Хортикултура- Лалињата со палета на бои отворени кон сонцето

1439

Лалето (лат. Tulipa) е тревесто луковичесто многугодишно растение кое потекнува од Мала Азија. Латинското име произлегува од персискиот збор toliban (“турбан”) и се однесува на сличноста на цветните пупки на овие растенија со познатата капа од Блискиот Исток и Јужна Азија – турбан.

Во Холандија првите лалиња се донесени пред околу 400 години и од тогаш почнува нивното масовно одгледување, а благодарение на вкрстувањето денес се познати повеќе од 4000 видови. Цветовите може да им бидат еднослојни или полни, назабени, еднобојни, двобојни, а се сретнуваат во цела палета на бои, од бела, па до многу темни.

Височината на растенијата зависи од видот и сортата и достигнува од 65-100 cm. Лалето се сади најчесто преку луковици во текот на есента до доцната зима (за да закорени до доаѓањето на првите мразови) на длабочина од 12-20 cm, зависно од големината на луковицата, на оддалеченост од 10-15 cm, а цвета рано на пролет, поточно од март до мај. Лалето најчесто е со еден цвет, но постојат и повеќецветни видови (T. praenstas, T. turkestanica) и нивни сорти на чии цветоносци има 3-5 цветови, па и повеќе. Најдобро е да се посади на сончево место, а мора да се внимава почвата да биде добро дренирана бидејќи ако е многу влажно луковицата ќе иструли.

Цветовите на лалињата се најчесто црвени, жолти, а поретко и бели. Бојата на различните сорти на лалиња е мошне разнообразна: од чисто бела, жолта, црвена, пурпурна, виолетова и речиси црна до комбинации од две, три или неколку бои. Цветовите на лалињата се отвораат широко на сонце и се затвораат ноќе и при облачно време.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.