“Калинката што цути”- уникатен перформанс и Цветинова награда за врвните занаетчии Јаневски

91

 

“Калинката што цути” во дворот на семејството Јаневски во Аеродром, каде е сместен нивниот семеен занает, беше мотив околу тоа плодоносно стебло, да се соберат врвни уметници-поетеси, поети, шампиони, да одржат оригинален и незаборавен пладневен настан, кој крадеше воздишки на минувачите.

На 31 Мај 2024 година, на зборното место, а во организација на македонското здружение за култура обичаи и традиција “Гороцвет” и во  соработка со Марина и Јованче Јаневски, сопственици на “Sity hair”, секој од дојдените го даде својот уметнички прилог, во чест на славење на цутот, плодот, традицијата, стеблото…и природно и семејно. И во чест на занаетчиската еснафска традиција, која во Македонија има длабоки корени.
Настанот за основа ја имаше мироцветна изложба на познатиот сликар и хуманист Живко Поповски Цветин, распослана во прекрасното дворско катче, на кое се надоврзуваа дружба и  поезија и музика со поетските дами Лилјана Стоилковска, Ванѓа Радевска, Лидија Лучко Јеремиќ, Елеонора Николова, Мендо Димовски, но и со беседите на професор д-р Цане Мојановски, шаховскиот велемајстор Димитар Илиевски и пилотот Стево Стефановски, кој вели дека ако нашите познати негувачи на поетската мисија ја ширеле цветиновата цветна порака за мир преку мисли, стихови и збор, тој ја раширил и преку цртежи од Цветин, подарени  во Женева на Универзитетот за дипломатија, во Виетнам на Академија за пилоти, во Дубаи, Сингапур, Мароко како и на пилоти и посада на повеќе меѓуконтинентални летови на кои летаат и неговите два синови капетани пилоти, во САД, Австралија, Азија, Европа, а ги искачил цвеќињата и на Алпите и на многу други светски дестинации…
Од овој настан беше испратена порака за мир убавина и љубов со три балони.
Но, како јаготка на шлагот следуваше официјално доделување Цветиновата награда за мир, која се однесува на семејството Јаневски, тука беа сестрата и братот Даниела Блажевска и Јованче, сопругата Марија,  внуките Матеа и Ангела Блажевски, како наследниците на семејството на Маре и Ангеле Јаневски кои го имале познатото фризерско студио “Скопје”, и за младата наследничка Анѓела Блажевска, и тоа како благодарност и почит кон децениските заложби на ова ценето скопско семејство за одржување на занаетот- нешто што е како клетка на едно здрав систем.
Имено, официјалниот примател на наградата Јованче и неговата сопруга Марина се наследници на фризерскиот студио “Скопје”, кое постоело 22 години а потоа тие, двајцата сопружници, го продолжуваат занаетот преку своето студио во Аеродром, кое е направено во уметнички манир.
Како, до неодамна прв човек, односно претседател на Здружението на занаетчии на Македонија, при примањето на наградата Јованче Јаневски изјави дека само квалитетно образование и квалитетно изучување на занаетите може да го направи или трансформира едно општество во здраво, напредно, цивилизирано и како таква вредност да го остави во наследство на идните генерации.
Валентина Ѓоргиевска Парго 
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.