Шенол слави 30 музички години, со нов албум!

138

Еден од оние битолски пејачи кои се присутни веќе три децении на нашата сцена, е и Шенол Мемиш, кој во своите почетоци настапуваше под името Шенол, а денес е една половина од дуото “Аманет”. Изминативе три децении, тој издаде две аудио касети, а во моментот работи на јубилејниот албум ”Шенол, 1992 – 2022”, кој ова лето ќе биде објавен на ЦД во продукција на ”Сенатор Рекордс”.

-Во 1992 година, во малото аматерско студио ”Микс”, на Миодраг Неќак во Битола, десеттина млади групи и солисти од градот под Пелистер ги снимија првите демо снимки, кои се објавуваа во емисијата ”Демо ТОП 10” на Радио Битола. Емисијата имаше за цел промовирање на нови песни од битолските групи и поединци, кои немаа услови да учествуваат на, во тоа време единствениот фестивал на забавни мелодии ”Макфест”, а сепак имаа свои авторски песни. Емисијата, која ја водеа сега веќе покојниот Менде Петковски и Соња Тантарова, предизвика голем интерес во јавноста и за кусо време, повеќекратно се зголеми бројот на групи и поединци кои снимаа песни во студиото ”Микс”. Со отворањето на првите приватни радио – станици во Битола, но и низ Македонија, музичарите имаа на располагање повеќе електронски медиуми на кои можеа да им ги презентираат нивните песни. Во меѓувреме, Миодраг Неќак набави помодерна опрема за снимање и со тоа ги зголеми можностите за поквалитетни музички творби. Во тој период, за младите музичари, многу значеше и поддршката од Македонската телевизија, која им овозможуваше учество во ”Пулсирања” и ”Неделно попладне”, како и од печатените медиуми ”Вечер”, ”Екран” и ”Нова Македонија”, се посетува Шенол Мемиш, познатиот битолски интерпретатор и автор.

Денес, 30 години подоцна, на прстите од едната рака можат да се избројат групите и солистите од Битола кои тогаш ја започнаа нивната активност, а сѐ уште се занимаваат со музика. 

Голем број екс југословенски и македонски групи и пејачи со албум или концерт ги одбележуваат значајните датуми од нивната кариера. Минатата година, Општина Битола, во пресрет на новогодишните празници, организираше десетдневен настан на кој бевме поканети сите кои се занимаваме со музика. За време на настапот, најавувајќи ги песните, се сетив дека 2022 година е всушност јубилејна за мене, бидејќи во март, 1992 година, јас ја снимив мојата прва песна Збогум мила. Идејата за јубилеен албум дојде спонтано, сакам едноставно да оставам трага, спомен од една триесетгодишна активност, време кога многу повеќе се твореше, имаше поголем број на настапи, интервјуа, време кога пејачите беа ѕвезди, а не политичарите како денес, вели Шенол.

На албумот кој ќе го издаде, ќе се најдат десеттина песни, осум објавени на неговите две касети и две снимени со Аманет. На дел од неговите песни, гостуваат Каролина Гочева, Пеце Огненов, Софија Кочевска, Сашо Паркет, Јованка Ристевска, Бранко Паљач и Зоран Скроч од Чоканче и голем број други битолски музичари. За песните Добро утро, убав ден и Македонија музиката и текстот ги напиша Драган Романски.

-‘Доколку се тече според планот, промоцијата на албумот ќе се одржи до крајот на летото. Планирам да ги поканам сите мои соработници кои учествувале во создавањето на моите песни, како и новинарите кои од самиот почеток ја поддржаа мојата активност и ме мотивираа да го работам тоа што го сакам и духовно ме исполнува, ветува истрајниот музичар.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.