Втора вечер на јубилејниот OFFEST

79

Скопје, 11 ноември 2021

По прексиноќешното волшебно отворање на 20. издание на ОФФест, со извонредниот настап на португалско-шпанското дуо ЛИНА И РАУЛ РЕФРИ, кое на најубав можен начин ја претстави својата визија за фадото на 21 век, нашиот најголем и најзначаен фестивал на музика на светот продолжува натаму.
Втората вечер (вечерва, 11 ноември, во НОБ), на јубилејниот ОФФест е резервирана за инспиративниот авант-фолк на словенечкото трио ШИРОМ и за апокалиптична самба на бразилскиот гитарист и композитор КИКО ДИНУЧИ и неговата специјална гостинка, пејачката ЈУСАРА МАРСАЛ. Тие вечерва, пред скопската публика, ќе ги претстават своите актуелни музички проекти на кои работеа последниве неколку години.

Словенечката инструментална тројка

ШИРОМ отсекогаш трагала по својот оригинален, досега неслушнат, автентичен звук. Нивниот „имагинарен фолк“ освојува нови креативни територии и искуства со калеидоскопскиот трет албум, „A Universe that Roasts Blossoms for a Horse“ објавен за реномираната дискографска етикета Glitterbeat Records, како и нова серија концерти низ светот. Испреплетувањето на различни музички пристапи и инструменти, истории на звуци и нескротлива музичка фантазија и вештина е широкиот водечки принцип на Широм, чии членови потекнуваат од различни региони на Словенија (Прекмурје, Толминско и Крас). Повеќе од дузина инструменти, рачно изработени но и светски познати, може да се најдат на репертоарот на Изток Корен, Само Кутин и Ана Кравања и најмалку уште толку музички форми што можат да се доживеат како инспирација зад ликот на овој нов ансамбл. Ова генерира оригинална, стилски хомогена форма на изразување што осцилира помеѓу еден широк спектар на фолк звуци и современи акустични рок медитации. Крајниот резултат е непретенциозен, но во исто време и мистичен минимализам. Музиката на Широм е контемплативна, но може да стане и тврда кога е потребно, повеќе бендовска одошто камерна и повеќе улична отколку урбана по својата природа.

Инспириран подеднакво од Жоао Жилберто, Fugazi, африканската полифониска музика и од родниот Сао Паоло, бразилскиот гитарист и композитор КИКО ДИНУЧИ, во придружба на пејачката ЈУСАРА МАРСАЛ вечерва во Скопје ќе го претстави албумот „Rastillo“, кој откако се појави (октомври 2020) постигна молскавичен успех и репутација на ремек-дело, доживувајќи еуфорични пофалби од светската музичка критика. Вистински гитарски албум, каде инструментот „покрива“ сè друго, а вокалите и текстовите ги истражуваат текстурите на фолк музиката со масивен, перкусивен и енергичен начин на свирење. Албумот потсетува на бисерите на бразилската музика од минатиот век. Секогаш водејќи се од идејата гитарата да ја свири како перкусивен инструмент, Динучи во себе ги носи влијанијата на легендите на бразилската песна и акустичната гитара како Доривал Каими, Баден Пауел, Жоао Боско или Жилберто Жил, како и искуствата стекнати на панк-рок/хардкор сцената од деведесеттите во Сао Паоло, но и од самба сцената и религиозните „кондомбле“ активности. „Извонреден од почеток до крај“ (Џајлс Питерсон), албумот „Rastilho“ го зацврстува Кико Динучи како еден од најзначајните експоненти на современата бразилска музика.

Оффест годинава се одржува од 9 до 13 ноември.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.