2021. тргна по својата патека -365 денови имаат 365 начини како да ги искористите

    415

    Велат секогаш на 31 декември во 12 часот на полноќ кога стрелките ќе се преклопат, испраќме уште една година во животот со 365 испишани страници. Пред нас е нова празна со 365 бели листови. И како што велат, секој ги испишува така како што умее, може и како му е предодредено.

    Несомнено е едно дека овој пат испраќањето на 2020 година беше најрадосниот и најнадежниот чин на милјарди луѓе на планетава, а здружената мисла беше една: 2021 да биде поздрава, поспокојна и луѓето да се изборат со злото на пандемијата од Ковид 19, која во многу нешта го смени животот со ограничувања и стравови.

    Што оставивме зад нас, во она 2020-та година која ни донесе многу промени, предивици и стравови?

    Стартуваше како и секоја на 31.12. во 00.01 и полека почна да се движи. Вообичаено, но со таа вообичаеност многу кратко. Уште на крајот на февруари се почувствува тежина од небото и наеднаш вест за “некаква си епидемија од опасен вирус што доаѓа од Кина“. Дојде и кај нас на почетокот од март и посеа страв од непознатото. Донесе карантини, полициски часови, ограничувања во движења и секојдневни извештаи за нови болни и починати.

    Донесе многу незадоволство кај народот на економски и политички план во Македонија, многу неразумност од власта (избори, уништување на темелите на идентитетот, лаги), која оди на штета на целиот народ. И повторно страв. Како резултат на тоа луѓето социјално се дистанцираа, се отуѓија а многу се соочуваат со период на преживување.

    Но, таа 2020 замина. Остави неодговорени прашања, како понатаму, остави страв од евентуалната вакцинација и резултатот од неа, остави многу затворени  работни места и како после секоја војна, пандемија и криза, луѓето од дното ќе мора да се издигнат.

    2021-Година на надежта  во која луѓето ќе треба да научат повторно да се дружат, да веруваат и да создаваат еден свет подобар за сите.

    Некаде прочитав дека секоја Нова Година е убаво да купите една тетратка со 365 страници. За секој ден по еден празен лист и забележувајте секој ден кога нешто вам ќе ви се случи значајно или пак во пошироката околина, државата и светот. Ако денот нема ништо за паметење оставете го листот празен. На крајот од годината прелистајте ја таа испишана тетратка од 365 страници и велат многу ќе научите . Што сте пропуштиле ,што сте научиле, што сте направиле добро и секако немојте да дозволите и во најтешките моменти да немате на што да се присетите  на таа измината година. Во секој случај Изборот е ваш, 365 денови имаат 365 начини како да ги поминете!

    Со среќа во 2021-ва!

    куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.