Се одржа локална конференција „ВИНИЦА – ОПШТИНА ПОСВЕТЕНА НА ДЕЦАТА“

11

30 мај 2024 година 

Локални власти, претставници на воспитно – образовниот кадар, претставници од институции, НВО, младински организации, ученици, млади и деца од општина Виница беа главните говорници на локалната конференција „ВИНИЦА – Општина посветена на децата“.

Оваа конференција има за цел да промовира инклузивна и поддржувачка средина за децата со споделување на веќе постоечки позитивни практики за детско учество во општина Виница. Како гости на конференцијата учествуваа Општина Кисела Вода и Општина Велес кои исто така се вклучени во проектот „Место за растење: Општини посветени на децата“, имплементиран од Прва детска амбасада во светот „МЕЃАШИ“ и Центар за семејно и детско згрижување КМОП – Скопје.

Конференцијата ја отвори Драги Змијанац – Претседател и основач на Прва детска амбасада во светот „МЕЃАШИ“, кој се задржа на важноста на учеството на децата во процесите на донесување одлуки. Говореше за неговото досегашно учество во локалното одлучување и даде идеи како општините можат да ги вклучат децата и младите во носењето одлуки. Директорката на Центарот за семејно и детско згрижување КМОП – Скопје, Кристина Василеска ги запозна присутните со проектот и неговото значење за општините.

Градоначалникот на општина Виница, Миле Петков, истакна дека општината е секогаш подготвена да ги отвори вратите во однос на секоја тема поврзана за децата, а пред се, посебен акцент даде на квалитетното образование, подобрите услови во училишта и безбедност, можноста за одлучување на младите преку локалниот младински совет и други форми на организирање на младите како што се активните младински организации. Градоначалникот се осврна и на делот за целосна поддршка во процесот на изработка на стратегијата за деца, која ќе претставува додадена вредност во изнаоѓање на донатори и партнери за идни проекти.

Александар Јованов, советник во Советот на општина Виница ја потврди одлучноста на советниците да ја поддржат стратегијата за деца, како многу важен елемент во донесување на одлуки во врска со потребите на децата во локалната заедница и ги истакна досегашните проекти и достигнувања во областа како и идните предизвици

Претставникот од Општина Кисела Вода ги истакна реализираните проекти во општината во однос на децата и младите и детското учество. Се осврна на идните планови и активности на општината и истакна колку е важна меѓуопштинската соработка во размена на искуства и пошироко влијание во развојот на сознанијата и вештините кај младите, како и можностите за заеднички проекти помеѓу Општина Кисела Вода, Општина Велес и Општина Виница од областа на детските права и детското учество.

Во првиот дел од конференцијата се зборуваше за грижата за менталното здравје на децата и младите, детските активности во предучилишното образование, можностите за раст и развој на децата со попреченост и нивната инклузија преку здружението „Детелина“ како и за младинскиот активизам во рурална средина, преку неформална младинска организација во село Градец

Во вториот дел од конференцијата се зборуваше за волонтерските акции на млади од Црвен Крст – Виница, младински активизам и средношколско учество, мировно образование, социјална и примарна здравствена заштита на децата како и едукативна превенција за безбедност во заедницата.

Младите и децата имаа носечка улога на оваа локална конференција како модератори и волонтери. Беа присутни ученици од две основни училишта – ООУ „Гоце Делчев“ и ООУ „Славчо Стојменски“ и средното училиште „Ванчо Прке“, кои преку пишување на литературен есеј на тема „Виница – Општина во која сакам да живеам и растам“, опишаа како ја гледаат иднината во нивниот град.

Напишаните есеи ги доставија до Градоначалникот на Општина Виница со цел нивните детски визии да бидат земени предвид при градење на општина која е по мерка на децата и истите да бидат приоритет при планирање на идни програми, буџети и проектни активности на општината.

Оваа конференција претставуваше уникатна и несекојдневна можност да се слушне и научи од искуствата и практиките помеѓу локалните самоуправи на Виница, Кисела Вода и Велес а воедно и да се споделат визиите, предизвиците и можностите на општините во насока на промовирање, остварување и заштита на правата на децата преку форми на меѓуопштинска соработка и партнерства.

По конференцијата се одржа и локална панел – дискусија составена од претставници на локалните власти, воспитно – образовниот кадар, граѓански организации, Совет на родители во училиштата, младински организации и други чинители во рамки на општината. Панелот ќе биде посебно координативно тело во рамките на општината, кое ќе обезбеди структурирана и фокусирана работа поврзана со правата на децата и донесувањето на локалните стратешки планови и ќе овозможи креирање на стратешки план за општина Виница со цел унапредување на правата на децата и нивно вклучување во локалното планирање.

Настанот се одржа на 30 мај 2024 година, во Едукативен центар – Прогресив Академија од 09:30 часот до 17:30 часот.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.