Гевгелија: Свечено прославен 7. Ноември

42

По повод 7. Ноември, во Гевгелија, гостуваше камерниот оркестар „АЈГА“ којшто ѝм приреди незаборавна концернта вечер на присутните во салата на Народниот театар- Гевгелија. Со изведба на оркестарска класична музика под диригентската палка на Бобан Цанев, како и соло- изведбите на Маја Чанаќевиќ на англиски рог и Владимир Костов на виолина, „АЈГА“ ѝм го честиташе општинскиот празник на гевгеличани мошне велелепно, благодарение на ЈОУ Дом на културата „Македонија“- Гевгелија, којашто се погрижи празничната вечер да биде одбележана на ниво, впрочем, како што ѝ доликува на Гевгелија. На програмата, беа изведени дела од: Бах („Арија“), Моцарт („Мала ноќна музика став“), Шуман („Мечтаење“), Фиала („Адаџо“), Шуберт („Музички момент бр. 3“), Константинов („Враќањето од Пасквелија“), Скалоски („Залез“) и Шуплевски („Капричо“).

Свечена седница

На Денот на ослободувањето на Гевгелија, Советот на Општина Гевгелија ја одржа својата 33. свечена седница, на којашто покрај членовите на Советот и градоначалникот на општина Гевгелија Андон Сарамандов, присуствуваа претставници и следбеници на Здружението на борците од НОВ, функционери, претставници на збратимените и пријателски општини, на бизнис- заедницата и на граѓанскиот сектор.
Седницата ја отвори претстедателот на Советот на Општина Гевгелија, Патрик Матх, честитајќи го општинскиот празник, а обраќање по повод празникот имаше градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов.
– Гевгелија денес го слави своето ослободување од фашистичкиот окупатор во Втората светска војна и слободно живеење скоро осум децении, рече Сарамандов, по што ја изрази неговата благодарност и почит кон сите сограѓани и борци, кои се бореле и придонеле за слободата на Гевгелија. Наша обврска и одговорност, истакна Сарамандов, е да продолжиме по тој пат, но и да го надградиме. Бидејќи граѓаните тоа го заслужуваат.
Општина Гевгелија меѓу двете празнувања, настојуваше на сите свои граѓани, но и на се побројните гости, да им понуди и да обезбеди поквалитетни услови за живеење и престој. И тоа, преку решавање на долгогодишните проблеми и барања, што ги мачат граѓаните, главно, во областа на инфраструктурата. Условите за урбано живеење значително се подобрени со решавање и финиширање на одамна започнатите и подзаборавени проекти.
Почнувајќи од атмосферската канализација, новите водоснабдителни системи, асфалтираните и бетонирани улици, па сѐ до целосно обновените и запуштени младински домови и објекти. Дополнително, уредени се нови детски игралишта, спортско-рекреативни центри и зелени површини, како во Гевгелија, така и во сите населени места. Дел од овие проекти се реализирани со финансиска поддршка од домашни и меѓународни грантови, но, и со задолжително сопствено учество, што е доволна потврда за финансискиот капацитет на Општината.
Општина Гевгелија во изминатиов период се афирмираше и како локална заедница, која посветува значително внимание за развој на туризмот, подобрување на социјалните услуги, збогатување на културниот и спортскиот живот.
За таа цел, беа организирани повеќе настани, како за афирмација на поднебјето со сите негови погодности, така и за задоволување на потребите на граѓаните и се побројните гости од соседството. Гевгелија се брендираше како град со интересни културни, спортски и значајни општествени настани, кои значително придонесуваат за туристичкиот развој. Обновени се и одржани, збогатени со нови содржини, стари и нови културни манифестации, кои предизвикаа голем интерес кај бројни учесници, главно, млади луѓе, но и илјадници посетители.
Одржани се повеќе локални, државни и меѓународни спортски натпревари и манифестации, со учество на голем број спортисти, млади луѓе на сите возрасти, проследени од бројна публика. За реализираните активности и проекти, спроведените иницијативи и организираните акции, истакна градоначалникот Сарамандов, од посебно значење за мене беше поддршката од општинската администрација. Исто така, и соработката со Советот на Општина Гевгелија и локалните јавни претпријатија и установи од комуналната сфера, образованието и културата.
Затоа, сакам да изразам благодарност за ваквата соработка и поддршка, бидејќи на тој начин во практика заеднички ја спроведуваме нашата заложба за подобра Гевгелија. Во периодот што следи, продолжуваме по истиот пат: да ги подобриме условите за живот на граѓаните, да ја афирмираме Гевгелија и општината како значајна туристичка дестинација и успешно да ги финишираме зпочнатите проекти и активности.
На крајот на своето излагање градоначалникот Андон Сарамандов упати честитки за Денот на ослободувањето на Гевгелија – 7 Ноември до сите жители на Општина Гевгелија со желба – Гевгелија да продолжи да расте и да се развива како модерна и урбана – европска заедница.
Во продолжение на седницата, преку видео-запис беше прикажано што е сработено меѓу двете празнувања во Општина Гевгелија, На свечената седница, од страна на градоначалникот Андон Сарамандов за афирмација на општина Гевгелија со своите активности и дела им беа доделени Благодарници на ликовниот уметник Борис Петров, четирите пожарникари од ТППЕ- Гевгелија, кои беа дел од спасувачките екипи за помош на настраданите од земјотресот во Турција – Дејан Иванов, Димитар Георгиев, Горан Митров и Кире Калинов, ОО Црвен крст- Гевгелија и Џоко Ризов, Фондацијата „Ице Бегов“ за својата хумана мисија и помош на лицата со попреченост и планинарот од ПСК „Двете уши“- Гевгелија, кој со велосипед го искачи врвот Ухуру (5.895 м.н.в.) на највисоката планина во Африка – Килиманџаро.

