Доделени годишните награди на ЗНМ

72

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) во соработка со Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) ги додели наградите на тема: „Справување со загадувањето на воздухот – зајакнување на јавната свест за проблемите и можните решенија”.

Првата наградата е доделена на тимот од Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) за истражувањето насловено како „Заговор против воздухот”.

Втората награда беше доделена на новинарот Бојан Шашевски од Радио Моф за мулти медијалниот продукт со наслов „Децата ни се жртви на арсенот – рударскиот локалитет „Лојане” фатален за жителите од липковските села” а третата награда се додели на Христина Ѓорѓиевска од Види Вака за истражувањето насловено како „Заробените бели дробови на градот”.

Покрај наградените, посебно признание му беше врачено на Асдрен Челику од МРТВ за иновативни и креативни видеа со образовен пристап кои придонесуваат за кревање на свеста кај децата за важноста за здрава животна средина.

На свеченото доделување на наградите се обрати Младен Чадиковски, претседател на ЗНМ, Н.Е.Г-ѓа Кристин Форсгрен Бенгстон – Амбасадор на Шведска во С.Македонија и Армен Григоријан, Постојан Претставник на УНДП.

Претседателот на ЗНМ Чадиковски во своето поздравно обраќање кажа: „Сведоци сме на зголемувањето на процентот на загаденост, свесни сме за последиците од истото, но се чини дека секогаш е потребна информација плус која ќе не држи будни. Токму затоа, Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) во соработка со УНДП го објави овој конкурс со цел да помогнеме во подигањето на свеста за постоечкиот проблем и најдобрите начини за негово решавање. Од аспект на јавноста ова е еден поттик и за новинарите да влезат во сржта на проблемите кои го тиштат општеството. Загадувањето во земјава е во тесна корелација со корупцијата, во спрега на моќниците, а последиците ги трпиме сите. Ако ние новинарите сме гласот на јавноста за која работиме тогаш сум сигурен дека во следниот период многу посуштински ќе треба да се занимаваме со овие теми.”

Амбасадорката на Шведска, Н.Е.Г-ѓа Кристин Форсгрен Бенгстон рече: ,,Денеска сакам да ја истакнам поддршката на проектот „Справување со загадувањето на воздухот во Град Скопје”. Ова го спроведува УНДП и во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање и градот Скопје. Со овој проект се стремиме да се справиме со загадувањето на воздухот и да ја подобриме соработката со граѓаните, бизнисите и академската заедница за намалување на загадувањето на воздухот во земјата. Другата компонента во овој проект е да се подигне јавната свест. Тоа е и причината што денеска се собравме овде, на оваа церемонија на доделувањето на наградите. Исто така сакам да потенцирам дека медиумите имаат многу важна улога кога станува збор за подигање на свеста –” потенцираше Бенгстон.

Армен Григоријан, Постојаниот Претставник на УНДП нагласи дека чистиот воздух е витален за животот на земјата исто како и чистата вода. „Чистиот воздух е едно од основните барања на човековото здравје и благосостојба. Контролата и намалувањето на загадувањето на воздухот мора да бидат приоритет за сите. Сакам да им честитам на наградените и на сите медиуми кои учествуваа за нивната успешна работа. Оваа награда покажува дека високо го цениме придонесот и едукативната улога на медиумите во промовирањето на теми како што е загадувањето на воздухот. Медиумското покривање, порастот на медиумскиот ангажман на темата за загадениот воздух игра важна улога во влијанието на јавното мислење и зголемувањето на очекувањата на граѓаните во однос на активноста за подигнување на свеста за чистиот воздух”.

Горан Михајловски, претседателот на Комисијата за избор за награди се заблагодари на пријавените учесници на конкурсот и рече дека секоја од наградите била донесена со едногласна одлука од целата комисија. Тој укажа дека состојбата во новинарството, во помалите редакции е таква што ретко кој посветува внимание на истражувачките стории, заради трката со време и битката за пари, кадар. „Благодарение на овој конкурс, успеавме да добиеме квалитетни авторски дела за кои како комисија едногласно одлучивме дека заслужуваат награда”, истакна Михајловски.

Целта за јавниот повик за истражувачки стории е да се подигне свеста за постоечкиот проблем со загадувањето и најдобрите начини за негово решавање. Јавниот повик имаше неколку критериуми според кои беа оценувани апликантите вклучително и автентично авторско дело со цел да се подигне јавната свест за теми поврзани со квалитетот на воздухот и аерозагадувањето и да биде објавен на медиум регистриран во земјава, традиционален или онлајн во период од јануари 2020 година до септември 2021 година.

Оваа активност е имплементирана од страна на Здружението на новинари на Македонија (ЗНм) и Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП), во партнерство со Град Скопје и Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), во рамки на проектот „Справување со загадувањето на воздухот во градот Скопје”. Проектот е финансиски поддржан од Шведската агенција за меѓународна соработка и развој – СИДА.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.