LICENTIA POETICA со Амела Мустафиќ-Најширок простор по кој можам да одам е спознавањето на просторот во мене

977

Уредник на рубриката: Филип Димкоски

Амела Мустафиќ е родена во 1994 година во Сребреница, Босна и Херцеговина. Дипломираа на насоката за книжевност на народите на БиХ и отсек за босански, хрватски и српски јазик во Сараево. Поезијата ѝ е објавувана и наградувана во списанија, заеднички зборници и антологии. Победничка е на конкурсот распишан од здужението „Култура снова“ од Загреб и Рром Продукција“ од Белград, и наградена е со печатење на нејзината прва самостојна поетска збирка „Умирање на детството“ (Umiranje djetinstva). Втората книга „Умирање на имињата“ (Umiranje imena) ја објавила во 2018. Живее на релација Сараево-Побуѓе.

КОГА ЌЕ ПРЕСТАНЕМЕ ДА ЉУБИМЕ

Можеби и оној што чекал,

престанал да љуби.

 

Не барај љубов,

во поезијата.

 

Таа таму е

Петрарка,

Шекспир

или некоја друга забранетост на чекањето

или на вечноста.

 

Не постои:

камен во бубрегот,

неподвижност, простата,

реума, заби во чаша,

кожа што виси.

 

не се прославува шеесетгодишнината од бракот,

 

понекоја љубов престанува

преминува во навика

се заменува со нова

умира во ликот на птицата.

 

Годините донесуваат

и однесуваат

се што врзува,

ги врзало двајцата

во љубовта.

 

И никогаш не барај

оној што го љубиш,

да ти напише песна.

 

Кога ќе престане сакањето

најсилно ќе болат

стиховите

по кои си пловела

само до еден брег.

 

СРЕЌА ВО ТУЃИТЕ ОЧИ

Ми ја отвора вратата,

службена вечера,

ми го собелкува капутот,

и ме бакнува

дури и по вратот.

Вели дека смислата на постоењето

ја пронашол во моите очи.

 

Дома,
ги собирам неговите чорапи,

лут е ,

би можела вечерва поубаво да мирисам,

да имам поубава шминка,

повеќе да се смеам

и гласно да речам

дека го сакам.

 

Спиеме,

во оддвоени соби.

 

Тој рано потонува во сништа.

Мене книгите ме носат во нов универзум.

 

Таму не сум лажно нечија

присвојните заменки добиваат смисла.

Да си припаѓаш себе си и некому,

еднина.

Исти болки нѐ спојуваат.

Сфаќам колку сум несреќна

и добро ми е,

во душава.

 

Најширок простор

по кој можам да одам

е спознавањето на просторот во мене.

 

Никогаш не допрев до него.

Ако беше така,

денес ќе бев омажена за друг човек

и ќе нѐ мразеа

неговите,

моите,

нашите,

нивните.

 

Немаше:

Да веруваме во исто небо

да имаме деца

да се држиме за раце

да кажуваме наглас дека се сакаме

да одиме на вечери

во театри, музеи и јавни паркови….

Ќе им праќавме писма на умрените писатели,

ќе се расправаме со птиците,

ќе бегавме од дождот скокајќи во реката,

и ќе се слеевме во водата

пред неа

ќе го копавме небото,

ќе се смеевме над несреќите

и ќе плачевме над среќата

оти е бесмислено.

 

Ќе умиравме млади.

Тој сонува,

оти да сонува единствено умее.

Но, утре ќе бидеме среќни,

заради децата.

Превод од босански на македонски јазик: Филип Димкоски

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.