Осврт од отворањето на „Пејзажно искуство“ пред македонската публика

25
Во моментов, во Националната галерија се случува мултимедијален наратив за уште една успешна приказна,  претставување на националниот проект „Пејзажно искуство“ од 59. Венециско биенале 2022, (“Landscape Experience”), во Чифте амам, кое започна на 30 март 2023 и ќе трае до 30 април 2023 година и е наменет за широката македонска публика.
Проектот Landscape Experience на Мотеска и Јанкулоски претставува осмо учество на Националната галерија како официјален организатор на нашата земја на Биеналето во Венеција, што претставува гордост, но секако и одговорност и константен предизвик за презентациите на македонските автори кои со своите автохтони визуелни ракописи се во склоп со светските актуелни тематики.
Овие податоци говорат за основната визија која што ја реализира Националната галерија, а се однесува пред се на презентација на квалитетни авторски остварувања на реномирани македонски уметници кои ја претставуваат нашата земја на ова најпрестижно светско биенале на визуелните уметности. Преку успешноста на овие претставувања, кои на авторите им донесоа нови меѓународни соработки, се потврдува и местото на Националната галерија како една од водечките институции во земјава во областа на визуелните уметности, на отворањето истакна директорката на Националната галерија, д-р Дита Старова Ќерими.
Во освртот кон изложбата, кураторот Ана Франговска запиша: Уметничките истражувања на Моника Мотеска и Роберт Јанкулоски со својот наратив припаѓаат на широкото поле на уметнички искази кои ѝ даваат важност на културата на сеќавањето. Присутна веќе неколку децении низ различна теориска, научна, уметничка и културна практика, културата на сеќавањето има сè поголемо значење не само во конституирањето на историјата „која ја пишуваат победниците“, нејзината митологизација и критика, туку и во контекстот на изградување на лични и колективни идентитети – родови, расни, етнички, верски, социјални и други…
А за кавлитетот и интересот на публиката зборуваат аргументи и факти кои се непобитни, на самото отворање присуствуваа голем број на посетители, бројка според сите наши очекувања. Во текот на првиот викенд по отворањето на изложбата е забележана голема посетеност која циркулираше непрестано, во континуитет во рамките на распоредот за посета. Нескромно ќе споделиме дека години наназад, Националната галерија е институција со сериозен импакт на културната национална сцена, претставува дел од крвотокот на движењето на визуелната уметност, културни случувања во градот и регионот. Овој заклучок е изведен според податоците за континуирана, секојдневна посета на голем број на љубители на уметноста, домашни и странски посетители.  
Во оваа прилика го најавуваме водството низ изложбата од страна на уметниците Јанкулоски/Мотеска и кураторката Франговска, кое ќе се случи во сабота, 8 април 2023, во 12.00 часот, Чифте амам. 
Повелете заедно да го пронајдеме одговорот на прашањето: Што значи да се постави ранетиот пејзаж како архива на историски повреди и како оваа поетика на просторно сведочење функционира како начин на геополитичка критика?
 
Фотографија: Маја Аргакијева
 
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.