Licentia poetica со Лабуд Н. Лончар – Ако ја премолчам песната, ластовичките ќе престанат да доаѓаат од југ

1117

Уредник на рубриката: Филип Димкоски

Лабуд Н. Лончар роден е во 1964 година во Иванград, денешно Беране. Тој е црногорски поет, прозен автор и колумнист. Се занимава со пишување поезија и проза. Организатор е на многу културни манифестации и промоции на книги. Основач е и претседател на меѓународното здружение на книжевни творци и уметници „Неказано“ од Бар.

Лабуд Лончар во Струга

Член е на Здружението на писатели на Србија и на здружението Неказано од Бар, Црна Гора. Застапен е во триесетина антологии и ѕборници во татковината и надвор од неа. Добитник е на неколку домашни и меѓународни награди и признанија.

Објавил четити поетски збирки и една книга со кратки раскази. Основач е и уредник на списанието за култура и уметност „Неказано“ како и на списанието за хаику „Неказано, а воедо и основач и главен уредник на порталот за култура и уметност со исто име. Основач е на фестивалот за љубовна поезија „Поет-светилник“ (Пјесник-светионик). Живее и твори во Бар.

 

СИДРОТО НА НОЌТА

 

На таванот

во темнината

скриени од ѕвездите

и од погледите

бараме

белег и гребнатини

по нашите тела.

 

 

Во темнината

Сокриени од ѕвездите

Меѓу старите книги

бараме јаже

да ја врземе месечината.

Стануваме сидро на ноќта.

 

На таванот

Прегрнати од страв

Во прашината на сеќавањето

во пајажината на ноќта

наоѓаме

исфрлени кукли

и збор што навестува љубов.

 

На таванот

во мракот

скриени од ѕвездите

бараме јаже

да ја врземе месечината.

 

Моите и твоите гребаници

Стануваат сидро на ноќта

и зборот станува љубов!

  

УТРО

 Утрото,

Мириса на

Белото грло на жена ми

на брашно и на оревов лист.

 

Утротот

што со маглата

сонливо доаѓа со реката

ги мие прозорците

и внебо вперените оџаци,

го предизвикува петелот

кој накострешен

на дното од постелата

чека да запее.

 

Утрото

со студените раце

ги наежува моминските гради

и ги лади врелите колкови.

 

Утрото

Срамежливо ја носи песната

откината од моите

гризнати усни.

 

АКО ЈА ПРЕМОЛЧАМ ПЕСНАТА

 

Ако ја премолчам песната

додека гледам во твоите очи

ластовичките ќе се успијат

скриени под твоите пазуви и

ќе останат засекогаш заробени на југ.

 

Ако ја премолчам песната

додека спиеш на моите дланки

онака сонлива и далечна

дренот ќе престане да цвета

и твоите мали раце

ќе престанат да повикуваат и да сакаат.

 

 

Ако ја премолчам песната

додека ги бакнувам твоите усни

љубовта ќе престане да капе

од стреите на надежите и чекањата

и нема да процветаат црешите

на овој молачлив брег.

 

Ако ја премолчам песната

Ластовичките ќе престанат

да доаѓаат од југ.

 

Препев од црногорски на македонски јазик: Филип Димкоски

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.