“Лесновските ѕвона” повторно одекнаа за поетот Чедо Јакимовски

500
7 ноември 2021
Во чест на поетот Чедо Јакимовски, вчера, на 6 ноември, во Кратово се одржа четиринаесеттата манифестација “Лесновските ѕвона”.
Со полагање цвеќе на неговото вечно почивалиште и говорни посвети и беседи од новинарот Живко Кондев и поетот Ефтим Клетников,  песна од поетот прочитана од Виолета Танчева-Златева, започна оддавањето почест. Средбата продолжи со разгледување на градот, посета на изложбата “Кратово од најстарите времиња до денес” во Кулата, објаснета од кураторот Илија Митевски, и со Поетско читање пред Музејот на Град Кратово.
Поетската средба пред Музејот ја означи водителот и артист Страшко Милошевски, интерпретирајќи ги стиховите “Лесновските ѕвона”, поздравниот говор го упати Живко Кондев, Претседател на Советот на оваа традиционална манифестација, а беседа за Чедо Јакимовски изведе Санде Стојчевски.
Беше промовиран зборникот “Поетите за Чедо”, како второ дополнето и изменето издание, за кое говореше Кондев.
Промовирана, од страна на Васил Тоциновски, беше и книгата првенче  “Низ огнови” на Тања Кузманоска, книга која ја понесе наградата за најдобра според оваа манифестација за 2020 година, а  “Боже упати ме”, на авторката  Емилија Алексовска, промовирана од Клетников, ја доби наградата за најдобра во 2021.
Беа доделени и Повелби за особен придонес за оваа манифестација.
Значаен дел од програмата беа настапите на повеќе поети, Никола Маџиров, Васил Тоциновски, Горан Анчевски, Весна Ацевска, Тања Кузманоска, Емилија Алексовска, Виолета Танчева-Златева, Ѓорги Зимбаков, Душан Бојчев, а Живко Поповски Цветин ја изрецитирам познатата “Ружа” од Конески.
Програмата во прекрасниот амбиент ја збогатија” Кратовските тамбураши” шаховски велемајстор Димитар Илиевски кој одигра осум партии- симултанки во чест на стогодишнината од раѓањето на Блаже Конески, а еминентниот уметник и хуманист Живко Поповски-Цветин ја одржа својата редовна ликовна сеанса со сликање и подарување на цвеќиња на присутните, кои на крај се дружеа и во етно национален амбиент во ресторанот “Кану”.

Чедо Јакимовски е истакнат македонски поет роден во Кратово на 22 февруари 1940. Починал во Скопје на 15 декември 1993 година. Во неговиот краток и боемски живот оставил малку по број дела, но со извонреден квалитет. Тој во светски рамки се смета за еден од творците на стихови блиски до совршенство. Секоја песна излезена од  неговото перо, минувала низ строга проверка на метроном.

Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 1966 година. Автор е на книгите “Нарциса” (1966), “Лажно море” (1971), “Халеевата комета” (1985), преведувачи на повеќе светски  јазици .

Секоја година во негова чест се доделува наградата “Нарциса” за придонеси во поезијата. Од 2007 година во Кратово започна чествување на Чедо Јакимовски, и продолжува како традиција, во која оваа година поради протоколите не беше изведена плус и во Лесновскиот манастир, како секоја година.

Валентина Ѓоргиевска Парго 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.