Александра Ацеска – Секој избран простор е инспирација

1143

Александра Ацеска е млад ликовен уметник, која неодамна во Изложбениот салон на Музеј на Град Скопје, ја имаше првата самостојна изложба. Изложбата насловена симболично како PORTA PINUS, е збир на скулптури, објекти и инсталациии како и цртежи кои таа ги насочува кон формирање на некакво опкружување, некој простор кој самиот по себе треба да ја формира целината, а пак таа дополнително влијае врз контекстот на секој од присутните елементи.

Александра Ацеска е дипломиран уметник на отсекот сликарство, и графички дизајн и досега учествувала на повеќе групни изложби. Можноста да се претстави сама пред публиката и отвори нови полиња.

kulart.mk-Како го доживеа ова твое прво самостојно излагање?

Секако дека ми беше голем предизвик. Кога човек е млад и има што да каже и покаже преку своите дела, можноста да се претстави сам пред публиката е убава. Јас посакав и успеав мислам во тоа да ја претставам ГРАНИЦАТА МЕЃУ ДВЕ СОСТОЈБИ PORTA PINUS. Во овие дела нема ништо невообичаено, се е секојдневно. Идејата е да се претстави перцепцијата за изменување на се околу нас и светот како генерално видување.

kulart.mk- Она што дознав дека секоја инсталација, секоја скулптура, цртеж некако е емотивно врзан за тебе ?

Така е, ништо не е случајно. Се што е на изложбата е дел од мене на некој начин. Еве да дообјаснам , Паусот употребен во делото Лузни е поврзан со еден неуспешен проект на татко ми, чантата е дел од мојата упокоена баба, шишарките се спомен на детството, триесетгодишниот пелир хартија е спомен на еден стан во кој живеев,  тушот во водата е пак инспирација и мотив на нешто што ме втурна во ликовната уметност.

kulart.mk-Изложбата содржеше четири дела ?

-Да тоа се Границата помеѓу две состоби, Лузни-иницијатори на едно истражување, симболиката на шишарката и над и под површината. Се е навидум толку различно, но се е вклопено во еден простор создаден во мојот живот и мојата перцепција за него и се е испреплетено. Целото мое претставување овој пат за прв пат самостојно е склоп од истражувања на неколку теми, интересирања и размислувања во период од осумстотини и четириесет денови.

 

kulart.mk– Александра оди понатаму и корачи во светот на уметноста. Подготвуваш ли нешто ново?

-Јас во меѓувреме се опробав и во графичкиот дизајн така што правев илустрации за две книги, иастражувам, осознавам и ги барам деловите околу мене, кои би ги споила во една нова уметност со која би се доближила до публиката.Секако дека ми престојат многу предизвици, многу работа и многу нови проекти во иднина.

 

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.