Licentia poetica со Гордана Јовиќ Стојковска- И чекам да проструиш како блесок на прекршениот зрак

1023

Уредник на рубриката: Филип Димкоски

Гордана Јовиќ-Стојковска е родена во Грделица, Србија, 1961 година. Досега има објавено три поетски книги: „Noctambulismus“ (Северно талкање), „Помеѓу“ и поемата „Мостување“.

Автор е на книгата раскази „Сонкобија“  и на романите: „…“, „Боја на безвремето“, „Последниот таласон“, „Тајна на тринаесетиот знак“, „Очи полни тантали“и „Ѕидање на сонцето“. Подготвувач е на „Речник на Јужнословенска митологија“ и коавтор на „Српско-македонски речник“, заедно со Олгица Станковска и Фросина Стојковска.

Автор е на детски ТВ драми реализирани во МРТВ и на серијалот „Децата на Македонија“. Активно работи како преведувач, досега има преведено над 20 книги од српски и македонски автори. Уредник е на списанието за книжевност и култура на српски јазик „Словољубве“.

Своите културолошки и книжевни активности ги има реализирано како долгогодишен есеистичар, книжевен критичар, истражувач на полето јужнословенска митологија; била раководител на Книжевна младина на Македонија, член на повеќе домашни и странски редакции, претставувач на современата книжевност, организатор на меѓународни фестивали, семинари, конференции и јавни претставувања.

Член е на Матица српска, на Друштвото на писателите на  Македонија, Здружението на книжевниците на Србија и на Академијата на Редот на медитеранските трубадури.

Добитник е на повеќе домашни и меѓународни награди, нејзините дела се преведени на повеќе јазици.

 

Наместо љубов

И чекам да проструиш

како блесок на прекршениот зрак

во белината на потопените височини

во чија проѕирност

престрашена те прогонувам

како ѕвер на умирање

кога ја насетува несреќата

и мислам дека љубам

додека мекото тело

далечината на недопирот ја премостува

и мислам дека не те љубам

додека овенчан со чистотија

ја обвиткуваш мојата голотија

со поспан поглед

што ја бара вратата

на заборавеното поле.

 

Оти семето твое

е неплодна тишина

во родна гласнотија

на мислите што нѐ делат

веројатно и те љубам

како малечок крадец

од светот отфрлен

во деновите пред времето

ова во кои за љубов даруваат бомби.

 

Не знам

љубов ли е

зовриената течност

што проточна ме прави

во погледот твој

можеби и не те љубам

додека девствено нереална

ја чекам призрачната немост

во која храбро

ќе повторувам дека

не ги љубам соништата

на умрените птици.

 

Летни

најроден мој

во задумниот никулец

боговите од искон

оставиле запис за езерото на среќата

затрепери со крилјата

и летни

огништето свое да го одомиш

вистината да ја вивнеш со крилјата моќни

зашто оној што разбира

има крилја.

 

                Скопје 1998

 

На дно

           На Бранко Миљковиќ

 Имаше денови кога пеевме,

и ја славевме Победата,

кога се перчевме како пауни,

кога замислувавме дека сите Неретви, Азини,

Ленингради и Берлини со свои сили ги извојувавме.

Имаше денови кога со коските на

Своите прадедовци се воскревавме

и со празни заклетви

со кренати чела на идните им се заветувавме…

И додека ние празнувавме

и со празнина се полневме

децата на цвеќето мимикрираа

и во робството на послабите своето растење го зацврстија

и бедна прокоба ни смислија.

И не знае слободата, Бранко мој,

не знае да пее

како што робовите пееја за неа!

И ние што ниту една побуна не кренавме,

ни една рана не излижавме,

ние слепи,

од слава обневидени,

од сребрени илузии прегладнети

ће пропееме како робје

сонувајќи ја, како секоја окафезена птица,

Слободата, која од себе засени

без крчмар ја раскрчмивме.

 

 април, 2020

               во време на полициски час

 

 Сина – Ерупција

Уште кој знае кога

во безвреме некое

од крајче некое темно

ја сретнав својата сенка

плачевме

не распознавајќи ја сликата

зашто сенка сум само јас

а таа низ времето

името ми го носи

 

ја здогледав од перон

за последен пат

(таа мене не).

 

Еј, ти моја, без мене

во болка те препознавам

а од безвремето не слушам.

 

 

 

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.