ЈАНЕ ЌОРТОШЕВ, РЕЖИСЕР И ПРОДУЦЕНТ: “Кајмак” не е правен со агенда или за да се расфрла со морални пораки, “Кајмак” е граден на вистинскиот живот!

816
(Јане Ќортошев продуцент, фото Маја Аргакијева)
(Јане Ќортошев продуцент, фото Маја Аргакијева)

Иако е вклучен во филмската дејност кај нас од повеќе “влезови”, последниве години од сенка ги изведува главните работи. Тој е “архитект” на финансиската структура и куп други важни работи кои ги создаваат условите за изградба на филмот. Припадник на млада генерација, која се стреми кон промени во позитивна смисла.
-Понекогаш, како во нашите ора, правиш три напред, еден (или неколку назад), или дури цупкаш во место, но важното е да го држиш ритамот и да останеш на орото до крајот, знае да искоментира за работата пред и зад филмските камери.
“21 прашање” за господинот Јане Ќортошев, навидум доволно, но реално прекратко. Има многу што да се разговара со него надолго- нашироко, овој пат за неговата мајсторски завршена работа како продуцент на актуелниот филм “Кајмак”, на авторот Милчо Манчевски.


(Главната постава на филмот со режисерот Милчо Манчевски, фото Маја Аргакијева)

***

Премиерата на долгоочекуваниот филм “Кајмак” помина, филмот се прикажува низ Македонија. Седнавте, го изгледавте на раат? Задоволни сте од првата средба со публиката, и од првичната реакција?
-Интересно дека ме прашувате дали на раат го имам изгледано филмот, токму кога ми се случи едно такво гледање. На премиерата на филмот во Битола, иако немав намера да го гледам филмот повторно, по кој знае кој пат, ми се случи да седнам и да останам на столчето во салата– си го изгледав целиот филм како да го гледам прв пат. И тогаш, а и воопшто, публиката реагираше одлично на филмот. Така беше и во Токио, и во Тајпеј, а така е и тука, во наша Македонија.
Вие сте продуцентот, оној магионичарот кој со волшебно стапче треба и мора да ги обезбеди сите услови, и идеите, замислите и желбите на режисерот да ги претвори во реалност. Ве умори ли тригодишното работење, особено она “обезбедување на финансии”? Кај нас тој е процес на не баш “весела математика”.
-Сигурно не ми било сон еден ден да го работам тоа– да се бавам со таа “не баш весела математика“. Но, важното е да знаеш дека тоа е процес. А тоа го знам. Од тоа сознание понатаму работата е јасна и сè се прави чекор по чекор, ден по ден. Понекогаш, како во нашите ора, правиш три напред, еден (или неколку назад), или дури цупкаш во место, но важното е да го држиш ритамот и да останеш на орото до крајот.
Кои се актерите? Младите откритија посебно нè заинтересираа?
-Актерите ги открив заедно со вас, со публиката. Далеку од тоа дека не сум ги знаел претходно, но тука навистина ги открив во полна смисла. И сите до еден се актеришта! Лично, тоа си го понесов со себе уште од првото гледање на комплетно готовиот филм. Седнат во кино сала во Копенхаген, кога го гледав филмот на онаа последна техничка проекција по која треба да се каже – “да, тоа е тоа, филмот е готов, не го пипаме повеќе и сега веќе може да се пушта по светот”. По таа проекција душата ми беше полна од она што го видов на платното особено заради актерите– нивното мајсторство, начинот на кој живеат во филмот и ги прават ликовите живи. Камка Тоциновски и Сара Климоска просто брилијантни во секој еден детал. Симона Спировска воплотена во една жена сосема различна од неа лично, се трансформира себе си мајсторски за да го оживее ликот. Филип Трајковиќ во една можеби “неблагодарна позиција“ според сценариото, маестрално му најде “клуч” на својот лик, што го направи ликот толку допадлив и покрај сè што тој прави во филмот. Ана Стојановска со леснотијата со која што прави сè и енергијата која ја носи и приватно, го внесува точно оној дух и свежина која му требаше на ликот и филмот. Александар Микиќ е просто КАРАМБА! Лично навивав за него кога се правеше кастингот и сметам дека тој е просто кајмакот во “Кајмак”.
Некогашните македонски актери се поим за највисок квалитет, блеснуваа на театарските штици, блеснуваа и на филмско платно. Младите сега имаат голема одговорност во тој поглед, да ги стигнат и надминат. Се забележува дека изборот овој пат беше сосема вистински, сите си легнаа на своите улоги, како скроени за нив. Како дојдовте до таква екипа?
-Повторно ќе се вратиме на она со процесот. Чекор по чекор, ден по ден. И секако кога станува збор за изборот на актерите, освен Милчо, за тоа единствено заслужна е Милка Анчевска, кастинг директорот на филмот, и инаку долгогодишен соработник на Милчо. Тие двајцата имаат доста ригорозен кастинг процес, во неколку етапи, со снимање на сите сесии, со пробување различни варијанти и сцени од сценариото, со многу труд и работа, за да се сигурни дека го избрале вистинскиот актер, и дека актерот ја сака улогата и дека таа го сака него.
Во тој контекст да се надоврзам- зошто кастинзите се од затворен тип, кога знаеме дека има многу актери кои сакаат да се најдат пред камерата на славниот филмаџија?
-Тоа ќе ја прашате Милка. Се шегувам, но одговорот всушност и лежи кај неа. Таа работи со актери веќе многу долго време, и ги следи нивните настапи и учества, ги гледа, живее со нив и ми се чини дека нема актер во земјава кој Милка не го знае. Од друга страна, таа многу добро го познава Милчо. Така, за некои улоги просто нема потреба да прават отворен кастинг, затоа што ги знаат актерите. Тоа во исто време не значи дека не пробуваат различни актери за тие улоги. Напротив. Не е сосема вистинито ни тврдењето дека кастинзите се од комплетно затворен тип, затоа што Милка му дава шанса на секој еден што сака да прати материјали до неа и таа го зема тоа во предвид.

