Mеѓународниот натпревар „Охридски бисери“ со ново 18 издание

488

Повеќе од 80 млади уметници од Германија, Обединетото кралство, Русија, Полска, Литванија, Грција, Србија, Бугарија, Словенија, Хрватска, Црна Гора и од државава ќе бидат дел од годинешното 18-то по ред издание на Меѓународниот натпревар на млади музичари „Охридски бисери“.

Во рамки на петте натпреварувачки дена ќе настапат уметници на дувачките инструменти флејта, обоа, кларинет, саксофон, труба, хорна и тромбон, како и изведби на камерни дела во различни состави со споменатите инструменти. Натпреварот во Охрид им овозможува на младите уметници да ги претстават своите вештини на инстументот, но и претставува можност за размена на искуства со колеги од целиот свет, како и контакт со врвни педагози и репродуктивни уметници од областа на класичната музика кои се дел од жирито.

„Охридски бисери“ е единствен меѓународен натпревар од Македонија е дел на Европската асоцијација на музички натпревари (ЕМСИ), заедно со уште педесетина други натпревари од 30 европски земји.  За годинешното издание на натпреварот своето учество во жири-комисиите го потврдија професори од повеќе европски музички академии и тоа Андреј Иков, професор по труба и прв трубач во светски познатиот Баљшој театар од Москва, Детлеф Бенсман, саксофонист и Петер Арнолд, хорнист од Германија, Пенчо Пенчев, професор по труба од Бугарија, Бранко Михановиќ, обоист од Загреб, Бранислав Аксин, тромбонист и Лаура Леваи Аксин, флејтистка, двајцата професори на Музичката академија во Нови Сад, Србија, Емир Нухановиќ, кларинетист од Сараево, Босна и Херцеговина, како и нашите Страшо Темков, професор по флејта и Васо Ристов, професор по труба од Факултетот за музичка уметност во Скопје.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.