Димитар Илиевски, Живко Поповски Цветин и Мендо Димовски на оригинален начин се приклучија во Борбата против насилство врз жена!

95

Скопје, 26 ноември 2022 година

Господинот Димитар Илиевски, интернационален шаховски мајстор, жива легенда за почит, денес, со свој акт, безрезервно се приклучи кон поддршка на понежниот пол и нивните 16 дена активизам во борба против насилство.
Во чест на тоа, на пладне во едно од кафулиње во ТЦ Бисер одигра шаховска партија со писателот и поет Мендо Димовски, додека уметникот и хуманист Живко Поповски Цветин му ја украсуваше со цвеќиња лонгетета на неговата повредена рака, а, по обичај овој уметник, ѝм подари цветни цртежи на дамите.
-Јас сум играч и победник од инспирација, сите мои победи најчесто ги добивав благодарение на жените. Нема да ја стеснувам приказната и да кажам дека сѐ што сум направив ѝ должам на мојата сопруга, многу пати сум го кажал тоа. Мојата сопруга Велика беше врвна шахистка една од најдобрите во Македонија. Почнав да ѝ покажувам и таа научи да игра. Играше и на турнири освои трето место во Македонија. Во мојата биографска книга што ја напишаа Ненад Батковски и Љубомир Хаџи Манев има и сто мои избрани шаховски партии, а и од брат ми Борче 16 партии, но и од мојата сопруга Велика. Објаснето сѐ до детали и со коментари и компјутерски анализи. Може да се купи оваа книга во издание на “Бата прес”. И ви кажувам, сопругата Велика, во 1976 година на симултанката на актуелниот светски шампионат со Анатолиј Карпов во “Алкалоид” Скопје, успеа да ремизираа. Прво живеевме во Битола, јас бев бев управител на Царинарница во Битола кога почнав да редам успеси, живеевме во трособен стан од 75 квадрати, Велика беше вработена учителка, но ја убедив да дојдеме во Скопје, за да бидам обичен референт за царинско управни работи, да живеме во една гарсониера од 32 квадрати во Карпош 2, што ми ја доделија од Царинарница, а таа преку ноќ да стане невработена… Оти желба ми беше да бидам најдобар. Прифати сѐ, не можам тоа да ѝ го заборавам, таа е најзаслужна за мојот успех. Имаше толку разбирање за мене што од голем стан и одлични примања во Битола, се преселивме во Скопје во мал стан за да можам да напредувам во шахот, се заборава ли тоа? Жената има чудесна моќ и голема сила, и кога сака нешто да направи, го прави на најдобар начин, вели Димитар.
Тој апелира секоја жена постојано да биде испочитувана и како сопруга, мајка, пријателка, роднина, а посебно е горд што и ќерката Каролина, и неговата сега за жал покојна ќерка Лидија, биле заинтересирани за шах.
Поради својата мирољубива природа, секогаш насмеан и љубезен, тој минатата година стана првиот добитник на Цветиновата награда за мир, по повод 24 октомври, Денот на ООН, а Цветин, кој се придружува во оваа борба за заштита на жената предлага Димче да биде избран за “Маж на годината”, бидејќи толку насмеан, ведар и позитивно темпераментен човек е за пример.
-Има 81 година, но кај него се обратно 18 години, според вердината на духот. Треба да биде пример и за другите мажи, со своето однесување кон жените, опишува Цветин.
***
Тука Димитар ја проширува приказната. Освен неговата сопруга нему за инспирација за победа му служеле и други жени, секоја на свој начин. Како неговата колешка.
-Сонував ама убави соништа и жени, и тие ми беа инспирација. Јас на пример вечерта пред мојата средба со Араповиќ сонував убава жена, најубавата колешка од “Макотекст”, и се пробудив и реков “Било кој да е ќе го победам”, и потоа Араповиќ го победив ефектно. Оваа партија, беше прогласена за најубава партија на турнирот од шахистите на Шампионат на Југославија во 1979 година, во Бјеловар. Таа беше Ема. Јас велам има градација- убава, поубава, најубава и Ема. Ема беше сопруга на Угриновски. Едно утро пиевме кафе, ме гушна и бакна пријателски за среќен пат во Десарет, каде играв со силен ривал, а јас со таа позитивна енергија се погрижив да победам. Дополнителна позитивна енергија ми даде што во друштво на ривалот беше убавата Жане. Жените ми беа испирација и јас на мојата сопруга и го раскажував тоа, секогаш. Најомилена фигура во Шахот ми е кралот, кралот се брани, да не биде матиран… Но во реалноста кралицата, а тоа за мене е секоја жена. Инсистирам на нејзино почитување и максимална заштита, никој не смее да покачи тон а не камоли да крена рака на жена, вели интелигентниот шаховски велемајстор.
-Ее, 1964 година јас никогаш нема да ја заборавам, во Пула постигнав фантастичен резултат, се гордеам и сега. Јас, обичен првокатегорник на Шампионатот екипен на Југославија, во 25 потези го победив велемајстор Мато Дамјановиќ од Загреб. Цела арена ми аплаудираше. Јас анонимен шахист, а го победувам велемајсторот Дамјановиќ, репрезентативец на Југославија. Од публиката едно девојче, ми беше инспирација. Тоа беше Вера Кржишниќ. Откако се стиша аплаузот ми пријде и ми вели “Ви сте натукли Дамјановиќа?” (Вие го “тепавте” Дамјановиќ) и тивок аплауз со безшумно чукање на дланките. Следниот ден играме против нејзината екипа, јас играм со татко ѝ нејзин Ѕвоне Кржишниќ, елитен мајстор добар мајстор. Таа пред почетокот ми вели “Ќе ве победиме 10 – 0” а јас ѝ велам “Оваа партија не ја сметајте, наша е”, јас не знаев дека ѝ е татко. Татко ѝ го надиграв во 20 потези, а таа бидејќи шахистка и гледа татко ѝ губи, зад грбот на татко ѝ ми честита и ми аплаудира. Вера Кржишниќ Бухиќ потоа се омажи за еден колега мој, многу силен шахист велемајстор Енвер Бухиќ. Таа година јас ја освоив титулата кандидат мајстор со два и пол поени предност. Играв многу силно. Со 2,5 поени ја надминав титулата кандидат мајстор, нѝ раскажа Илиевски.
А господинот Мендо Димовски денес имаше посебна улога во ова средба. Во својата борба за заштита на жената напиШа песна за убавата Димчева сопруга Велика и за убавата инспиративна Вера, која сега ја објавуваме ексклузивно.

***
Велика и Вера

Одамнина првпат кога те видов
Да те освојам со поглед се обидов
Во занес те љубев кога те зедов
Целомаенво нов живот влегов

Со Велика стара љубов кревка
И Вера шаховска тинејџерка
Кон двете љубов со проверка
Ве мислев и сонував без мерка

Велика брзо замина во темнина
Останав со копнеж за светлина
Со тивко искажана љубов Верина
На средба со книга 2001 година

Со фантазија и имагинација
Во Пула со видна инспирација
Вера ми остана в срце со доминација
И надеж за средба во технологизација

На фејзбук без вик со проверка на клик
Во облик се појави твојот профил без лик
Се сепнав и штрекнав без помисла на трик
Во тој миг ме бликна љубов во изблик

Во ноќи без сон и верба во стварност
Ти испраќам љубов со голема радост
Страсно со чувства како во младост
По цели ноќи одговор чекам во старост

Мендо Димовски
(Според исказот на Димитар Илиевски)

Валентина Ѓоргиевска Парго

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.