(Кадар од филмот)
Две посебни ѕвезди се дел од “Кајмак”- мајка и бебе во реалност, мајка и бебе на филм, Симона и нејзиното синче. Мора да ви било интересно. Кажете нѝ нешто од снимањата зад сцената, како се реализира “Мејкинг оф” (кажано со филмски речник), нешто што напати е поинтересно и од самиот филм.
-Симона е прекрасен човек, прекрасна жена, професионалец и одлична мајка на едно многу интересно бебе, кое ми се чини дека има огромен потенцијал да биде иден актер. Тоа бебенце влетуваше во улога како да ги разбира работите – кога требаше да биде мирно, беше точно такво, кога требаше да плаче, плачеше со зборот „Акција!“ и престануваше со зборот „Стоп!“. Имаше кадри кои, да не беше тоа бебе токму такво, едноставно немаше да се случат. Во еден од кадрите бебето плаче и Методи (Филип Трајковиќ) го смирува. Во моментот кога се вртат, од другата страна на стаклото стои Ева (Камка Тоциновски). Бебето во истиот момент кога ја здогледа почна да плаче, како да беше на копче и како да знаеше дека така треба. Неповторливо! Тоа беше еден од оние кадри кои овој мал актер ги даде за филмот, исто како што мајка му се посвети целосно на проектот. Таа освен што требаше да биде професионалец и тоа го направи беспрекорно, секогаш наоѓаше време и за малиот Димитар, кој не ретко и го доеше помеѓу дублите.
Ако сакаш добра енергија, вклучи млади, тоа е и тајната на успехот. Но без нашиот маестрален Петар Мирчевски, кој глумеше и во сите претходни филмови на Манчевски, не почнува снимање. Ако самиот тој рече дека се тандем како “Скорсезе и Роберт де Ниро”, мое мислење е дека заслужува Пепи филм во кој ќе е доминантна главна улога.
-Серија филмови би рекол! Пепи е актер кој може толку многу, кој дава уште повеќе и кој само на филм има поминато повеќе од што многумина поминуваат низ животот. Само да го седнете да ви зборува за случки од неговиот живот и веќе сте во филм. Последната анегдота што ми ја раскажа беше како на Широк сокак го сретнал еден сограѓанин кој му довикнал „Пепи, ај кажи еден виц!“. Пепи го прашал „Оти?“, на што овој одговорил „Па, нели глумец си!“. На тоа Пепи само ладно му рекол: „Ај ти оди прво земи го камионот и напрај тука три-четири кругчиња.“. Зачуден овој го прашал: „Е оти?“. “Па нели шофер си“ му одговорил Пепи и си продолжил по патот. Тоа е Пепи.
Ние сме (навидум) пуританска средина, но за чудо слободата нѝ пречи само кај другиот, а не и кај нас, и се гледаме чудно низ призмата на водењето љубов, правиме бауч од тоа, или се исмејуваме. Женско- машките односи многу често се тензични, машко- машките односи предизвикуваат многу контроверзии, револт и неодобрување, но јас сум љубопитна како ли ќе поминат овој пат женско- женските односи, и плус во комбинација со машко?
-Зависи кој гледа. “Кајмак” не е правен со агенда или за да се расфрла со некакви морални пораки. “Кајмак” е граден на вистинскиот живот, на парчиња приказни кои се реални, делумно на ликови кои живеат меѓу нас. Во таа смисла мислам дека ќе ги обедини гледачите и ќе ги повика да гледаат филм без да размислуваат премногу за тоа. Тоа не значи дека нема да има и извесен број пуританци, кои запрепастени ќе се расфрлаат со критики, но тоа никогаш не изостанало. Без нив, се чини, и прикажувањето на филмот не би било комплетно.

