„Енциклопедија на Тетовскиот говор “ од Дарко Гавровски-За душата на Тетово и Тетовчани

1389

Енциклопедија на 650 страни во боја посветена на ТЕТОВСКИОТ ГОВОР, со граматика и речник од 9169 одредници ,од авторот ,хроничар на Тетово Дарко Гавровски. На својствен само за Тетовчани начин, енциклопидијата содржи многу делови од душата на секој Тетовчанец . Во еден дел посветен на зборовите авторот пишува:

„Ако се вреѓамо, да се вреѓамо на тетосќи… На 149 страна во книгата најди го тематскиот показател со листа на над 600 – ПОГРДНИ И ПОДБИВНИ ИЗРАЗИ со објаснето точно значење низ одредниците…
Види што значи кога тетовчанец ќе те нарече: акмак, ашлак, биљмез, гаразлија, дертлија, дива-дејка, еџељ, ѕенѕало, инѕир, јанќесеџија, клатикурина, лумбур, љоке, матрапас, недоквакан, окша, папикоко, пунгаш, сарош, смрѓауник, тамаќар, уќурец, џбитак, шерлија, шмеќар…. Види ги и другите 600. Не се труди да ги допишеш. Допишани се
ПС: има сепак и листа со пофални зборови “-додава авторот Гавровски.
Донка Чифутка и сопругот (семејство Милосавлески)

Во енциклопедијата е содржана и првата карта на Тетово, за модата на Тетовчанки и Тетовчани, за најубавите тетовски јадења и се што го содржи животот во овој град во центарот на Западна Македонија , сместен под величествената Шар Планина, покрај реките Пена и Вардар.

Прва карта на Старо Тетоо…
Кј биле: Уланиште, Стаматоа чешма, Туљоа чешма, Варош-гајири маало, Сељчубек маало, Амам џамија, Батау џамија, Феври џамија, Стара и Нова Бања, чешма Три Дуљца, Рудина, Наубатница, Салаана, Газаана, Ќосе-Јол, кј проаѓал точно јазот, Петреа водејнца, Џадид маало, Шиклов Ан, Сеуска дулија, Лешочка дулија, Тевдов ан, кј било Беледието (Општината) и Апсааната у турско …. и уште 50 градски топоними.
Кои биле 9 официјални маала (месни заеднице) у турско 1832 и у 1870 година…
Какви гробишта имало на место на дншно Ајдучко маало, а какви ниве у блок 70 и Тетовчанка… Кој бил Чапчак по кое е крстено Чапчакоо сокаче и кј заминала неговата фамилија… Низ одредницете у речникот, истите со комплетна историја, цитирани извори, исечоци од карте од 1935.
панорама од Два Бреста доТупан Џамија од 1929 пред
панорама од Два Бреста доТупан Џамија од 1929 пред и после

Во книгата ТЕТОВСКИОТ ГОВОР за првпат оживеани и колоризирани од авторот со најнова АI технологија стари црно-бели слики на Тетово.

Книгата може да ја нарачате со попуст во предпродажба и чини 1200,оо денари.
Инаку, за мене Тетово е градот со најубавото корзо нешто после 70-тите години, најверојатно затоа што јас како тинејџерка така го доживував кога одев во Тетово. За среќа немав роднини како оние  од  познатата изрека на Тетовчани кога се во прашање гостите “Да ви идемо и да ви доваѓамо“, моите роднини со отворено срце и душа не примаа сите.
Пишува
М-р Татјана Гогоска 
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.