Културата и градот – Ој, Вардаре македонски ти ја красиш Македонија…“

644

Една вечер на радиото кое беше тивко пуштено, се слушна длабок но мек глас:

И така деца, си била една земја некаде распослана на не толку голема површина, но богата со реки, планини, езера, невидени убавини, полиња со златни жита, пасишта без крај…

Луѓето биле познати по тоа што биле вредни, гостопримливи, штедливи од парата правеле три, а богами знаеле и убаво да пеат и убаво да играат.

На средината на таа земја Македонија, како сино-зелена низа се простираше најубавата река Вардар, која извираше во местото Вруток, во близина на Гостивар, некогаш гратче со малку жители, но најмногу паркови и гости од сите страни. Таа река беше бистра. Риболовците се насладуваа во мирот и среќата на уловениот род а во течението поминуваше низ Полог, Скопската котлина, низ Велес се до Демир Капија и се влеваше во Егејското море. Не знам дали некој ги видел нејзиниот влев но јас не.

Така, поминуваа убави децении, многу води протекоа низ македонскиот Вардар и се испееја многу песни. „Ој Вардаре Македонски“, „Како Вардар ќе протечам“..Вардаре.., дури и најсаканиот и најстариот спортски клуб, во 1961 година го нарекоа “Вардар“, гордост на спортистите и навивачите. Луѓето среќно си живееја, сигурни во своите домови, во својата татковина Македонија. Луѓето се сладеа на животот во слобода, признавање  и градеа. Градеа урбани средини, градеа фабрики, градеа култура, создаваа музика, уметност, технологија и сето она што ги правеше да бидат свои на своето, после вековни борби за признавање и своја Македонска држава.

Но, дојде ден кој никој не го памети. Тој ден почна се да се менува. Наеднаш фабриките ги затворија своте врати, илјадници работници останаа без работа. Почна да се менуваат и ликовите на градовите а опустешените села веќе беа празни и без живот. Рибарите на брегот на реката Вардар ги снема. Таа стана матна а и рибите се помалку опстојуваа во неа. Едно време на Кејот во Скопје се појавија вештачки палми и т.н. градска плажа која никој не ја посети а палмите патем купени од парите на граѓаните ги снема.

Се појавија и галиите не една не две,  дури три, кои го сопреа текот на водата во нашата река Вардар. А чуму ни беа, се прашувам. Не пловат, луѓето не седнуваа да уживаат во поглед, затоа што  обичните немаат пари за тие луксузни места а и поглед нема, празен е. Можеби кога ќе погледнете кон Калето  препознавате дека тоа е тој град Скопје, градот низ кој тече реката Вардар.

И така неосетно, повторно некој ден дојде од кога, центарот на Скопје стана пуст , Врдар пресуши, Камениот мост без минувачи заитани од едната до другата страна на градот. Луѓето престанаа да пеат а играта одамна ја нема . Кејот на Вардар остана празен. Градот низ кој тече реката Вардар застана! Застана светот, градовите станаа градби без душа.

После кратката музичка пауза, длабокиот но мек глас на раскажувачот продолжи.

И така во тие денови природата се појави во своето заборавено светло. Дрвјата раззеленеа, Вардар се разбистри, воздухот стана чист …но луѓе, луѓе никаде немаше. Скриени во своите домови се плашеа од новиот „непријател“ во форма на вирус “Ковид 19“.

Би сакал тука да го кажам среќниот крај, но оваа приказна сеуште трае. Крајот ќе биде среќен ако светот се смени на подобро, ако луѓето станат подобри, ако сфатат дека планетата земја припаѓа на сите и дефинитивно доколку светските моќници  го сопрат диригираното уништување на човештвото.

А ние Македонците? Изгубени во времето и просторот, безнадежни, усрамени и понижени, ретко кој од нас  ја запејува нашата “Ој Вардаре македонски ти ја красиш Македонија“. Не ја пеат, некои од злоба, некои од тага .

И затоа додека оваа приказна добие свој крај се надевам среќен, дотогаш барем во себе да запееме „Ој, Вардаре македонски“ .

М-р Татјана Гогоска 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.