(Кадар од филмот)
Кога сме кај Карамба, тој е измислен или можеби некоја пресликана реална урбана легенда пресликана, многу познато “нѝ зазвучи”.
-Сигурен сум дека Карамба има свој “прототип“ некаде во Македонијава. Најверојатно и во Дебар Маало. Но, исто сум сигурен и дека не е еден човек, туку една посебна сорта на оние маалски “џомби“. Мене лично ми е страшно симпатичен и близок.
Кој дел или сцена Вас посебно Ве трогна? И во “Врба”и во “Кајмак”?
-Тешко ќе издвојам по една сцена, затоа што бев дел од нивното правење и за дел од нив сум врзан и заради тоа, а не само заради емоцијата која се гледа на платното. Во „Врба“ првата сцена што особено силно ме погоди беше првата сцена што ја видов склопена, раѓањето на бебенцето на Донка и Милан во сред нива, на сред жетва. Детенце кое тие го чекаат неизмерно долго. И одеднаш еве го “прета”, плаче, гугука. И Милан го држи во раката, целото крваво, но како да е стаклено. Го гледа и не знае дали да плаче или да се смее. Со тој кадар, додека се слуша кркљањето на бебенцето, имав чувство како времето да застанува. Во „Кајмак“ не би откривал за да не му го расипам гледањето на некој, но веројатно би било поврзано со Доста. Самиот нејзин лик трогнува.
Што е, всушност, кајмакот на овој филм?
-Храброста и мајсторството би рекол. Храброста да се направи нешто по свое, што сметам дека е единствениот начин да се твори, и мајсторството што се гледа во направеното – во глумата, во решението на одделни сцени, во јазикот на сликата, на камерата, во светлото, во монтажата и монтажата на звукот. Од друга страна, сметам дека е сладок, вкусен и дека има многу убави моменти и чувства што може секој гледач да ги понесе со себе по гледањето.

