќе се уреди и објасни темата со дивоградбите, за да не се добие впечаток дека ќе се пристапи кон нивна легализација.

Во однос на другите правни акти кои се донесени и на кои се работи за заштита на Охридскиот Регион, Костадиновска- Стојчевска изрази задоволство од активното учество на невладиниот сектор и од нивното присуство на терен, во Струга и во Охрид. Во однос на извештајот на Комитетот за светско наследство, и задржувањето на Охрид на листата на УНЕСКО, министерката за култура го изрази задоволството од позитивниот извештај за што, како што рече, придонес имаше и тоа што нашата држава е меѓу првите кои го преведоа Упатство за иматели на недвижни културни добра во Охридскиот регион- Светско наследство на УНЕСКО.

–Ова Упатсво кое помага во изработка на сите видови мислења, ние го препративме до општините коишто се инволвирани, и бевме навистина пофалени за напредокот којшто го имаме. Најголем удел во тој позитивен извештај има Комисијата којашто до сега функционираше при Министерство за култура, а сега според договор и според Законот се префрла во Минситерство за животна средина и просторно планирање–, објасни министерката за култура. Таа додаде дека токму таа комисија браник којшто се бави со сите мислења од општините, инвеститорите, архитектонски друштва и планерите во урбанизмот.

Костадиновска- Стојчевска за МТВ истакна дека удел за позитивниот извештај од УНЕСКО имаше и соработката со Албанија, зашто за прв пат оваа година беше изготвен и заднички извештај од двете држави кон УНЕСКО.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.