Почетна Литература Licentia poetica IN MEMORIAM LICENTIA POETICA со Петко Шипинкаровски-…..Ова е молитва, разговор со...

IN MEMORIAM LICENTIA POETICA со Петко Шипинкаровски-…..Ова е молитва, разговор со Бога, зошто негова е волјата со проветрување да ги закрепнува едрата од големите стравови…

1849

Уредник на рубриката: Филип Димкоски

 Биографска белешка

 Петко Шипинкаровски (1946), писател и поет, публицист, драмски автор, есеист и книжевен критичар, е роден во с. Будимирци, битолско. Основното образование го завршил во с. Будимирци и с. Старавина, а со средно се стекнал во Битола. Дипломирал на Факултетот за безбедност на  Универзитетот Св. Кирил и Mетодиј во Скопје.

Член е на Друштвото на писателите на Македонија, член на Здружението на новинарите на Македонија, член на МНД од Битола, почесен член на Друштвото на писателите на Србија и на Книжевното друштво на Косово и Метохија и надворешен член на Сојузот на независни писатели на Бугарија.

Добитник е на многубројни награди и признанија.

Преведен и препеан на повеќе светски јазици. Почина во Струга во јануари 2020 година.

Издадени дела:

  • „Откорнати души“ (роман, 2003);,
  • „Петра“ (роман, 2005);,
  • „Црна љубов“ ( роман, 2006);
  • „Дабјак“ (роман, 2009);,
  • „Златни обетки за Марија“ (роман, 2011);,
  • „Децата на Марија“ (роман, 2012);,
  • „Утринска молитва“ (роман, 2015):,
  • „Кога тргнав Цвето во туѓина“ (романизирана монографија, 2006);,
  • „Струшки сведоштва“ (романизирана монографија, 2007);,
  • „Духот на војводата“ (монодрама, 2003);,
  • „Крлеж на вратот“ (драма, 2017);,
  • „Залезнина“ (раскази, 2008),
  • „Еден живот, една приказна“ (раскази, 2016),
  • „Разбранувани води“ (раскази за деца, 2017);
  • „Седело на орлица“ (поезија, 2006);,
  • „Бели ветрови“ (поезија, 2009);,
  • „Злоуми“ (поезија, 2011);,
  • „Бели утра“ (поезија, 2013);,
  • „Доаѓаат дождовите“ (поезија, 2015);,
  • „Никулци во утрините“ (поезија, 2017)
  • „Саемско небо“ (поезија, 2019)
  • „Рудолф Арчибалд Рајс, за Македонија и за Македонците“ (студија, 2006);,

Критики;

  • „Кога животот е уметност, уметноста живот“, (есеи, 2014).

Коавтор на книгите:

  • „Збирка собрани песни „Миладиновци“ – 145 години од излегувањето на Зборникот на народни песни од браќата Миладиновци (2006);
  • „Зборник есеи и научни трудови“ (2010).

Преведени книги;

  • „Калесница на времето“, („Калесница на времето“) поезија на Вања Ангелова (Бугарија), 2011,
  • „Од еден до друг брег“ („Od jedne do druge obale“), поезија, коавтор (14 хрватски поети) – антологија на македонски и хрватски автори, 2014).,
  • „Сребреница“ (“Srebrenica”) Никола Шимиќ Тонин (Хрватска), 2015,
  • “Кога си со друга“ („Gdy będziesz z inną“), поезија, коавтор, на Калина Изабела Зиола (Калина Изабелла Зëла), Полска (2015)
  • „Соѕвездие“ двојазична книга на македонски и српски писатели
  • „Небесна тишина“, поезија на Новица Соврљиќ (Србија), 2019 година, и голем број писатели од Бугарија, Полска, Русија, Србија, Хрватска…

 

МОЛИТВА

Ова не е молитва за милосрдие, простување,

ниту ништожност за гревовите и избав

од темницата и лошите патишта,

ниту псалм непотребен упатен кон Бога.

Ова не е молитва за дарежливиот,

за дар и добрини што ни дава

неговото милосрдие, Господ Бог,

ниту милост за Негова награда…

Ова е молитва за „нас Грешните“

што скршнуваме од патеката на праведните

и наместо љубов непотребно:

страв во страдање на страдалници поминуваме.

Ова е молитва за колективните,

нечесните грешници;

предводниците, разбојниците, прељубниците,

профитерите, но и за благородните, порочните,

за простување, зоштона исток ведрина обгрнува.

