„50 години македонски анимиран филм“ во МКЦ од 10 до 22 ноември 2021

99

Скопје, 10 ноември 2021

Вечерва, со почеток од 20 часот во МКЦ почнува одбележување на јубилејот „50 години македонски анимиран филм“.

Одбележувањето на јубилејот ќе опфати изложба на артефакти од „златното доба“ на македонскиот анимиран филм (1971-1991), како и изложба на артефакти од актуелните автори на анимиран филм кои ја сочинуваат сцената денес. Предвидени се дискусии со авторите од „златното доба“ и сцената денес, проекции на филмови, како и презентација на публикацијата „Македонскиот анимиран филм 1971-1991“ која е резултат на истражувачката работа на Иван Ивановски и Слободан Јаќоски.

Оваа година се навршуваат точно 50-тина години од „Ембрио No. M“ на Петар Глигоровски, првиот македонски анимиран филм. Глигоровски, заедно со Дарко Марковиќ и Боро Пејчинов и уште шест автори се генерацијата која ги поставува темелите на македонската анимација. Овие автори го достигнуваат својот зенит кон крајот на 70-тите и почетокот на 80-тите години – создавајќи извонредни филмови кои учествуваа и добија значајни признанија на големи светски фестивали, вклучувајќи и „Сребрена мечка“ на Меѓународниот фестивал во Берлин.

По „златната доба“ на македонскиот анимиран филм (1971-1991), настапува извесен дисконтинуитет со целосно редуцирана продукција и индивидуални пробиви. Пред околу 10-тина години, новите технологии за дигитална продукција придонесуваат за постепено создавање на нова сцена на автори на македонски анимиран филм и повторно етаблирање на македонскиот анимиран филм на европските и светските фестивали. Организацијата на овој настан е на ДФРМ во партнерство со Кинотека, Вардар Филм и МКЦ, со поддршка на Агенција за филм, Министерството за Култура и Град Скопје.

*Фестивалот ќе се реализира согласно актуелниот протокол за организација на настани во затворен простор.
*Влезот на филмската програма е бесплатен со претходно подигнување на бесплатен протоколарен билет преку www.bileti.mkc.mk или билетарница на МКЦ.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.