Како се произведуваат украсни дрвја и грмушки во расадници?

1193

Расадници- Тие се посебно определени површини на кои преку специјални агротехнички мерки и техники на одгледување се произведува саден материјал за определена област (земјоделство, шумарството, хортикултура, пејзажна архитектура).

Главната задача на расадникот за украсни дрвја и грмушки е производство на здрави и витални садници, со правилно оформена крошна, стебло и корен за потребите на пејзажната архитектура и хортикултура.
Методот на производство на украсни дрвја и грмушки е многу посложен во споредба со производството во шумските расадници, иако понекогаш се работи за исти растителни видови.

Шумските расадници се состојат од семениште и пикириште, што значи дека садниците се размножуваат  генеративно (од семе) и на терен се садат без или со едно пресадување (во пикириште). Вегетативниот метод на размножување во шумските расадници не се користи. Асортиманот е ограничен на неколку видови, дури и на еден вид, но бројот на произведени садници е огромен.

Процесот на производство на садници од украсни видови вклучува два сегмента: размножување и формирање. Генеративното размножување се применува во случај треба да се обезбеди генетски варијации и вегетативно размножување кога треба да се обезбеди униформност на произведените садници (репрезентативни објекти, на пример).

hortikultura.mk_rasadnik_4
hortikultura.mk_rasadnik_5
Класификација на расадници

Постојат голем број на класификации во зависност од критериумите. Ако критериум е асортиманот тогаш расдниците се делат на специјализирани и се мешовити, а ако критериумот е вложениот капитал тогаш расадниците се делат на државни и приватни. Класификацијата може да вклучува повеќе критериуми, па така, еден расадник истовремено може да биде специјализиран (да произведува само иглолисни видови), локален (ако ги продава садниците само во околината), производни и приватни.

Во пејзажната архитектура се користат садници од расадник на украсни дрвја и грмушки (хортикултурни расадници), во помала мера од шумски расадници, а понекогаш и од земјоделски расадници (најчесто овошен). Производството може да биде класично, кога растенијата се размножуваат и формираат на земјиште во расадникот или кога садниците се произведени во садови (контејнери) направени од тврда пластика, пластични кеси и тресетни саксии.

Големината на расадниците во голема мера зависи од техниката и технологијата на производство, па затоа е многу тешко, со споредување на различни техники и технологии, да се утврдат критериумите за поделба на расадниците по големина. Како мали расадници се сметаат т.н. хортикултурни расадници со големина до 25 ха, средни се оние помеѓу 25-100 ха, а големи се над 100 ха. Големината на еден просечен расадник во САД е 3.24 ха, а во Европа е 6.57 ха.

Бројот на работници по единица површина варира во зависност од карактерот на производството. Според некои американски извори, еден работник е доволен за 3 хектари при класично производство на садници, додека за контејнерско производство на мали садници, најрационално се смета дека е еден работник за 0,4 ха. Во расадниците кои се занимаваат само со формирање на големи (дрворедни) садници кои се пресадуваат и до 10 пати, со оптимално користење на механизација, еден работник е доволен за 3.5-7 ха.

Во Европа најголеми производители на декоративни садници се Холандија, Германија, Италија, Франција, Англија, Унгарија и др. За разлика од европските земји, во Р. Македонија производството на декоративни садници – декоративни дрвја и грмушки е застапено на релативно мали површини, поради релативно нискиот стандард на населението, но и поради немањето традиција за садење декоративни дрвја и грмушки во дворовите.

Во последниве години во Македонија постои тенденција за зголемување на површините за производство на декоративни садници поради зголемената побарувачка и потребата на населението да внесе дел од природата во својата животна околина. Секојдневно се зголемува бројот на хортикултурно уредените дворови во приватните куќи, јавните установи, на булеварите и сл.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.