сабота 2 ноември, 2024
Почетна ЖИВОТ Хуманост и семејни вредности Запис за Битола, најградскиот град во Македонија -Домот е онаму каде...

Запис за Битола, најградскиот град во Македонија -Домот е онаму каде е душата

Велат домот ти е онаму каде ти е душата. Тоа е докажано премногу пати а посебно го чуствуваат оние, кои заминуваат од домот, заради многу нешта што ги тера да мора да го направат тој чекор, а душата им останува тука, во нивниот дом без разлика што телото и животот се сместени илјадници километри далеку.
Еден таков запис ни испрати Гордана Стаматова од Битола, која работниот век го помина во Битола како голем љубител на децата, музиката,културата а сега своите пензионерски денови ги живее во Мелбурн , Австралија со своето семејство, со своето потомство. Таа ни открива зошто толку многу ја сака Битола.

Битола, градот на моето детство, на мојата младост и на мојата зрелост.
Можам ли да не го сакам?

Чувствата за градот се поврзани со мирисот на липите на градското шеталиште во пролет. Во лето пријатното Пелистерско ветерче ги освежува летните ноќи, после жештините на денот и му дава на градот посебен белег и посебно расположение.

 

Разновидноста на боите на околните ридови во есен, ја дополнува романтичната слика на градот. Убавиот голем парк, кој е гордост на градот, беше наше главно место на веселење и дебатирање на разни теми, по напорните часови во училиштето.

Ме врзува сеќавањето на Битолскиот стар театар, на претставите кои беа изведувани, но тој е сега имагинарен споменик на едно време.

Не можам да не го споменам познатото битолско корзо. Шетачите секоја вечер се движеа во одредени простори, а местото на движење беше одредено по непишана хиерархија, спрема возраста на шетачите. Таму се ширеа познанства, се договараа излети, состаноци, се одбираа симпатии.

Најубавите години од мојата младост ги поминав во Гимназијата покрај реката Драгор. Тоа беа години исполнети со искрено пријателство кое поставува темели на трајно другарство до овие денови.

И сите овие обележја се само дел од имиџот на мојот сакан град, во кого и снобизмот станува позитивна страна , на најградскиот град во Македонија. Точно заради тоа мислам дека ние битолчани сме нешто посебно, се издвојуваме од другите по она што го носиме во себе, а тоа е културата и восхитот од претходните генерации, со што не препознаваат и респектираат.

Ете, заради тоа ја сакам Битола.

Гордана Стаматова

 

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
.td-container, .tdc-row { width: 1095px }