(На сет во разговор со Милчо Манчевски, фото Маја Аргакијева)
Како е да се работи со Манчевски? Во што лежи неговата сила и мајсторство? Прима ли сугестии, па си дозволувате да сте целосно слободен во тоа, имајќи во предвид дека и Вие сте дипломиран режисер на Факултетот во Софија, имате искуство со снимање, а како продуцент сакате во филмот да го дадете, а од него и да го извлечете, најдоброто.
-Милчо знае што сака. А кога човек знае што сака, лесно е тоа да се изведе, или можеби не е лесно, но барем е јасно. Освен тоа, кога работи тој е максимално посветен на тоа што го работи, до таа мера што знае да е дури и досаден. Секако, во позитивна смисла, затоа што според мене само така, со максимална посветеност, се стигнува до врвни резултати во било што. Ќе беше “кул” да можев да кажам дека на пример знае да пече и одлична ракија, како Карамба во “Кајмак”, но ете, тоа не е случај. Затоа знае да готви – разни манџички и слично. Генерално ние одлично соработуваме. Се разбравме и веројатно се погодивме. Секогаш можам да дадам сугестија, поинаку и не би можеле да работиме, ниту јас, ниту Милчо.
Познато е дека како сценарист и режисер на сите филмови, тој не сака да измислува, на гледачот да му сервира и подметнува измислици. Работевте заедно на двата последни филмови, каде сценаријата се целосно базирани на вистински случки, кои ги комбинира и прави една целина, и можеме да го наречеме и еден вид “скриен документаристички сценарист”. Беа ли на прво читање, подеднакво примамливи како приказни, како и на филм?
-Не би рекол дека не сака да измислува, туку дека не сака да наметнува ставови, да наметнува гледиште. Точно е дека и во „Врба“ и во „Кајмак“ има делови од вистински приказни, вистински луѓе, но тие сепак на крајот на денот се раскажани од Милчо Манчевски сценаристот, а потоа и од Милчо Манчевски режисерот, така што во нив има и доста измислени делови. Тој не ретко сака да каже, дека кога седнува да пишува почнува со идеја или со чувство и понатаму остава приказната да го води. Таму некаде, на почетокот, тие разни вистински приказни и луѓе си го наоѓаат местото, за понатаму да се остават на волјата на сценаристот. На прво читање „Врба“ можеби беше полесно да се замисли, да се нурне во приказната, додека „Кајмак“ имаше повеќе делови каде требаше да се прочита меѓу редови, да се сфатат нијансите. И двете беа на свој начин возбудливи, затоа што приказната движи, изненадува и е жива, вистинска, особено заради дијалозите, кои кај Милчо се секогаш беспрекорни. Интересно е од друга страна, дека „Кајмак“, колку и да е навидум “локална“ приказна, многу полесно поминуваше кај читачите надвор од земјава и финансирањето од надвор одеше доста полесно.