Средба на збратимените општини

На Денот на ослободувањето на Гевгелија – 7 Ноември, градоначалникот на Општина Гевгелија, оствари средба со претставниците на збратимените и пријателски општини: Сежана- Република Словенија, Инџија- Република Србија, Јабланица- Република Босна и Херцеговина, Копривнички Иванец и Гвозд- Република Хрватска. По средбата, заедно со гостите, како и со претставници на Советот на Општина Гевгелија, следбеници на Здружението на борците од НОВ, политичките партии и НВО- здруженијата, им одаддоа почит на паднатите борци за слободна Гевгелија со полагање свежо цвеќе пред спомен- обележјата.
Притоа, беше одржан и историски час од страна на историчарот Миле Смилков, кој ги потсети присутните за значајниот датум.
Потоа, учествува во дефилето на учениците од основните училишта и присуствуваа на свеченото доделување на наградите на ученици на Ликовниот конкурс по повод празникот и на поставена ликовна изложба на тема: „Мојот град- мојата иднина“, пред Народниот театар во Гевгелија.

Над 1.500 учесници на “Гевгелија на точак”

По повод 7 Ноември, во Гевгелија се одржаа седмоноемвриските велосипедски трки, во организација на ЗГ „Чејнџмејкерс“ и „Точак Клуб Гевгелија“. На годинешната 4. по ред манифестација „Гевгелија на точак“, учествуваа над 1.500 учесници на различна возраст не само од градот туку и од соседните општини. Оваа година, новина во „Гевгелија на точак“, беше тоа што, покрај традиционалното возење, се одржа и натпревар во бавно возење со велосипед, за што за најдобрите организаторите со помош на покровителите и спонзорите обезбедија награди- еден велосипед, една кацига за велосипед, светла за велосипед и 5 шишиња за вода за велосипед. Победата на бавните трки ја понесе Андон Кованцалиев од Гевгелија. Сите учесници на „Гевгелија на точак“ добија финишер- медали.
„Гевгелија на точак“ од година во година станува масовна спортска манифестација, којашто ја продолжува традицијата на трките со велосипед во минатото, пред 40-50 години, а нејзиното одржување има за цел да се промовира возењето велосипед кај младата популација преку игра, забава и натпревар имајќи ја предвид местоположбата на Гевгелија, идеална за возење велосипед. Спортската манифестација е поддржана од Општина Гевгелија, преку Програмата за финансирање на спортските активности во општина Гевгелија за 2023 година.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.