Нова поетска книга на Александар Михајловиќ-„Помалку измамени“ како интимната исповест испреплетена во современието

473

Видување со повод, со поетот Александар Михајловиќ, од Гостивар а тоа е неговата нова книга поезија со наслов „Помалку измамени“. Неговата работа во образование се повеќе е надополнета со поетско творештво во последниве неколку години, каде Михајловиќ во поетски изблик на читателската публика им дарува поезија на современието испреплетена со интимноста на неговата поетска душа.

Роден 1971 година, во Гостивар каде живее, работи и твори. Автор е на книгите поезија ,,Алтани и други,, (2019) и ,,Помалку измамени,, (2021). Добитник е на бројни награди и признанија за својата поезија, кај нас и во странство. Неговите поеми се преведени на српски, англиски и турски јазик, објавени се во бројни антологии и збирки на поезија. Својот творечки опус го дополнува со кратки раскази а активен е  онлајн преку својот блог за поезија – http://climberpoem.blogspot.com/.

Книгата ,,Помалку измамени,, од Александар Михајловиќ е поддржана од Министерството за култура како дел од Годинешните конкурси за финансирање на проекти од национален интерес во културата за 2021 година.

Поетесата Љупка Антеска, во својата рецензија за книгата „Помалку измамени“ пишува: “ Поезијата во книгата „Помалку измамени“ претставува освежување во македонскиот литературен простор. При читање на песните може да се почувствува соочувањето на авторот со постулатите на секојдневието, на животниот тек кој е посакуван, на интимната исповест испреплетена во современието. Авторот Михајловиќ се впушта во соочување со тежината и леснотијата на пишување на стиховите и ослободувањето од нормативите на секојдневната поетска реч. Токму едноставноста на неговите стихови, минималистичкиот начин на пишување, претставува момент на вистината, тогаш читателот создава свои претстави за случувањата.
Ненаметливо создава естетска прецизност во пишувањето, енергетска харизматичност во новооткриениот свет кон разбирање на човечките карактери. Поетот се идентификува со нештата и ликовите опеани во песните, во еден вокативен, обраќачки тон, упатен на читателската публика. Но, тука не се изоставува самиот, тој се обраќа и кон себе, за да открие еден свет кон кој тежнее, свет доволно идеален, во кој културата на поезијата треба да го заземе тронот на битисувањето.
„Поезијата на Михајловиќ ја толкувам како обид на авторот да нурне во човековата реализираност, себеспознание, начин на претставување на животот во околности на реалноста. Тој живее за уметноста, на несебичен начин ја нуди едноставноста на вообичаените рутини гледани низ Аристотеловата мисла ,,Спознавањето на себеси е почеток на секоја мудрост“ -пишува таа.
Александар Михајловиќ преку стиховите повикува на ослободување, создавање на реален свет, во кој љубовта се трансформира во сите сегменти на живеењето и се појавува во чудесни облици. Иако насловот „Помалку измамени“ предизвукува, сепак никој нема да остане измамен додека ги чита песните.

ПОМАЛКУ ИЗМАМЕНИ

Овие правила не се за нас,
треба да смислиме нови
секој ден прави правила
правила со правец
кон подобро, за убаво
правила за нас, само наши
но не и за вас господа
вие живеете без нив
неправилни правила сте создале
по нив одите, итате
каде, кога, како
за правилните правила грижа не ви е.
Се обидов, Господ знае колку
да ги направам прави
неправилните правила.
Правилно прави
за сите нас,
правилно да постапиме,
измамени да нема
или барем помалку да сè.

ВООПШТО НЕ Е

Не е добар знак
не треба сега да постојам
ова место е како кафез.
Ова не е добро
звучи како друг живот
звучи како кршење чаша
од порцелан.
Не е добро
треба да молчиме сите
да не кажеме збор, навреда
да молчиме за цел свет.
Дефинитивно не е добро
за никој од нас
дојди и гледај што се случи,
гледај што ќе се случува
кога владеам со времето,
како ги менувам речните текови.
Ти велам не е добро
не е
не.
Ова беше мое место
мое засолниште
сега ти знаеш кој си.
Ослободи ме.

КАДЕ СМЕ

Коренот треба да го знаеш
испреплетен в длабочина,
во земјата црна, меѓу црвите
коренот од семка изникнат
вито дрво израстено.
Корен да немаш
ќе речат старите
корен немало
не мислат така
туку останало од нивните стари
стари корења големи
останати исушени, скапани
таму се, останале засекогаш
да се препнуваме кога одиме
за да потсетуваат
на корењата наши.

ИЗМИСЛЕНА

Не се става мисла на душата
мислата замислен те остава
мислата на арно не е
со мисла не се јаде
нити се легнува.
Помисли само колку пати
душата починка бара од мисли
слободна да е
како птица млада.
Затоа те молам немој
мисли на душата да редиш
тие само тежнеат
и копкаат
и болат.
Mислата помислена премислен те остава
во кафез челичен
душата ја заробува
ја измачува
ја пеплосува.
Затоа помисли на песнава
мислата слободна да е.

КИЛИМ

Филозофската нишка е проткаена
низ твоите мисли и беседи
оставена да проникне во денот
чиниш леснотија кажуваш.
Денот се мачи да осознае
да открие вистина за себе.
Чекорот низ тоа снежно утро
тежок заради исчекувањето
засолништето крај отворениот прозорец
поглед векови наназад
кажува за вечните придружници.
Тоа е само мудрецот
кој прозборува низ тебе
твоето издигнување до сонцето наше
доказ е твој исцелителен
исеченици, рани печат
полни зборови тивко шепотат.

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.