Успешен Mоден Викенд во Скопје

33

Под мотото „Јазикот на етиката и дизајнот”, Моден Викенд Скопје го означи својот старт по 26 пат, годинава на нова локација во East Gate Mall и со нов концепт, календарски и концептуално вклопувајќи се во Деновите на италијанскиот дизајн во соработка со Италијанската Амбасада во Скопје и Италијанската агенција за трговија ITA.
Деновите на италијанскиот дизајн се одржуваат ширум светот, иницирани од страна на италијанското Министерство за надворешни работи и меѓународна соработка преку италијанските амбасади, институти за култура и трговски агенции за промовирање на италијанскиот дизајн и архитектура.
„Годинешната тема на Деновите на италијанскиот дизајн е „Квалитет кој просветлува. Енергијата на дизајнот и за луѓето и за околината”.
Го избравме овој наслов затоа што со својата интелектуална и продуктивна енергија, италијанскиот дизајн има намера да помогне да се донесе светлината во период во кој се чини дека преовладуваат сенките и темнината, и да го направи тоа користејќи го квалитетот кој отсекогаш бил негов белег. Во овој контекст, зборот квалитет не е толку синоним за луксуз, туку фактор на одржлив и одговорен развој„ – истакна Амбасадорот на Република Италија, Андреа Силвестри кој го отвори настанот.


Италија е број 1 во светот по бројот на дизајнерски компании, а всушност дизајнот е во голема мера одговорен за успехот на тие производи. Впрочем, италијанските производи отсекогаш биле поврзани со квалитет, висока специјализација, диференцијација и елеганција.
Модната индустрија е срцето на брендот Made in Italy, термин кој се користи од 1980 година за да ја означи меѓународната уникатност на италијанските производи, особено во четирите главни индустрии, популарно познати како „Four F”: храна, мебел, Ферари (автомобилски) и токму Fashion.
„Италијанските брендови се познати во светот како симболи на стил. Всушност, италијанскиот се смета за јазик на модата, ѝ на македонски се вели мода.
Така, вечерва, иако сум многу среќен што со East gate ги презентирам најновите колекции на многу важни италијански брендови, сакам да им оддадам почит не само на овие фирми, туку и на дизајнерите и занаетчиите кои се глобални водечки во облеката и обувките„ – истакна амбасадорот.
На познатата писта на Моден Викенд Скопје, на која повеќе од четврт век во овој крај на светот, продефилирале и дизајнери и имиња на модели кои значат многу кај нас и глобално, синоќа ги презентираше колекциите на ARMANI, LIU JO, PATRIZIA PEPE, TWINSET, SIGMA JEWLERY, DAN JOHN, ERREA, LEMARE, TOSCA BLU, BARK SHOES, FRATELLI BOVO, DANIELA COARO, UTOPIA, SERGIO ROSSI, TRUSSARDI, KIKO MILANO… со што го направи најавениот спој на возбудата и гламурот кои ги поседуваат италијанските славни брендови.
Тридневната модна смотра по отворањето, продолжи со промоција на домашните дизајнерски сили на модната сцена: “Hope this feels familiar” – соработката помеѓу модната дизајнерка Теодора Митровска и визуелниот уметник Душан Стефановски, модната ревија на студентите на Интернационалниот институт за мода Изет Цури, колекцијата “Goddess” на EMIRA YMERI, YAMUNA SHOW со уникатна колекција на марами – powered by IQOS, УРМА имаше свој интересен поп ап простор.
А имаше и јавна дебата на “Мала но совршена: Енергијата за дизајнот за луѓето и околината” со интересни соговорници, панел дискусија со Текстилниот Кластер кој ја најави и првата дигитална модна ревија на Искра Џокиќ Кецап насловена IKIVERSE.

На THE BRIDAL FASHION, беа претставени колекциите на „Ал Апарел” на Наташа Карчева, SIGMA Jewelry, VLORA & KALTRINA и FA-BU на Јагода Пачемска.

Свој поп- ап продажен простор имаше и УРМА – првата концептуална онлајн продавница кај нас, која го соединува пазарењето со културата на живеење, пружајќи им несекојдневно и стилско купувачко искуство на клиентите со дизајнерски производи од висок квалитет, како и внимателно одбрани производи од етаблирани брендови, креирајќи селекција која има и културни придобивки за купувачите.
Програмата во трите денови ги претставува најважните аспекти на одржливата мода, но и на иновативните процеси кои ќе ја определуваат во иднина.
Активизмот на Моден Викенд Скопје, низ бројни општествено одговорни проекти најмногу поврзани со циркуларната мода, со години наназад го врти вниманието кон одредени проблеми во нашето опкружение и иницира начини да се приближиме кон решавањето на истите.


Што донесе последниот ден?

