ЕКСКЛУЗИВНО СО АЛЕН СЛАВИЦА: „Дао сам ти душу” е вонвременска песна и тешко дека нешто ќе ја достигне!

328

Своевремено еден од најубавите ликови во секој поглед кој се појави во некогашната силна југословенска естрада. Беше и остана- Ален Славица. Тестот на времето ја потврди оваа вистина, дури и ѝ даде поголема вредност. Голем пејач, голем човек, синоним за прекрасна личност. Со 14 албуми и милиони продадени плочи, синглот „Дао сам ти душу” продаден во преку 300. 000 примероци, дефинитивно е и жива легенда.
Живеел на два континенти, во Хрватска, Канада и сега во Америка, во Лос Анџелес. Сѐ уште неговите хитови се пеат секој ден и во секоја прилика, сѐ уште подеднакво сакан во цела “денешна Југославија”.
*Алене, Вие сте еден од најомилените пејачи веќе 40 години, посебно кај македонската публика. Од оваа временска дистанца, кога почнувавте, замислувате дека тоа вака ќе биде и дека толку ќе трае и трае, или сѐ ова ги надмина вашите тогашни очекувања?
-Да, еве поминаа 40 години од како се занимавам со музика. Сакав тогаш да имам кристална топка и да знам што ќе се случи, ха, ха. Кога го сакаш тоа што го работиш, тогаш тоа некако оди спонатно. Музиката е во мене од моето рано детство и сѐ некако одеше само по себе. Се врзуваа албуми, концерти, фестивали, така што некогаш човек не ни размислува. Си ја работиш својата работа. Ако тоа воопшто можеме да го наречеме работа.
*Почнавте најпрво со соработка со Ѓело Јусиќ, а потоа и со Ѓорѓе Новковиќ, големи маестра, за малку и со Дино Дворник, “Дивље Јагоде”, со прекрасни имиња, и навистина е голема среќа што од славата не се изгубивте “себе” во тие години. Многу работи одеднаш се случија. Како воопшто почна сѐ?
-Имаше разни соработки. Со “Јагоди”, и Дворник речиси дојде до соработки. Некако не се погоди временски. Прв мој композитор ми беше Ѓело Јусиќ, по него Ѓорѓе Новаковиќ. Со победата на натпреварот за пејачи аматери на Хрватска, тргна сѐ, тогаш како награда беше снимање на плоча. И тогаш градиш кариера, стануваш дел од естрада. Како млад го печеш занаетот и доста учиш од постарите колеги. Што се однесува до славата, ми се чини дека е прашање на воспитанието. Во прашање е и малиот град Карловац, во кој никој не е ѕвезда.
*Денес имате 14 албуми и милион продадени плочи. Најголемиот Ваш хит “Дао сам ти душу” се продаде во преку 300.000 примероци. Оваа песна и “А ја лудујем” и “Ти си моја сретна звијезда” се Ваши најголеми евергрини. Со нив станавте бренд, а нив ги напишаа големи имиња. Кој ги создаде?
-Да, имам 14 албуми и 30-тина синглови. Има многу хитови кои за среќа сѐ уште останаа во етер. “Дао сам ти душу” е моја лична карта. Автор на таа песна е Ѓорѓе Новковиќ, а на текст Жељко Павичиќ. Таа песна има 26 милиони прегледи на јутјуб, ми се чини дека е единствена од тоа време која толку се емитува. Денес нема свадба ниту радио станица во екс ју која не ја свири таа песна. А за обработки и да не зборувам, од клапи, рок, техно… Вонвременска песна и тешко е да ја достигне, било што и да правам денес. Има песни који на таа песна ѝ се како браќа или сестри. “С тобом нашао сам сречу” ја следи, и уште некои…

