Многу “работа” не чека со музиката од светот на Оффест 2021

151

Дваесеттото, јубилејно издание на реномираниот фестивал Оффест, чука на порти, и се е подготвено за почетокот и музичките сеанси со музиката од светот, од 9 до 13 ноември во Скопје.

Организаторот, сите тие 20 изминати години ги смести во неколку пишани редови:
-Често и самите знаевме да си го поставиме прашањето: зошто и како ОФФест, двојно помлад од Скопскиот џез фестивал, успеа да стигне до највисоката светска репутација, најмалку еднаква на постариот брат, потврдена многупати од повеќе извори и по најразлични поводи, но, пред сè, од најрелевантните светски авторитети на „музиката на светот“? Но, кога одвреме- навреме ќе го погледневме портфолиото на фестивалот, неговата историја, одговорот беше недвосмислен. Импресивниот список на учесници кажува сè. Едноставно, во Скопје пристигнуваа најзначајните музички имиња од сите меридијани и континенти, а таквото богатство го надополни и традицијата во програмата со претежно ексклузивни проекти да бидат застапени и водечките македонски уметници, познати и вон нашите граници. За јубилејот, за кој не криеме дека сме многу горди, да споделиме сите по една чашка убаво црвено вино. Макар и на дистанца. Заедно со колажот од фотографии на дел од оние што нè почестија со своето присуство на скопските подиуми. Имињата намерно не ги испишуваме. Лесно ќе ги препознаете, стои на нивниот фб ѕид.
Со весел и колоритен постер од Зоран Кардула, се најавува овој, навистина омилен фестивал на пребирливата скопска публика.
OFFest ќе се одржи од 9 до 13 ноември, со свежа, разнобојна и возбудлива програма, една од најинтересните во скорешната историја на фестивалот.

9 НОЕМВРИ 2021

Сеќавањата на делото на големата португалска пејачка легенда Амалиа Родригез (1920-1999) ќе бидат оживеани со настапот на извонредното дуо ЛИНА И РАУЛ РЕФРИ (Португалија/Шпанија) коешто испорачува модерно и надградено фадо, музика што ги надминува географските одредници, во НОБ од 20 часот, како и пред тоа во 18 часот со проекцијата на документарниот филм „The Art of Amalia”, во кино “Фросина”, посветен на култната кралица на фадото.

11 НОЕМВРИ 2021

 

 

Мистичниот минимализам, имагинарниот фолк и нескротливата музичка фантазија и вештина на триото ШИРОМ (Словенија), во комбинација со апокалиптичната самба на извонредниот гитарист/композитор и воедно еден од најзначајните експоненти на современата бразилска музика КИКО ДИНУЧИ и неговата специјална гостинка ЈУСАРА МАРСАЛ ветуваат исклучително концертно доживување од највисок ранг, во НОБ од 20 часот.

13 НОЕМВРИ 2021

 

Конечно, величествената моќ на еден од најинвентивните и најоригиналните африкански автори БЛИК БАСИ (Камерун/Франција) одлично се вклопува во неодоливиот шарм, визија и поезија на ПИЈАН СЛАВЕЈ (Македонија), новиот проект на Бранислав Николов, фронтменот на “Фолтин”. Повторно НОБ од 20 часот.

Концертите ќе се одржат според протоколите. Сите дополнителни детали може да се прочитаат на извонредно средниот сајт на фестивалот http://www.offest.com.mk, каде што прелистувајќи веќе ни доаѓа да станеме од столче и да за играме, во очекување на големата музичка забава со стил што не очекува деновиве.

Валентина Ѓоргиевска Парго 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.