Поканата да се посети Малешевијата, особено кога доаѓа од драги луѓе и соработници, изгледа нешто сосема примамливо во смисла на тоа да се види убава природа и да се вкусат национални јадења, тоа е она што очекуваш, сѐ додека не наидеш на изненадување кое потресувачки те пленило.
Малешевијата крева два прста и кани: “Тука сум, повелете!”
Беше навистина професионално задоволство да се најдеш на листата на промотивната тура низ Малешевијата со Програма за зачувување на природата во Македонија (проект на Владата на Швајцарија, координиран од „Фармахем“ од Скопје, заедно со туроператорите „Балкан Прајм Турс“ и „Маунтин експириенс“) која ќе ѝм се нуди на странци и домашни, морам да нагласам за оние кои се кондициски поподготвени, зашто оваа тура почнува од модерниот спортски туристички центар над село Негрево, каде ќе може да се постават шатори за велоспедисти. На неколку стотици метри подолу посетителите ќе може да се симнат и да си купат од вкусното сирење од овца. овчеполска праменка од овчарска фарма „Агро Чука“ на историчарот на уметност Маноил Стефановски, а ние имавме привилегија да бидеме почестени од домашното сирење и превкусен зелник од неговата домаќинка Билјана.
***
Продолжуваме кон Пехчево, да видиме како се подготвува домашен сапун под брендот „Мојот сапун“. Ќе помислите дека тоа е на некој огромен простор на средина со казан, сѐ додека произведувачите- мајка хемиски инжењер, и ќерка наследничка, со помош на својот татко, нѐ ви кажат дека почнале во нивната подрум, па во работилница, а нам ни покажаа како се изведува тоа и во домашната кујна- глицерин се топи во микровална печка, се турива во калапи, ѝм се додава природна боја за вкус и мирис по желба (мед, куркума,невен, лаванда, кафе… ), свинска или говедска маст и сапунот е готов, а најдобар за употреба откако ќе отстои неколку месеци.
Тоа парче на уметност, во продавница чини три пати поскапо од фабричкиот сапун, мириса опојно и ти ги гали сетилата,а стигнал дури до саемот во Мадрид.
Остана нереализирана посетата на ранчот на коњи на Марија Дуда, странкинка која случајно налетала на Македонија и останала тука, но следната точна на посета- апи центарот- пчеларската фарма „Кладенче“ во Владимирово, беше неизбежен. Не и за мене. Имаше доста за искачување, следен пат на апитерапија кај Верица и Антонио.
Првичната информација која ја добивме на влез во сега веќе испразнето село е дека има околу 150 доктори на науки, ќе вѐ наведе да помисла дека ова е село е посветено (само) на наука, на сегашноста и иднината, а потоа ги дознавате фактите за историското минато.
Додека екипата од 15-тина членови се упати кон ридот, мене сопственикот на агенцијата “Компас”, која нуди вакви програми исклучиво за странци, ми помогна да стигнам до Културниот центар, бранејќи ме од некое случајно куче.
А Културниот центар е една модерна куќа во етно стил, или подобро објаснето- хотел со пет современи апартмани и етно дневна соба- ресторан, сместена на ритчето- од неа излезе срдечниот и насмеан сопственик- маестро Горан Алачки, кој нѐ пречека со специјалитет ликер од бозел, а неговата Марина со лепче со масло “Хунза” за “добредојте”, како што ги пречекуваат на нивните семинари бројните ученици од странство.
Ако помисливте дека тоа е сѐ за Културниот центар, не брзајте, почекајте.
***
Глетката на идила како од вилерови гоблените ме задржа во дворот. Наспроти оваа преубава куќа сместена на ритчето се наоѓа друго ритче идентично на ова, на кое се распослала лединка, од страна една китка дрвја на тивкото ветерче размавтува со богатите крошни, од десно е училиштето во кое годинава не се запишал ниеден ученик, а погоре двете цркви- старата Свети Спас и манастирот Свети Илија, а над нив само небото и облаците ја поздравуваат оваа недопрена природа и божествен мир.
