Во Прилеп и Долнени почнува Фестивалот на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски”

413

Фестивалот ќе биде отворен вечер од 20 часот на камената бина на плоштадот „Александрија”, а втората фестивалска вечер е утре од 19 часот на Рудина кај Долнени.

Околу 320 учесници од сите краишта на земјава овие два дена ќе ги разлеваат кавалот, гајдата, зурлата, изворната песна, ќе одекне тапанот укажувајќи на негувањето и чувањето на богатиот изворен мелос.

Како што објаснува секретарот на Фестивалот, етномузикологот Горан Василески, оваа национална манифестација успешно ги остварува целите, зашто како придружен дел се и Семинарот за изучување на народните инструменти и песни и Симпозиумот насловен „Фолклорот во минатото и денес”

-Фестивалот на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски” еден е од ретките кој не го загуби континуитетот и во пандемија. Жилаво опстојува, еве, речиси половина век. Имаме околу 320 учесници, а интересот за учество, кога се пријавуваа пролетоска, беше околу 600, но мораше да се направи селекцијата. Минатата година поради пандемијата и уште потешките состојби, имавме редуциран број изведувачи, околу 130, а сите се желни да се чуе изворната песна, да покажат, од сите краишта, што имаат во наследство од предците, низ вековите. А токму тоа е целта на Фестивалот: да го негува, да го зачува и да да го пренесува на помладите генерации богатиот изворен фолклор, вели Василевски.

На Семинарот за изучување на народните инструменти и песни, кој и годинава се одржуваше „он-лајн” (од 28 јуни до 1 јули), учествуваа 12 млади од Кочанско и Прилепско. Тие својата умешност во изведување изворен мелос ќе ја покажат на втората фестивалска вечер, на Рудина, Долнени.

Утре од 11 часот во Центарот за култура „Марко Цепенков” во Прилеп ќе се одржи симпозиумот „Фолклорот во минатото и денес” на кој еминентни етномузиколози ќе ги претстават трудовите од повеќе области на фолклористиката. Издаден е и вториот Зборник трудови од фолклористиката.

47-мото издание на Фестивалот, ќе ги награди најдобрите изведувачи. Најголеми се наградите: Гран при за најдобри изведувачи во целина и за најдобриот гајдаџија Гајдата на Пеце, што ја доделува општина Долнени.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.