LIcentia poetica Христо Петрески – ..Ми подаривте камче, но не знам дали ќе изградам куќа

1007

Проф. д-р Христо Петрески е роден на 4 февруари 1957 година во Крушево. Тој е македонски поет, писател, новинар, антологичар, есеист, критичар и сликар. Магистрирал културологија во книжевноста на Институтот за македонска литература при Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје на тепа „Хаику поезијата меѓу елитното и масовното“. Докторирал на тема „Авторска бајка-компаративна анализа“ (методички и дидактични науки). Редовен проесор е иф директор на институтот за култура и уметност на Меѓународниот Славјански Универзитет „Гаврлило Романович Державин“-Свети Николе-Битола, а предава и на Педагошкиот факултет
„Св. Климент Охридски“ во Скопје.
Автор е на повеќе од педесет книги и тоа: поезија за возрасни, поезија за деца, проза за возрасни, проза за деца, критики и есеи, афоризми, антологии, избори….
Се занимава и со сликарство и со новинарство. Како сликар се има преттавено на многубројни групни и самостојни изложби.

Добитник е на многу награди во Македонија и вон нејзините граници. Неговите дела се препејувани и преведувани на српски, хрватски, словенечки, бугарски, француски, англиски, германски, словачки, русински, албански, турски, руски и други јазици.

ПРОШКА
На македонските просветители
Ми подаривте камче, но не знам дали ќе изградам куќа
Со високи и мазни ѕидови, со манастирски одаи
Во кои задолжително ќе се досонуваатвтуѓите соништа
Од еден во друг век, од една до друга река векутума века

ОВА Е ГРАД
Ова е град каде мртвите ги закопуваат живи
Се живее, ако воопшто се живее, двеста па и триста на саат
Никој никого не слуша, никој со никого не разговара
Сал ветерот самотно и нечујно се провира низ соголените гранки
На кои веќе не спијат ни заборавените птици
Зашто и тие побегнале некаде далеку
Можеби во некој друг град или измислен предел
Подалеку и од воздухот и од луѓето!

ПОСЛЕДНИТЕ ОРЕВИ
Нив ги јадат само задоцнетите и последните птици
Не, нив ги собираат и џвакаат прегладнетите скитници
Не, нив ги јаде ветрот, сланата, дождот и снегот
Сакам да сум последен орев цврсто залепен на највисоката гранка
Кој ќе пркоси на сите годишни времиња и непогоди
И победнчки ќе одолева на безбројните алчни погледи
На крајот, сепак, ќе го колвне сал црниот гарван или сојка
И тој радосно ќе падне право во рацете или гладната уста
Или немоќно ќе лежи во густата трева до следното свое гниење или ртење.

Избор: Филип Димкоски

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.