Одржан седмиот регионален настан за инклузивно образование

26

Во Кавадарци одржан седми регионален настан за инклузивно образование како дел од кампањата на Проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран”

Кавадарци03.05.2023 – Денес во Општина Кавадарци се одржа седмиот регионален настан во рамки на третата проектна кампања на Проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран” кој е финансиран од Европската Унијаа го спроведуваат Фондацијата „Чекор по чекор”, заедно со партнерите Здружение за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива” и Здружение за давање услуги на лицата со попреченост „Хандимак” вo соработка со Министерството за образование и наука. Учесници на настанот беа претставници од општини, училишта, невладини организации, општествено одговорни компании и медиуми од вардарскиот плански регион кои дискутираа за социјална инклузија и инклузивно образование.

Воведен говор имаше г-ѓа Бранка Џајковска, проектен менаџер на „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран” која се заблагодари на присутните лица кои овозможија да се развие дијалог за придобивките и предизвиците на тема инклузија и направи кратка презентација за активностите кои се спроведени од страна на проектот во регионот. Во овој регион проектот стипендира 36 ученици со попреченост кои се дел од редовното образование и 3 тутори кои работат со овие стипендисти. 19 училишта се учесници на работилници за образовни асистенти, а 3 училишта се учесници на обуки за градење на капацитети на инклузивни тимови. Конечно, 2 училишта добија грантови и пакети за поддршка за набавка на соодветни наставни материјали и изградба на сензори соби.

Свое излагање имаше и секретарот на Општина Кавадарци, г-н Тодор Ефремов кој кажа дека општината повеќе години вложува и ги користи своите ресурси за да се подобрат условите во сите училишта за лицата со попреченост и нивна инклузија во иститеТој напомена дека сите училишта во општината се обезбедени со пристапни рампи за непречено движење, и во училиштата каде што има ученици со попреченост општината има вработено едукатор-рехабилитатор кој што работи со надгледни средства согласно наставната програма. “Општина Кавадарци дополнително организираше и спортски активности за лицата со попреченост, како и проект за ангажирање на лични асистенти кои им излегуваат во пресрет на родителите во извршувањето на нивните активности околу своите деца. Инклузијата не е проблем кој треба да го решиме, туку инклузијата е начин на живот кој треба да го живееме. изјави секретарот.

Настанот го затвори г-ѓа Елена Мишиќ, тим лидер на проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран” со преглед на статистички податоци и локални трендови на демографијата во вардарскиот регион, напоменувајќи дека во период кога Северна Македонија е насочена кон имплементација на крупни реформи, особено во делот на основното образование, многу е важно да се поседува стратегија за мотивација и обука на наставниот кадар за организирање на што повеќе индивидуална, креативна и интерактивна настава. Таа исто така отвори и дискусија на која присутните лица имаа можност да ги споделат предизвиците со кои се соочуваат во градење на социјалната и образовна инклузија, како и да ги идентификуваат, разменат и промовираат добрите практики кои се однесуваат на остварувањето на правата на лицата со попреченост и нивното учество како рамноправни членови на општеството.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.