(Кадар од филмот)
Манчевски е режисер од светски калибар по многу основи, и следствено на тоа луѓето за неговите филмови очекуваат да се спектакли најмалку на ранг на “Војна на ѕвездите” (ова е моја слободна споредба). Но, расчекорот тука е што, иако тој е од светски глас, финансиите и условите се од македонски карактер, што некако не оди заедно со толку високи очекувања. Имате сугестија како да се надмине тој стереотип кој владее кај нашата публика во однос на неговите дела?
-Немам. Сакале душманите или не, Милчо е сè уште синоним за филмот во Македонија, и дома и во светот. Луѓето отсекогаш ги гледале и ќе ги гледаат неговите филмови како нешто што ги претставува директно во светот и затоа секогаш, секој гледач посебно, сака тоа да е најдобрата можна репрезентација на него и Македонија. И затоа сака и очекува да види безмалку една целовечерна реклама – мед и млеко, кајмаче – да ти е слатко кога гледаш, прсти да излижеш, па макар тоа и да нема баш врска со реалноста. И за тоа најчесто му замеруваат на Милчо, колку и да е тоа возможно или не со оглед на околностите и условите.
Интернационалниот клуч на неговите филмови го прават и учеството на крупни ѕвезди од светската филмска индустрија. Не е лесно богами да се дојде до мејкап артистот Марио Микисанти, но и до данските музичари “Дениш стринг квартет”. Што сè ви требаше за да ги вклучите, тоа се личности кои не можеш да ги “добиеш” со суми.
-Добар проект секако. Секој сака да е дел од нешто значајно, што ќе остане. Марио има работено со Милчо и имавме среќа да е слободен. Понатаму веќе немаше дилеми – во вториот телефонски разговор ми рече дека влегува во автомобил и доаѓа. И навистина, се појави во своето сребрено порше, кое инсистираше да си го вози секој ден на терен. Е тоа, можеби и не му беше многу добра идеја кога требаше да снимаме во Присојница, која се наоѓа на патот Маврово– Дебар, кој е целиот со дупки. Со “Дениш стринг квартет” беше вистинска борба да се работи. Постојано беа на турнеи– во САД, па фестивал во Данска, па повторно САД, па два дена слободни, па не знам каде. Но, Руне, лидерот на квартетот, едноставно беше “уловен“ на проектот и толку многу сакаше да успее соработката со Милчо, што снимаше и праќаше демо музика во секој слободен момент – од хотелски соби, аеродроми, дури и од комбето на бендот додека патуваа. И така успеа, со посветеност и многу заложба од двете страни.

(Зад камерите, Александар Микиќ, фото Маја Аргакијева)
Музиката во филмот е посебна “приказна”. ”Не си го продавај Кољо” успешно вметната во едната инструментална подлога “Дениш стринг квартет”, а “Бандиера роса” е вметната јасно (Новоградска аранжер), револуционерна песна која некако со пандемијата како да доби свое ново значење, кога впрочем и зборот слобода доби и поскапоцена димензија. Да бараме симболика во песните, ја има?
-Во делата на Милчо секогаш има што да откриваш. И тоа е она што мене лично ми се допаѓа во неговите дела- тие пластови, нијанси, симболи. Од друга страна, тој не ги наметнува. Тие се таму, но тој не се труди да ги направи очигледни или плакатно јасни. Тоа го остава на гледачот, да ги забележи и препознае или не. И затоа неговите филмови работат на различни нивоа според мене.
Филмовите на Манчевски се со порака. Но има еден феномен кој се развива кај публиката- ми се допаѓаат неговите филмови, или не ми се допаѓаат. Црно-бело. И, “ама”… Дали е тоа поради слободата што ја дава на гледачот да си толкува како што сака, или затоа што неговите филмови ги гледаме низ призмата на неговото име (нешто на кое ни јас како гледач не сум имуна), а се разбира дека нема автор кој може да им удоволи секогаш на сите гледачи. Зошто публиката не оди растоварена од тоа кој е режисерот и да го изгледа филмот неутрално- во случајов: режисерот е поголем од своите филмови?
-Во денешно време е доста тешко делото да го одвоиш од уметникот, особено ако станува збор за веќе докажан уметник. Концерт на Симон Трпчевски или албум на Крсте Роџевски, ново дело на Банкси, нов роман на… – секогаш публиката ќе ги гледа, слуша, чита и вреднува овие дела низ призмата на тоа кој е уметникот. И тоа може да е позитивно за уметникот, а и делото, но и го носи тој товар на претходните дела на авторот, на нивниот успех и споредбите кои, ми се чини, се неизбежни. Милчо токму во таа смисла сметам дека е храбар, бидејќи ги прави филмовите ослободен од тоа бреме, до толку до колку е тоа возможно.
Да замислиме дека сме доста пријатели и дека најдругарски ќе ми одговорите и на ова прашање – што е тоа што толку ја вознемирува фелата во филмовите и во самиот “феномен Манчевски”? Коментарите се составен дел, но јас некако чувствувам дека овој пат нема да бидат со таков интензитет, како досега. Или се лажам?
-Уф, во денешно време сите сме критичари. Некои дури добронамерни– за жал ретко конструктивни, некои по дома, други “умрени” за внимание на социјалните мрежи или во медиумите се трудат да викнат колку можат посилно за да соберат лајкови од кругот пријатели или да се докажат. Особено се интересни оние кои не го ни гледале филмот, а се први да “филозофираат“. Причините различни, не би ни навлегувал во тоа. Има и такви кои од тоа имаат направено професија, а ништо не им е доволно добро – сериски негативни критичари. Таквите немаат да кажат ништо позитивно за ниту едно дело, за жал, што е веројатно резултат и на нивното лично незадоволство, нивниот личен светоглед и нема многу врска со делото, но… Во секој случај сметам дека различните мислења го прават едно уметничко дело живо и жилаво, и многу подобро е кога се дебатира и пишува за едно дело, отколку да си остане незабележано по маргините, удавено во дневната политика. Она што е полошо од критиките, е тоа дека заради истите причини не доволно го користиме она што го имаме како “капитал“ – во смисла на знаење, на стекнати искуства, на контакти, кои ги имаат поискусните. За жал нема иницијативи, ниту институционални, ниту лични. И тоа е проблем. Поради тоа секој автор го оди патот самиот, попатно правејќи ги истите грешки и вложувајќи многу повеќе труд. А би можело да е доста поразлично…

