Со 1,8 милиони денари за Вевчанскиот карневал ги зацврстуваме вредностите!

15

Министерката за култура Бисера Костадиновска- Стојчевска денеска беше во работна посета на Општина Вевчани, каде што со градоначалникот Спасе Кочовски потпишаа договор за финансирање на традиционалната манифестација „Вевчански карневал 2024“, еден од најстарите европски и први карневали во државава, зачленет во Светската карневалска федерација.
Костадиновска- Стојчевска во изјавата за медиумите нагласи дека оваа година, со 1,8 милиони денари, една од наjвисоките суми дадени за Вевчанскиот карневал, Министерството за култура ја засилува поддршката на вредностите кои траат и кои со својата автентичност ја издвојуваат македонската култура и историја во светски рамки.
„Горда сум што активностите во новата година ги започнувам токму од Вевчани, потврдувајќи ја уште еднаш подготвеноста на Министерството за култура за поддршка на проекти кои се македонски бренд, но и подготвеноста за отворен и креативен дијалог со нашите корисници“, посочи Костадиновска- Стојчевска, додавајќи дека карневали има речиси во сите европски земји, но интересот за Вевчанскиот, како облежје на овдешната култура и како туристичка атракција, не стивнува.
„Вевчанци имаат посебен дух и гостопримство, посебна креативност, духовит и критичен однос кон општествените случувања што од година в година се попривлечни и атрактивни за светските медиуми и гостите од регионот и од Европа“, рече министерката за култура, која нагласи дека сите овие придобивки, Министерството за култура ги препознава и останува доследен партнер на оваа манифестација, но и на другите содржини кои го афирмираат Вевчани.
Костадиновска- Стојчевска, како дел од проектите за кои е дадена поддршка во Вевчани, го истакна и првиот мурал „Василичарска епопеја“, потенцирајќи дека во Вевчани се вложува и во едукацијата на младите за продолжување на традицијата на фолклорната уметност на следните генерации, а Здружението Културно-уметничко друштво „Дримкол“, кое во континуитет добива поддршка од Министерството за култура, во изминатата година успешно ги презентираше македонскиот фолклор и традиција дома, но и на меѓународните сцени во светот.
„И оваа година продолжува поддршката за културата во Вевчани како општина која е важен сегмент за нашата богата македонска изворна традиција и која се пренесува на новите генерации. Министерството за култура останува силен поддржувач на вредностите кои ги промовираат македонскиот идентитет и културното наследство“, потенцираше Костадиновска-Стојчевска, која посака успешна реализација на Вевчанскиот карневал, како и на сите културни активности кои, од Вевчани, шират традиција и автентичност.
Линк од изјавата на министерката Бисера Костадиновска-Стојчевска: https://wetransfer.com/downloads/dd563adacb22b73ec5ccc5b32703c0c520240103134947/df7b72be29e59fde5d444e0af89232a520240103135032/398f73?trk=TRN_TDL_01&utm_campaign=TRN_TDL_01&utm_medium=email&utm_source=sendgrid

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.