*Својот прв албум го снимивте на 16 години, тоа речиси уште дете… А потоа следеа многу фестивали, Сплитски фестивал, Макфест, Загреб фестивал, домашен избор за песна на Евровизија (два пата), “Степинчева Катедрала фестивал”, “Цавтат фест”, “Меѓународни фестивал дјетета -Шибеник” , но понатаму и “Ворлд френдс фестивал -Сан Диего”, “Калифорнија” и бројни други… Кога бевте многу млад, многу лесно и брзо го добивте статусот на поп мегаѕвезда.
– Првиот албум го снимив на 16 години. Инаку, во 80-тите беше важно и значајно да пееш на фестивали. Тогаш не можеше секој да пее на големи фестивали како што беше Сплит, Загреб, Месам, Макфест… Квалитетот беше многу важен. Статусот на ѕвезда мене ми го потврдија тинејџерките кои беа моја најголема публика тогаш. Тогаш и се бараше младиот пејач добро да изгледа, да знае да се однесува на сцена. Некои други добри времиња беа тогаш.
*Она на што јасно се сеќавам е Вашиот обид во осумдесеттите да отидете на Евровизија, таа млада публика а и јас, многу навивавме токму за Вас. Зошто не Ви се случи Евровизија, зошто толку брзо се откажавте?
-Евровизија и натпреварот, прво дома, беше некој регуларен ритам да ја претставиш својата песна на тој значаен фестивал. Во Скопје бев близу победата, кога отидоа Владо и Изолда. Денес тој фестивал е нешто друго, а јас одамна не пеам на фестивали. Ете, ја имаме таа несреќа Хрватска веќе подолго време да не влезе во финале.
*Во екот на Вашата слава, одеднаш се откажавте од поголема кариера тогаш, Вие бевте број Еден, како Здравко Чолиќ, Владо Калембер, и некое време и Даниел Поповиќ, кога беше во жижа. Не беше естрадата како оваа сега, да те туркаат продукции и тв куќи, но можеше да се успее и натаму, одејќи по својот пат.
-Никогаш не откажав од музика, само едно време не издавав албуми како порано. Имав пауза од снимање пет години додека имаше немири на нашите простори. Од 90-те сам си пишувам музика за себе, а работев и за доста млади таленти низ екс Ју. Два албуми снимав во Канада, еден во САД. Имаше и еден период од животот на релација Хрватска- Канада.

*Познато е дека Вашата животна приказна продолжи и во Канада. Што работевте таму во име на музиката?
-Албумот “Под крилима неба” ми е еден од моите најдраги албуми… Го снимав 6 месеци. Убаво е кога вам други ви ја пишуваат музиката, но ова е нешто посебно кога сте автор и креатор во студио со луѓе кои слично размислуваат. Мајкл Томпсон, гитаристот на Питер Габриел, тогаш ми снимаше, Џон Сетеј радио продукција. Мене ми е важно големи музичари да придонесат во песната, сѐ друго е помалку важно…
*По Канада, малку во Хрватска, Вашата приказна продолжи во САД. Од важните случки од животот во Лос Анџелес посебно се издвојуваат средби со светски ѕвезди кои ги запознавте во Лос Анџелес додека работевте во “Гитар центарот” , како од Џони Деп, Гери Олман, Џо Пеши, Мадона, па до рокери како ЗЗ-Топ, AC/DC, Брајан Меј, Еди ван Хален, Стив Лукатер, Томи Ли… Колку е прекрасно сето тоа. Имавте прилика со некои од нив да позборувате барем малку?
– Некако Канада се поврза со САД. Често знаев да имам концерти во САД. Работев едно време во “Гитар центарот” во Лос Анџелес каде продефилираа сите од светот на музиката и филмот. Секако дека комуницирав. Сѐ се тоа луѓе на земја. Многу едноставни. Секој е достапен. Би можел многу да зборувам за тоа.
*Живеевте на релација Канада Хрватска, па потоа САД, па Хрватска, па потоа пак се вративте во Лос Анџелес. Што Ве држи таму, а што овде?
-Мој идентитет секогаш ќе биде Хрватска. Песните и сингловите последниве години се секогаш во некој допир со Медитеранот. По татко сум од Шибеник па мајка од Карловац. Тука се мешаат две средини како и кај моите песни. Мојата Сандра работи за Америка преку 20 години, дизајн на текстил, и тоа е една од најголемите причини зошто живееме овде. Мојата ќерка Ема веќе повеќе години помина во Америка отколку во Хрватска. Наскоро ќе има 11 година, а дојде во САД на свои четири години…Доаѓаме секое лето во Хрватска, а јас сѐ уште морам да се стрпам Ема да запише некој факултет, тогаш ќе можам мирно во полупензија некаде крај море, ха ха.