Тридневното модно патување на 26. издание на Моден Викенд Скопје, заврши на 11 Март 2023 година, во East Gate Mall со “The Bridal Fashion Night”.
Последениот ден од настанот беше “The Bridal Fashion Night” кој беше кулминација на најновите трендови и дизајни во невестинската мода, програма која не ги разочара присутните.
Ревиите на пистата беа спектакуларен приказ на креативноста на дизајнерите кои ги покажаа своите најавангардни дизајни, со неочекувани силуети и комплицирани детали. Ревиите кај невестинската мода се убав миг, во кој моделите избрани на кастинзите чекорејќи по пистата, ги оживуваат дизајните.
Серијата ревии ја отвори Наташа Карчева и нејзиниот бренд AL APAREL, кој е синоним за детали и рачна изработка од најфини материјали. Од деликатни до авангардни силуети на оваа колекција, се гледа уникатната визија на дизајнерката која остава големи импресии.
Потоа следуваше ревијата на SIGMA Jewelry, бренд за ексклузивен италијански накит кој повторно изнуди воздишки со новата луксузна колекција за претстојната сезона. Оваа ревија, преку несекојдневен моден перформанс ги претстави новите трендови во кои идните невести со префинет вкус за аксесоари, несомнено ќе се вљубат на прв поглед во раскошниот сет ланчиња, обетки и прстени во кои моделите продефилираа на пистата, затоа што му даваат посебно благородна нота на целокупниот изглед за големиот ден.
VLORA & KALTRINA- couture collection е модна рефлексија која се базира на филозофијата за елегантна женственост. Секоја нивна креација е рачно изработена, а тоа внимание кон деталите кое е претворено во љубов кон истите, ги прави нивните креации од класично елегантни до модерно софистицирани.


Големото финале беше оставено за FA-BU на Јагода Пачемска, дамата од арт-студиото за цвеќе „Фа –Бу”, која изработува несекојдневни фустани од свежо цвеќе. Ова се креации кои го одземаат здивот, а Пачемска секогаш инспирирана од убавината која ја дава природата преку цветови и зеленило, како и нежноста која тие ја имаат открива креации за кои не сте ни сонувале. Фустаните од цветови се иновација, која е нова димензија во модниот дизајн. Ова се и еко френдли креации, зошто цветовите од вашиот фустан можат да се компостираат по нивната употреба.
Модниот Викенд Скопје е познат по можноста покрај ревијите на пистата, присутните да имаат можност да комуницираат со дизајнерите. Многу од дизајнерите ја споделија својата инспирација и креативен процес, давајќи им на присутните уникатен увид во светот на невестинската мода.
Моден Викенд Скопје и со ова 26. свое издание, беше прослава на креативноста, стилот и иновативноста во модната индустрија, со одличен одзив кај публиката.
Покрај низата модни ревии, изложби и работилници, прикажувајќи ги најновите трендови и стилови и од етаблираните и од новите дизајнери, присутните имаа можност да се сретнат и да комуницираат со дизајнери, експерти во светот на модата, блогери, модели и инсајдери во индустријата, како и да научат повеќе за светот на модата и дизајнот низ различните аспекти на креативниот процес.
Модните ревии беа врв на настанот, со прекрасни колекции од врвни дизајнери и брендови. Од авангардна мода до шик подготвен за носење, ревиите понудија разновидна палета на стилови и естетика што им се допадна на модните ентузијасти, а и на искусната стручна публика. Дизајнерите ги покажаа своите колекции на пистата, а присутните можеа одблиску да ги погледнат ткаенините, боите и текстурите на облеката.
Покрај модните ревии, Моден Викенд Скопје вклучи и јавни дебати на тема одржливост во модата и циркуларна економија, виртуелна ревија и реална изложба, поп ап дизајниран простор за концептуални продавници…сѐ под мотото „Јазикот на етиката и дизајнот”, вклопувајќи се во Деновите на италијанскиот дизајн во соработка со Италијанската Амбасада во Скопје, Италијанската агенција за трговија ITA и East Gate Mall.
А ова се компании и брендови кои се поддршка на целиот настан: P2P, SN финансии, Smart Living, СН осигурителен брокер, Sax gin.
Манекенките ги разубавуваше официјалниот партнер за фризура Alfaparf Milano Professional во соработка со школата „Димитар Влахов”, како и KIKO Milano официјален партнер за шминка во соработка со „Школата за Убавина АРТ”.
Пријател за нега и убавина бепе француската медицинска козметика Uriage – за здрава и негувана кожа без брчки, овој бренд ја има добитната формула.
Исто како ново! За три пати подолг век на траење на вашата облека – Первол Renew.
Слоганот на нашите слатки партнери е: Животот е посладок со Сандеј!
Бајадера. Ткаена со задоволство!
Maya- официјална вода на настанот и верен поддржувач на македонската мода и убавина.
Одблесокот на огледалата од уметничката инсталација на MG ART беше вистински магнет за селфи фотографии.


Фото: Ѓоргиј Ристоски

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.