Во Струмица одржан петтиот регионален настан за инклузивно образование

45

Струмица12.04.2023 – Во организација на Проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран” кој е финансиран од Европската Унија денес се одржа петтиот регионален настан во општина Струмица на кој присуствуваа претставници од општини, училишта, невладини организации, општествено одговорни компании и медиуми од југоисточниот плански регион. 

Во обраќањето на менаџерот на проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран”, г-ѓа Бранка Џајковска беа презентирани спроведените активности во овој регион во форма на грантови, стипендии, обуки и туторска помош со цел суштинско вклучување на учениците со попреченост во училиштата. “Проектот активно работеше на подобрување на инклузивноста во редовното образование преку донации за опремување на сензорни соби, подобрување на пристапноста на училиштата, но и преку зајакнување капацитетите на наставниот кадар за работа со учениците со посебни образовни потреби.” изјави Бранка Џајковска која исто така напомена дека образовната инклузија е многу важна затоа што исклучиво преку неа им даваме шанса на лицата со попреченост да можат да бидат активни чинители во општеството. 

Градоначалникот на Општина Струмица, г-н Костадин Костадиновски во својот говор посочи дека Општина Струмица ги препознава важноста и улогата на образованието во развојните процеси на општината и е насочена кон континуирано создавање на услови за поефикасно одвивање на воспитно-образовниот процес во училиштата, инклузија и овозможување на еднаков пристап до квалитетно образование за учениците од ранливи категории, односно ученици со попреченост, ученици од социјално-загрозени семејства и ученици со надмината возраст кои се надвор од образовниот систем. 

“Нашата општина работи на повеќе проекти во соработка со невладините организации каде се подобри пристапноста на неколку училишта и беа набавени наставни помагала, спортска опрема и рехабилитациско-моторички помагала за учениците со попреченост. Општината обезбедува и бесплатен превоз до училиштата за овие ученици, но и стипендии за 20 деца со надмината возраст кои се надвор од образовниот систем. Исто така, од буџетот на општината се обезбедуваат средства за лични асистенти за ученици со попреченост во основните и средните училишта.” изјави градоначалникот.

Проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран” има за цел да придонесе кон обезбедување рамноправен пристап на децата со попреченост до квалитетна настава и пристапна и стимулативна средина за учење. Овој проект го спроведуваат Фондацијата „Чекор по чекор”, заедно со своите партнери, Здружение за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива” и Здружение за давање услуги на лицата со попреченост „Хандимак”, а се реализира вo соработка со Министерството за образование и наука. 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.