Онлајн промоција на книгата -„Херојски приказни“

704

На 29 април (среда), со почеток во 19 часот, ќе се одржи онлaјн промоција на новата книга „Херојски приказни: Митови, легенди и приказни од различни делови на светот“, која е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“.

Станува збор за прв дел од едицијата „Мнемосина“, која вклучува прeводи на приказни, митови и легенди, кои од англиски јазик ги преведоа 11 студенти од трета година од Катедрата за англиски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, Скопје, под менторство на доц. д-р Мира Беќар.

„Со отворањето на оваа книга тргнувате во авантура која ќе ве однесе од топлите мориња на Медитеранот до студените, страшни шуми на Северот. Ќе видите како Прометеј им го подарил огнот на луѓето, како Персеј ја поразил горгоната Медуза, и како Херкул ги извршил сите дванаесет задачи. Но, исто така, ќе ја откриете истрајноста на Фритјоф, љубовта на Лоенгрин и убавата Елса, и тврдоглавоста на ковачот Вејланд. Дури и ќе се потсетите на еден херој што ви е многу близок, а сте заборавиле дека и тој е дел од овој пантеон – Крале Марко.
Во овие приказни е наталожена вековна историја, традиција и мудрост – од нив може да научите многу. Но, ако не сакате, не ги читајте приказните поради тоа. Читајте ги затоа што се толку интересни и возбудливи, што дури и денес го привлекуваат нашето внимание“.

На промоцијата, која ќе може да се проследи преку „Фесјбук“ профилот на „Литература.мк“, ќе се вклучат студентите и нивната професорка по Современ англиски јазик. Тие ќе ја претстават книгата „Херојски приказни“ и проектот „Мнемосина“, а ќе одговорат и на прашањата поставени од публиката.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.