ОСОГОВО И МАЛЕШЕВО: Промоција на интегрираните туристички понуди за развој на активен, алтернативен, рурален и одржлив туризам на Осогово и Малешево

33

Деновиве од Пехчево до с. Владимирово се одржаа настани за промоција на интегрираните туристички понуди за развој на активен, алтернативен, рурален и одржлив туризам на Осогово и Малешево.
Активностите се за поздравување и поддршка. Се работи за интегрирани туристички понуди во регалничкиот регион коишто се производ на Програмата за зачувување на природата во Македонија, проект на Владата на Швајцарија, координиран од „Фармахем“ од Скопје.
Како дел од компонентата за развој на активен, одржлив, алтернативен и рурален туризам, во рамки на проектот во изминатава година се спроведоа активности за подобрување на туристичката услуга во регионот и внесување нови содржини, како и подобрување на постоечките.


Заедно со тур операторите „Балкан Прајм Турс“ и „Маунтин експириенс“ поддржани се 8 различни даватели на услуги кои нудат автентични активности за туристи, без негативно влијание врз околината. Деновиве се организираше посета на поголемиот дел поддржани иницијативи од група тур оператори коишто овие содржини ќе ги вклучат во својата туристичка понуда.
Поддржаните иницијативи беа презентирани во Едукативниот центар за зачувување на природата во с. Негрево https://ecnegrevo.mk/, каде што чинителите на проектот објаснија за идејата, развојот и очекувањата на оваа извонредно интересна Програма, чијашто сериозност и сеопфатност навестува заживување на регионот.

Во текот на промотивни активности групата присуствуваше на работилница за рачна изработка на сапун од природни состојки под брендот „Мојот сапун“ http://mysoap.eu.mk/ , во Пехчево, каде што гостите беа пријатно изненадени од креативноста и умешноста на Даниела – идејниот творец на проектот низ којшто традицијата од Малешевијата е претворена во уметничка изработка на атрактивни екосапуни во најразлични форми со природни бои и богатство од мириси.
По посетата на блиската овчарска фарма „Агро Чука“ каде што во срдечен разговор со домаќините се дегустараше овчо сирење и домашни специјалитети, групата се упати кон пчеларската фарма „Кладенче“ над селото Владимирово.


Таму гостите одблиску се запознаа со новиот тренд во Европа – апитерапија којашто во својот крај ја донесоа младите Верица и Антонио, како желба за продолжување на семејна традиција во пчеларството, но и тежнеење да се внесе напредок и развој со имплементација на најновите текови во Европа и светот на ова поле.
Крајот на денот полн со изненадувања, беше резервиран за посета на новиот објет кој од неодамна го краси село Владимирово и Малешевијата – Културниот центар „Горан Алачки“ – сместен на врвот на ридот со поглед на селото и околината. Уреден во етностил, центарот за грижа, едукација и популаризација на етнокултурата, во извонредно срдечен амбиент, на присутните им дари вистинско малешевско топло добредојде со музика, домашно подготвена традиционална храна, органски пијалаци и информации за Центарот и селото, а потоа ручекот неосетно се прелеа во лирска вечер со инспиративна атмосфера разубавена со звукот на кавал, песната на Ленче и Горан Кукиќ и хармониката на домаќинот – Горан Алачки.
Сончевиот ден со боите на есента во Малешевијата, опиен од ароми, со вкус на домашни специјалитети и звук на кавал, песна и хармоника, и со мноштво фотографии и богатство од спомени од Пехчево до Владимирово, потврдува дека има со што да се пофалиме.

Заклучокот на членовите на групата беше потврда за Програмата и честитки до организаторите и поддржувачите на проектот, како и до сите поединечни даватели на услуги коишто се досега опфатени со Програмата што покрај горенаведените, вклучува и други атрактивни содржини коишто ги нуди овој регион, како што се: Ранч за коњи и терапија со животни Countryside retreat https://the-countryside-retreat.business.site/ ; Планински велосипедизам на Осогово и Малешево преку здружение на граѓани за развој на заедницата од Берово и секако, Хотелот Градче https://www.facebook.com/eurohotelgradce , сместен среде природа со уникатно богатство и убавина.
Овие понуди се креирани како дел од активностите на Програмата за зачувување на природата (ПЗП), проект на Владата на Швајцарија, координиран од компанијата Фармахем од Скопје, со помош на партнерите во креирањето на содржините – тур операторите „Балкан Прајм Турс“ и „Маунтин експириенс“.
Благодарение на една ваква прошетка, се збогатува сознанието за нашите домашни ресурси, се богатат спомените, а се засилува и гордоста, како и убавата енергија којашто ќе бара повторно да се врати на истите места и да открие нови, дома, во својата татковина.
Неопходно е да ги популаризираме нашите убавини и да ги храбриме и поддржуваме локалните херои коишто застанале зад својот сон и останале да вложуваат во содржините на земјата и инвестирајќи во иднината ги чуваат и јакнат и традиционалните вредности.
Воедно, може да побарате повеќе информации на нивната веб-страна: www.bregalnica-ncp.mk, или на фејсбук-страницата https://www.facebook.com/SoGrizaDoBeriket.

***

Камелија Левенска, Во име на „Фондација д-р Михаил Левенски“ чијшто тим сесрдно ја поддржува оваа иницијатива, согласно мисијата за негување на човекољубие и природољубие, преку зачувување на природата и наследството на нашата земја, а посебно на Малешевијата иелото Владимирово – родното место на Д-р Михаил Левенски.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.