Додека седиме и во дворчето се запознаваме со славното минато на Владимирово, пред нас се веат знамиња на разни земји. Еве, дознаваме за долговечниот дедо на Горан, илинденец кој бил од дружината на Гоце Делчев, за посетите на Учителот некогаш кај нив тука, за итроштините со кои селаните пркоселе на зулумџите и за битката кај Готен, која се смета за победничка затоа што во неа се здружиле сите раскарани Македонци и покосиле преку стотина зулиуџии, кои потоа, по наредба на султанот, нивните тела ги носеле и ги испраќале свирејќи тажна музика.
Музиката е славно обележје на овој крај, тоа што тоа што се Мајовци на тапани за западна Македонија, тука биле свирачите со зурлите, но ова што го слушнавме треба да нѐ потсети дека музиката треба да биде само за убаво, да не се војува и поробува, треба сплотеност и мирен живот.
***
Додека здивот ти подзастанува од легендите од минатото, времето поминало, групата дојде и влеговме во домот, од каде се уште преку порозорците ја имаш истата идилична глетка, но се чувствуваш топло покрај каминот.
Не може и не смее да се седне додека не се проба од превкусните зелници со праз и со блитва, од специјалитетите кои ги подготвила тетка му на Горан, неговата втора мајка, тој неодамна се збогува со мајка си и е доста емотивен… Потоа од слаткиот беровски компир кој Горан лично нѝ го послужи,од врелото котлето, во кое ги вареше на тивок природен оган во дворот, од баклавата на малешевски начин… од ликерите на скопјанка која по пензионирането живее таму и прави лековити џемови, слатки, ликери, од природни состојки.
Присутните беа емотивно затекнати од говорот на Камелија Левенска, негова прва братучетка, а и самиот Горан, кој по неа со кнедла во грло и насолзен продолжи да нѐ поздравува на свој начин, најдобро тоа го направи со хармониката, во придружба на етнокореологот на кавал, малешевецот Методи Скендерски Скендерски. Славеите од Струмица Ленче и Горан Кукиќ влетаа како изненадување и ги испеаја “Лино Севдалино” и “Јовано Јованке”, собраа силен аплауз и си заминаа, а маестро Алачки ни објасна дека оваа песна е најпеана и најпосакувана поради едноставната мелодија која е маестрална.
***
Тоа е сѐ ќе помислиш и се подготвуваш за враќање, полн со впечатоци, до моментот кога суптилно на увце нѐ покани, мене и Билјана Крнческа да нѐ однесе во старата куќа, на неколку метри подолу во дворот и не е толку стара ами е во стилот на староградски куќи, што оддава дека биле имашно семејство. Влегуваме и вели- ова ќе биде музејот.
На прва се чини личен, потоа сфаќаш дека е национален, интернационален.
А таму веќе е во процес изложувањето на ѕид на неговиот музичко творечки живот, погодувате што сѐ? Не можете, зошто и ние кои го следиме во чекор се изненадивме, како да станува збор за сосема непознат човек.
Тука се фотографии и написи за неговиот настап на Олимпијадата во Сараево во 1984 година, насловната на некогаш најпопуларниот југословенскиот весник “Вечерње новости”, насловната на “Сабор”- (заедно со Блаже Маротов, млади), фотографии од првите турнеи во Австралија уште како дете, со Александар Сариевски и актерот Дарко Дамески, со Васка Илиева, Драган Мијалковски и што не. Албуми, цедиња, плочи, почесни дипломи од Универзитети од разни меридијани, од институции од многу странски земји, но не видовме признание од нашето Министерство за култура, така кај нас стојат работите, зар не?
Не фотографирав ни барем една фотографија, сакам кога сѐ ќе биде готово, додека Билјана не оддолеа и нешто бегло “фотна”.
Велат човек се враќа на своите корени, кога има полн куфер,што го наполнал надвор од своето место . Маестро се вратил со уште плус четири нераспакувани куфери кои чекаат да бидат отворени и нивното архивско богатство пренесено на “старите” ѕидови.
Сега јас кревам два прсти “Сакам пак да дојдам во Малешевијата” и да го посетам кога ќе биде официјално отворен музејот (и Културниот центар), и да останам неколку часа, пардон, неколку дена, да го разгледам од А до Ш. Затоа што, морам и сакам наново/ одново да го запознам маестро Горан Алачки.
Валентина Ѓоргиевска Парго
Независен новинар и уредник во ” Куларт”