Битола: Над 600 посетители на еднодневниот Саем на креативни индустрии

24

Битола, 25 Ноември 2022
Повеќе од 600 посетители, од кои најмногу основци и средношколци, ги погледнаа креациите и иновациите на креативниците од Битола и околината на еднодневниот Саем на креативни индустрии што се одржа завчера во Офицерски дом Битола.
На саемот се претставија 20-тина изложувачи од различни области од креативните индустрии- аугментирана реалност, рачно цртани парчиња облека, копаничарство, уникатни парчиња накит, издаваштво, сликарство, еколошки производи, детски играчки, роботика, дигитален маркетинг, лампи од реупотребени материјали, улична уметност и илустрации, слоу фуд или „нова гастрономија“ посветена на традиционалната храна, локалните ресурси и новите технологии, слоу фешн итн.
Саемот за креативни индустрии се одржа во два дела, од кои првиот се случи на почетокот на месецов во Скопје и истиот обедини повеќе од 40 изложувачи. Настанот се одржа под мотото „Креативноста е заразна. Дојди зарази се“.
Саемот за креативни индустрии се роди од идејата да се подигне профилот на креативниот сектор, да ги поврзе организациите кои имаат заеднички интерес во креативните индустрии и да ги едуцира децата на нов, невообичаен и интерактивен начин за креативните индустрии. Соединувањето на цела инфраструктура сочинета од дизајнери, уметници и водечки организации е иницијатива која има за цел да го подигне профилот на креативниот сектор, да ги поврзе организациите кои имаат заеднички интерес во креативните индустрии и да ги обедини сите креативци без оглед од кој сегмент на креативните индустрии доаѓаат.
Настанот го организираше од страна на Здружението „Балкан синема ситис“ во соработка со киното „Синеплекс“ и Културен и информативен центар – Битола, поддржан од Министерството за култура на Република Северна Македонија.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.