*Да се вратиме на Вашата ју кариера, по оној период кога одеднаш исчезнавте, Вие одеднаш и се вративте и ја отпеавте “Маслине” на “Далматинска шансона 2006”, со Мирослав Тадиќ како придружник на гитара. Потоа тргна сѐ, повторно настапи, фестивали, награди, пријатели… Очекувавте таков фидбек, Ваков ефект од Вашето враќање и тоа дека публиката не Ве заборавила?
-Секој пат се враќам со некоја добра песна,ха ха… Песната “Маслине” беше супер прифатена. Речиси беше хит на годината тогаш во Хрватска. Мирослав Тадиќ отсвире на гитари. Ми свиреше и на песната “Невере” на спомен на Арсен. Тој е вонсериски свирач, како и Матија Дедиќ. Интересно е што песната “Стари мој” се создаде во еден момент во спомен на мојот татко, како и за Арсен “Невере”. Тоа не се случува често, спој на музика и текст во исто време.
* Автобиографската книга ”Животен автопат” зборува сѐ за Вас, Вие си ја напишавте, и во неа се сеќавате на Вашиот животен времеплов од своето среќно детство, сѐ до денес. Како успеавте да ја средите, со оглед на тоа дека не сте ни писател, туку музичар.
-Автобиографската книга од кратки приказни, се случи. Како кога ќе одите на психијатар па си се исповедате сам себе. Еден процес каде копаш по својот живот и се сеќаваш на добрите приказни. Не се работи само за мене, тука има многу приказни врзани за други луѓе кои поминуваа во мојот живот. 50-тина разни приказни, од детството па натаму… Убаво е да се запишат некои работи, да се зачуваат од заборав. Влегов во светот на писателите и посветив две години на тоа. И тој свет ми е познат зошто сакам книги.
*Ја чекаме книгата и во Македонија, дури и Тоше Проески е споменат во таа книга. Но, кога ќе дојдете кај нас, и на Балкан и во Македонија? Овде имавте рекорди, како што е поголем број на публика дури и од “Бијело дугме” на стадионот во Охрид, тоа е навистина голем успех. Потоа, имавте и концерт во Универзална сала, и награда за животно дело на “Еврофест” новогодишен дочек на плоштад во еден град кај нас…
-Македонија мене секогаш ми е многу важна. Прво тие луѓе сакаат добра песна. Мораш да го заслужиш аплаузот за да те уважат. Не можеш да ги прелажеш. Тоше тоа го правеше од срце, и тоа се почувствува. И јас сум искрен кога пеам. И тоа публиката го чувствува. Секако дека ќе дојдам повторно. Прашањето е само да ги усогласам термините зошто премалку време поминувам во Хрватска… Причината е и училиштето од мојата Ема кое овде почнува порано. Наградата за Животно дело која ми ја врачи Ти на “Еврофест” ми е една од најдрагите. Ја чувам во архива во Карловац. Многу ми падна жал за Драган Вучиќ кога слушнав дека повеќе не е со нас. Тој беше еден прекрасен човек кај кого гостував многу пати. Не беше изведливо, ниту можно, да се на видиме и не одиме некаде во Скопје. Се лутеше ако не го побарав веднаш штом слетав во Скопје. Имам многу пријатели во Скопје. Едвај чекам да се видиме.
*Не може се прескокне и настапот на “Макфест” во крајот на осумдесетите, каде оставивте извонреден евергрин, и тоа кога фестивалот беше на највисоко југословенско ниво. Како дојде до тоа?
-На “Макфест” пеев два пати. Ми се јавија од Скопје дека имаат песна за мене. Тоа беше во 1987 “Шај ла лај бејби” и другата “Љубовта само е сон” . Тоа беше значаен фестивал. Раководство на тој фестивал беше на највисоко ниво.

