“РЕФЛЕКСИИ“ на Жарко Башески во Националната галерија на Косов

187

Во рамките на меѓународната соработка, во организација на Националната галерија на Република Северна Македонија ќе се отвори изложба на Жарко Башески со наслов РЕФЛЕКСИЈА во Националната галерија на Косово, Приштина, на 12 ноември 2021, во 19 часот.

Интересот на неговата уметничка дејност е свртен кон човекот, оттаму произлегува и интересот за хиперреалистичниот пристап во оформувањето на концептот на неговите дела, кои во теоретската проекција го надминуваат и хиперреализмот, зборувајќи за животот и светот во кој што живееме.

Творештвото на Жарко Башески е изложувано во повеќе галерии и музеи во земјава, регионот, Европа и светот и беше претставник на Македонскиот павилјон на 54-тото Меѓународно уметничко биенале во Венеција во 2011 година. Со учеството на изложбите 50 Years of Hyperrealistic Sculpture, која е презентирана на сите континенти во светот, и Corpus Domini (Pelazze Realto, Milano, 2021), на кои изложуваат влијателни уметници како што се Ron Mueck, Maurizio Cattelan, Duane Hanson, Joseph Beuys, Ai Weiwei, Joseph Kosuth, Christian Boltanski, и многу други, Башески го привлекува вниманието на галериите и музеите и постојано е присутен на значајни изложби во репрезентативни изложбени простори.
Жарко Башески жестоко ги коментира рецентните општествени, политички и културни превирања, како на локално така и на глобално ниво. Во контекст на неговиот интерес за реакција на социо-општествено-политичките идеологии од далечното и блиското минато, иронично и интеррогативно, понекогаш и саркастично реагира со транспонирање и редефинирање на актуелните состојби, при што го соголува системот во кој главен збор водат организации на водечките светски сили што под превезот на „подобрување на животот“ го преструктуираат глобалниот поредок, сè заради зачувување на сопствениот интерес. Луѓето се современи сведоци на драматичните мали и големи промени што општествата ги доживеале во историјата која постојано се повторува.

 

Биографија на авторот

Жарко Башески, роден во Прилеп во 1957 година, е македонски вајар и професор на Факултетот за Ликовни Уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Дипломирал на ФЛУ во Скопје на Катедрата за вајарство во 1988 г. Постдипломските студии ги завршил на истиот Факултет во 1998 година. Од 2000 г. до денес работи како професор на Факулетот за Ликовни Уметности во Скопје, во звањето редовен професор.

Тој е автор на повеќе од дваесетина споменици и јавни скулптури кои се поставени во неколку градови во државата. Меѓу поважните споменици се вбројуваат: “Гоце Делчев” и “Даме Груев” во Скопје, “Кирил и Методиј” на Камениот Мост во Скопје, “Кузман Јосифовски Питу” во Жена Парк, Скопје, “Генерал Апостолски”, Гази Баба, Скопје, “Александар Македонски”, Прилеп, “Итар Пејо”, Прилеп, “Методија Шаторов Шарло”, Прилеп, “Ѓорче Петров”, Прилеп, “Кузман Јосифовски Питу” , Прилеп и други како и скулптури во простор: “Скршено Крило”, Центар, Скопје, “Распукан Куршум”, Ѓорче Петров, “Феникс”, Стара Железничка, Скопје, “Балканика”, Уни Банка, Скопје, “Купола”, дел од проект Храм, ДКУ Скопје.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.