Големата збирка од најстариот жив македонист Коста Пеев- донирана во Институтот за етнологија и антропологија

1606

Професорот Коста Пеев, еден од најстарите живи слависти и македонисти, студент на Блаже Конески и експерт за дијалектите на Егејска Македонија, ја донираше својата збирка на Институтот за етнологија и антропологија при Природно-математичкиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.

Со договорот за донација потпишан вчера со деканот проф. д-р Ицко Ѓоргоски, 83-годишниот професор Пеев на Институтот му отстапува книги, фотографии, ракописи и аудио материјали, собирани во последните педесетина години, кои содржат скапоцени етнолошки и лингвистички информации.

Професорот Коста Пеев ,еден од основачите на Институтот за Македонски јазик ,долгогодишен професор на Филолошкиот факултет во пензија, неодамна беше одликуван со највисокото признание Орден за заслуги. Тој е автор на обемните студии „Речник на македонските дијалекти од југоисточниот дел на Егејска Македонија“ (во шест тома), „Кукушкиот говор“ и „Дојранскиот дијалект“,работени во периодот на 70-тите, 80-тите и 90-тите години,кога беше најплодна неговата научна активност.

Подарената збирка  ќе биде чувана во посебна збирка ‘Проф. д-р Коста Пеев’ во состав на библиотеката и архивот на Институтот за етнологија и антропологија, кој ја поседува и најголемата дигитална архива од оваа област во земјата. Истовремено, Институтот е овластен субјект за заштита и чување на нематеријалното културно наслество, а јазикот и дијалектите се токму дел од него.

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.