СЕ ОГЛАСИ ЗЏМ: Треба синергично да соработуваме и заедно да создаваме културни вредности со Филхармонија!

148

Скопје, 3.04.2023 година

По неодамнешната реакција на Македонска Филхармонија и петицијата потпишана од 108 вработени, со која се бара НУ „Оркестар за џез музика” да не биде сместен кај нив, ден со официјален став се огласи и Здружението на џез музичари. Тие во својот допис до медиумите, напишаа:
-По одлуката објавена од страна на Министерството за култура и Владата на Република Северна Македонија, за основање на национална установа „Оркестар за џез музика во Република Северна Македонија“ – Скопје, добивме исклучително позитивни реакции од страна на целокупната македонска јавност, но и честитки од нашите колеги во регионот кои ја поздравуваат добиената шанса нашата дејност да биде официјализирана и институционализирана преку основањето на џез оркестарот. Токму затоа, бевме особено
изненадени и затекнати од изнесениот став од страна на нашите колеги од Филхармонија околу заземениот став по одлуката на владата според која просторно “оркестарот се планира да биде сместен во објектот на НУ Национална филхармонија, а по потреба ќе го користи и музичко- сценскиот простор на НУ Национална опера и балет”. Во тој контекст, сметаме дека и ние треба да го изнесеме нашето видување на целата настаната ситуација.
Разбирлив е отпорот кон промени, но не можеме да ги оправдаме ниту прифатиме како основани изнесените ставови од страна на нашите колеги. Имено, би сакале да ги потсетиме нашите колеги за нашите заеднички реализирани проекти и потврдената квалитетна соработка во текот на овие 7 години работење на ЗЏМ Биг Бендот. Ова е период во кој Биг бендот успеа да реализира огромен број концерти во преполни сали за кои се бараше билет плус, на кои како гости учествуваа значајни имиња од земјава и регионот и чиј квалитет беше препознаен од целата македонска јавност, а дел од тие концерти беа реализирани во соработка токму со нашите колеги од Филхармонија. Драги нѝ се овие соработки со Филхармонија, голем дел од концертите и пробите за овие концерти се случуваа токму во просториите на Филхармонија, па можеби затоа природно произлегла идејата нашата институција да има свое седиште токму во овие простории.
Ако земеме во предвид дека станува збор за две институции кои функционираат на исто поле- музика, уметност, култура, наше мислење е дека овие институции треба синергично да соработуваат, заедно давајќи придонес во создавањето културни вредности. Во нашиот случај станува збор за новооформена институција, за прв пат после толку години во нашата земја има џез оркестар, па од наш заеднички интерес е да делуваме смирено и сплотено, најколегијално сите да придонесеме во формирањето на уште една културна установа која ќе промовира вистински вредности и висок квалитет.
Да не го занемариме и фактот дека последниве дваесетина години се продуцираше исклучително квалитетен кадар од областа на џез музиката, таленти чиј квалитет и работа се неспорни, земајќи го во предвид школувањето на најдобрите европски и светски џез академии, како и џез академиите во Скопје и Штип. Покрај образованието, нивната работа е забележана и потврдена во земјава, но и надвор од неа; тоа е кадар чие место на професионално функционирање, но и обезбедување животна егзистенција, е токму во еден ваков оркестар. Да не дозволиме да го изгубиме овој кадар, туку заедно да придонесеме во создавањето нови приказни на квалитетна музичка соработка.
За крај, би сакале да апелираме, да не се избрзува со предвремени реакции пред конечното утврдување на тоа како ќе функционира новата институција, и заеднички, Министерството за култура, Филхармонија и ние како претставници на Џез оркестарот, објективно да ја процениме целата ситуација, да се утврдат условите под кои нашата институција ќе може најдобро да функционира, и да се дојде до решение кое ќе биде во најдобар интерес за двете институции.

Здружение на џез музичари

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.