*Не се наметнувате, тоа е можеби Вашиот мал минус. Но сепак сите Вѐ бараат. Што е во план во најскоро време?
-Не сакам да се наметнувам. Тоа е моја природа. Планови има доста. Главно последните години работам синглови кои ги следат и видео спот. Наскоро доаѓа
нов сингл во етерот, од издавачот Крорек в Хрватска, со кој отсекогаш работев. Минатата година прославив 40 година кариера во мојот град Карловац. Повторно ова лето ќе свирам во Карловац, на 5 јули, но и во Шибеник во Клубот на уметноста “Арсен” на 29 јуни. Ќе има уште неколку акустични настапи во Задар, Бугојно…Овој пат со акустична гитара на големиот гитарист Бранко Богуновиќ Пифа, ме радува соработката. А заборавив да кажам дека неодамна издадов винил- Д бест оф во издание на Крорек.. Тоа посебно ме весели, дека имам плоча со 12 одбрани песни кои всушност ги пеам на концерти… Плус последниве години издавав разни цд компилаци, Д бест оф, златни двојно цд,најдобри, љубовни и таканатаму.
* Секогаш се сеќавам, кога бевте во Македонија пред десеттина години, и кога Ве прашав како е Вашиот брак, ми рековте – “па кога Сандра ќе каже нешто еднаш, јас брзам да го направам тоа два пати”. Очекував, како ѕвезда дека ќе кажете дека е обратно, но се прелажав, ха ха. Сандра е ќерка на легендарниот Арсен Дедиќ, па, дали дојде до некои соработки со дедото?
-За жал со Арсен никогаш не успеав дует. Тој секогаш беше пренатрупан со работа и не сакав да го тормозам. Низ семејството подобро го познавав. Беше голем. Ми се чини дека на нашите простори нема поголем поет… Што се однесува до Сандра, сега вели три пати хахаха… Таа е моја сродна душа. Не е добро кога низ 20 година ќе станете речиси ко брат и сестра, хахаха.
*Но, тука е сега и Вашата најголема среќа, сета таа ѕвездена славна кариера е заокружена и со семеен благослов, со доаѓањето на свет на Вашата прекрасна принцеза Ема, плод на голема љубов. Прекрасна е, и преку интернет гледаме дека е креативна, преубава и темпераментна. Дали можеби Вашата ќерка беше инспирација за убавите детски песни кои ги компониравте во поново време? Тргнува ли веќе ќерката по Вашите стапки?
-Ема е дете на љубовта. Името Ема во превод значи Божица… Музикална е но се занимава со танц. Оди на разни натпревари, танцува џез, хип хоп… Најважно ми е тоа да го сака. Се весели на одењата во Хрватска за време на училишните празници. Малку Карловец, малку Шибеник, па баба Ѓурѓа (мојата мајка, едвај чека). Се весели и на братучетка Ивана.
*Ален Славица, неколку пати објаснивте, но ајде повторно за Вашето интересно презиме…
– Ален и Славица може да биде дует хахахах. Славица е презиме кое доаѓа од Шибеник. Куќата на мојот дедо е направена во 1909 година, во селото Славица кај Шибеник. Презимето потекнува од 1870 и пред тоа. Братот на мојата баба Милка пееше во партизани. Од друга страна пак мојот дедо од страна на мајка беше музикален. Таа музикалност кај мене тече, би рекол од тие гени.

*Снимавте песни со најголемите имиња, а исто сте автор на многу Ваши песни. Снимивте дует со популарната канадска пејачка Карол Медина. За албум “Под крилима неба” остваривте соработка со Мајкл Томпсон, студиски гитарист на Питер Габриел, со Питер Фремптон. Исто така остваривте соработка со многу успешниот канадски продуцент Џин Сатеј, на албумите ”Ти си моја сретна звијезда” и “Под крилима неба”. Го остваривте сиот свој сон или има уште нешто?
-Кај музиката нема сонови. Таа е секогаш присутна и прашање на момент е за некоја нова идеја. Имам дует со Оливер Драгојевиќ, што е вреден запис, па со Жера од”Црвена јабука” генерациски сме слични, па последно дует со Бишва Неплиј пејач од Непал. Следува уште еден дует, но нека биде тајна. А и една нова соработка со пријателот Јасмин кој ми даде одлична песна… Тоа се моменти кои се случуваат без да ги планираш.
*Може да очекуваме да се сними филм според Вашата животна приказна?
-Филм би можело да дојде во обзир еден ден. Би имало тука што да се каже. Можеби само малку да причека, можеби и тоа да дојде на ред.
*Нема сомневање, дека Вие како личност сте најдобро нешто што ѝ се случило на југословенската естрада било кога… Но, како успеавте да останете човек, во тој опасен свет, да не се расипете, да не станете суетен, арогантен и алчен, да се одбраните од сите пороци и веќе да се подготвувате да стареете достоинствено, еден ден.
-Ти благодарам драга Вале. Мораме да старееме достоинствено… хаха… Поздрав до Тебе и до сите кои нѐ читаат. Еве и на македонски: “благодарам” …

Валентина Ѓоргиевска Парго

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.