(Момент од снимањето на филмот, Ана Стојановска и Симона Спировска, фото Маја Аргакијева)

Негов филм не мора да се форсира со сила, луѓето го очекуваат па и го гледаат, рекордите не се само во бројките. Сега е филмот низ земјава, билетите во Скопје се чинам по 300, а во киносалите низ другите градови по 100 денари. Имате и социјални билети, како може да се дојде до нив?
-Различни цени на билети има во различните кина, што зависи единствено од самите прикажувачи, кои си ја познаваат публиката и нивните можности, а и условите во кои прикажуваат. Ние навистина се потрудивме филмот да се прикаже секаде каде што беше технички возможно, во целата земја. Сакавме на секој да му овозможиме да го погледне филмот во сала. Во таа смисла и правевме и правиме различни акции за билети, со цел да може што повеќе луѓе да го погледнат филмот. Најчесто ова го објавуваме на социјалните мрежи, па таму е местото каде што може да се дојде до ваквите билети.
Човек сте од сенка, но по вокација исто режисер, а малку знаеме за Вас, па би сакала да ни кажете повеќе, како шлагворт на оваа средба.
-Со филмот сум веќе 25 години. Сум работел сè и сешто на филм, попатно купувајќи знаење од секаде каде што можев. Сум бил и асистент на камера, и во организација, и на различни позиции во продукција, асистент на режија, режисер, продуцент, на вкупно околу 30-тина играни филмови. Инаку завршив филмска и ТВ режија на Националната академија во Софија. Веројатно во улога на режисер и се чувствувам најисполнет и сè уште имам што да кажам на тоа поле, но чувствувам дека сум далеку од тоа дека имам потреба некому нешто да докажувам. И генерално сум на став дека кога работиш нешто треба да веруваш во она што го правиш и да работиш без страв, односно храбро да го кажеш она што сакаш, и никако поинаку.
При следната средба со Манчевски прашајте го во мое име, каков следен филм ќе направи, продолжение на овој или сосема поинаков. Благодарам!
-Одговорот ќе биде веројатно некаде по средината – ниту премногу различен, ниту продолжение. Ќе почекаме да видиме. Благодарам и јас на оваа можност!


Валентина Ѓоргиевска Парго


(На фестивалот во Токио, Сара Климоска, Милчо Манчевски, Ана Стојановска и Јане Ќортошев- Tokyo film festival)

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.