Kротко, забревтано, од старото пристаниште

бродот, вкотвен заринкан на времето, се завлекува.

Ова е молитва, разговор со Бога,

зошто Негова е волјата

со проветрување да ги закрепнува едрата

од големите стравови…

Наспроти,

Зародување да има, нови никулци да никнат,

нови фиданки да стеблат…

Ова е молитва за мир и човекољубие,

За покајание, љубов и разбирање…

 

ПРЕЛЕТНИ ПТИЦИ

Рани дождови ја потопуваа живата лаѓа.

Камбаната ѕунеше за заминувањето,

тажна песна ја оплакуваше судбината:

„Прелетни птици го поганат дворот на сродниците.

О, проклетство, пак ли селидби?!

И мртвите ги напуштаат гробиштата

оставени на очајни луѓе без кандило,

без свеќа, студени нозе и гнилеж на коски,

потопена мртва крв, реа…

Царува смрдеа овде, височините ги пара.“

О Боже Севишен!

Оѕвездена песна – девојка на морничава присојница

испушта крик на соголена планина.

Отаде гората, бркотница; се меша јад и јанѕа!

Покипени лисја и очај на бели дробови

ги параат могилата и дворот

останати без проток на топла напивка

и свежо вдишување.

 

Во височините, пукнатина!

На големите сртови блескаво утро

во раноденот го милува домот.

Се раѓа пролет, младост бранува.

Заплиснува мирис, цут на тревки

и влез на корен што опива…

 

 КРИЛЈАТА НА ВРЕМЕТО

 Го вдишувам утринскиот веј, бура!

Лелеења печат, болка –

снегулки ги голтнаа трагите

во Самовилската гора

каде забревтани вјасаме во лет

да го уловиме заодот на сртот

каде животот легнал распнат

среде платната на ветрот.

 

Крилјата на времето, пак,

таложат далги, таласаат…

Збивтаат отворените усти,

птица пее во раноденот.

Се плоди модрина

ко пијавици во плавенилото

на зовриените страсти.

 

Еј! Каде остана страдањето

од раната младост?

Босоноги стопала во плотовите

оставаат добни траги.

Вљубеницисо затегнати пранги војуваа…

Минута во минута

грижа претворена во мечта зрее.

Оф, каде остана страдањето

во раната младост?

Долгиот времепловја претвори надежта

и копнежите на нашиот реален свет.

 

ПРИКАЗНА ЗА МОЈАТА ПЛАНЕТА

Облечена во виножито бои, ѕвездо,

нурната во студените кладенци, локаш.

Часкум, опулуваш кон разбранетите потоци

на ведата планина, горделива, разнобоена блескаш.

Ти, планетна убавица,

што разиграни коси вееш–

Чинам ждребица

во цветна ливада отскокнуваш.

Крадешкум ме облева мирис на

напупени божури

кротејќи ја залудената дива мисла.

Напоркум, твоите разиграни струни

ја повикуваат самотијата на зачмаените мераци,

отпосле,

се раѓаат никулци на кротки намизи –чинам,

пролетни ветрови на подгорени –

недопрени љубови

ги красат заледените брегови.

И гледам, босонога подрипнуваш

небаре срна по росниот сон, ведра пловиш!

Ги ловиш распосланите виножити зраци.

Ја секнуваш страста, жедта…

И како напоена еребица во цвркот летнуваш,

на рабјето на приказната,

и на мојата планета, се губиш.

 

А СНЕГОТ СЕЕДНО ПАЃАШЕ

Вејавицата од незнајкаде

во меќавата проникна женичка.

Со нарамена вреќа и торба

иташе кон тезгата –

тротоарот ѝ беше пазар.

А снегот сеедно паѓаше!

Го спушти товарот.

Години наназад таа доаѓа

од Потпланинското село

што седели* на источниот дел

од Галичица и китка по китка

го врти домот.

Го накрена праменчето.

Очите ѝ засветкаа…

Измолкна страк и тивко рече:

„Чај, планински, повелете!“

Наспроти;

Зимата го стегнала денот.

Само возбудатаод белата снежна

топлина,вејавицата, мирисот на чај

и женичката со очи блескотни

останаа нескротена мисла –

дива жива сликовница.

А снегот сеедно паѓаше!

 

 

 

 

 

metropolis-big