Еден возбудлив џез “Romann”, преслушан со многу внимание!

13

Ако ова време е најава на пролетта, може да се каже дека официјалната најава на музичката пролет ја направи младиот и талентиран џезер Филип Динев, со влез во пролетта е на вистински начин- слушачката промоција на неговиот албум Romann во „Аудиокултура“.

Промоцијата беше проследена со големо внимание, а се одржа на 20 март 2024 година, во очи на самото влегување во пролетта (и рамноденицата), како годишно време во кое се буди природата, а кај посетителите на овој настан се будеа чувствата, дури оние најпотонати во сон.

Преполниот и секогаш пријатен музички дом “Аудиокултура” беше исполнет со радост и вдахновен младешки џез во секое катче, впрочем сосема разбирливо кога на “сцената” беа извонредни музичари, Динев и неговите со-изведувачи Мартин Ѓаконовски и Виктор Филиповски.

Музичкото искуство на Динев бележи бројни музицирања со македонски џез музичари, но со ова свое интернационално трио тој настапува и низ светот, и белешки успеси. Оттука не беше чудно што “сиот тој музички џез свет” беше во публика, почнувајќи од водечкиот организатор Оливер Белопета директорот на Скопскиот џез фестивал, Костадин Шурбановски од 103-ка, Гоце Стевковски директорот на новоформираниот Му Национален џез оркестар, младите џезери кои ја освојуваат нашата сцена, Сашо Поповски директорот на “Битола џез фактори”, на кој Динев има настапувано, исто така и Никола Коџобашија познат музичар кој живее во Лондон и ред други.

А, посебно изненадување на вечерта беше присуството на легендарниот Коце Динев член на култната гевгелиска група “Зијан”, што само ја откри и информацијата, за оние кои не знаеја, дека овој млад џезер е всушност негов наследник.

Гордиот татко, како и сите присутни, целосно уживаше во музиката на Филип, во која преовладува еден креативен и импровизирачки дуд, овој пат доловен преку фантастичната звучна репродукција на High End аудио системите од Тeoharov Audio.

Инаку, за нашиот портал неодамна Филип  ја објасни својата музика на овој прекрасен албум:

– Со „Romann“- среќен сум да споделам музика која сум ја компонирал и свирел на разни места во светот изминативе неколку години, како Хамбург, Талин, Париз, Будимпешта, Скопје, Гевгелија… Секоја композиција си има своја приказна, или барем мене ме потсеќа на некој период од мојот живот, или на некого. Како посебно носечка и важна за некако ја издвојувам -„Morgеanland“. Таму се слушаат балкански примеси и сѐ се одвива многу органски, што е релативно тешко да се изведе со било кој состав. Овој албум е своевидна инверзија на претходниот- „Szvetlo“. Тука темпата се побрзи, звукот е по р’ѓав, има поголема доза на непослушност, но и поголема композиторска зрелост би кажал…

Динев, тоа го откри во своето неодамнешно ексклузивно интервју, а она што сега открива е дека со триото следуваат настапи на повеќе истакнати фестивали и клубови, со своите два  албуми, облагородени со свежа младешка авторска енергија.

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.