Осврт-Да растеме и созреваме заедно- децата со возрасните, но и возрасните со децата

715

Книжевноста за деца и млади е еден естетски и воспитно-образовен спецификум. Од една страна тоа е легитимна книжевност, со свои карактеристики и обележја во формата на изразот и јазикот, а од друга страна легитимни се и некои други нејзини задачи со кои учествува во наставно-образовниот процес.

Поради својата специфичност, книжевноста за деца  и млади е издвоен автохтон систем.  Без разлика на содржината и видот, таа конкретно го сместува ликот на детето во еден реалистичен амбиент давајќи му централно место и улога во книжевниот текст. А тоа е и целта на оваа литература, преку книжевниот лик близок до детето тоа да го спознае светот, да прави разлика меѓу доброто и злото, правилното и погрешното, своите постапки да ги категоризира како правилни и погрешни.

И затоа колку и да изгледа дека лесно е да се создаде едно книжевно дело за деца и млади, сепак споради својот спецификум оваа книжевност и те како е тешка за создавање. Децата и младите се непогрешливи критичари, ако се пронајдат во литературното дело тие несебично ќе го прифатат, ќе дискутираат и ќе анализираат по истото.

Книжевност за деца и млади пишуваат или барем се обидуваат да пишуваат многу автори. Но, еден од авторите кој успеал да допре длабоко до децата со своите творби е младиот автор Филип Димкоски со своето дело „Заедно да растеме“. Самиот наслов укажува на заедничко растење и спознавање на децата, но и на возрасните.

Оваа поетската книга е составена од 36 пеења, рамномерно поделени во два циклуса. Во самиот вовед авторот ни навестува за што станува збор во книгата: „Детето во мене сака понешто да им каже на сите: да им укаже на возрасните, да искаже љубов кон бабата, да ги повика на дружба другарчињата, да им посвети внимание на цвеќињата, да го сподели она што го научило за овошките и за зеленчуците…“.

Во првиот циклус насловен како „Јас, семејството и другарчињата“ во средиштето на самите песни е детето кое расте и ја осознава околината, но и се себеспознава. Филип ги потсетува и возрасните кои некогаш биле деца  дека детскиот свет е поспецифичен, но исполнет со чистота и добрина и за да го сфатат детскиот свет тие треба:

„Да пораснат не во тежина и висина,

туку во ум и во чистина…

И, родители, немојте да слегувате,

да се мачите,

на нивото на детето

не треба да се симнете,

туку да се искачите.“

Секој збор во јазикот си има свое значење, но поетот Филип Димкоски укажува да се внимава на последиците од искажаниот збор бидејќи зборовите можат да бидат добри и лоши, а лошиот збор може да „унесреќи“ некого.

Среќата детето ја пронаоѓа во кругот на семејството, тоа е среќно и весело само кога е опкружено од љубовта на најблиските, родителите, бабите, тоа најголемата поддршка ја добива од семејството кое го препознава неговиот талент и го поддржува во реализирањето на своите соништа. Како благодарност за несебичната грижа и љубов во своето растење Филип ќе ѝ посвети една песна и на својата баба за која поетот ќе напише:

…кога ќе ме гушне,

од возбуда цвета.

(Мојата баба)

Уште од мали децата треба да научат да ја сакаат природата, да ја чуваат и негуваат. Таа е создателка на животот, ни ја дарува храната, воздухот и со својот спектар на бои ја буди инспирацијата кај секој уметник, затоа треба да се негува и чува, зашто од нејзиниот опстанок зависи и нашиот живот. Природата со сиот нејзин раскош е инспирација и на Димкоски кој преку стихови опоменува и поучува дека таа треба да се чува, негува и заштитува и децата треба да бидат „Чувари на природата“:

„Ајде и ти биди како нас,

ќе ги чуваме планините и дрвјата,

парковите и животните,

цветовите и водата,

да бидеме сите

верни чувари на природата.“

 

Последната песна од првиот циклус е насловена како „Малиот градинар“ за која слободно можам да истакнам дека во ликот на малиот градинар го препознавам детето Филип Димкоски на кое му се исполни сонот да стане градинар со завршувањето на  земјоделскиот факултет и активно да се занимава со градинарство.

… „Сакам да знам кога што сѐ се сади,

кое растение кога и колку се вади,

сакам сам зеленчук да произведам,

дел ќе го споделам, дел сам ќе го изедам.“

Оваа песна всушност претставува и премин во вториот циклус насловен како „Запознај ме, засакај ме и јади ме“ во кој авторот повикува да се запознаеме и да ги вкусиме различните плодови и зеленчуци, притоа истакнувајќи ја нивната здрава компонента. Знаеме дека децата не се многу љубители пред сѐ на зеленчукот, но преку своите песни Филип Димкоски ја истакнува важноста на здравата исхрана  за здрав живот. Преку сликовитиот опис на дрвото и плодот и потеклото на дел од нив, како и придобивките од нивното консумирање, поетот ги мами децата да ги вкусат и да ги вклучат во секојдневната исхрана. Свои песни ќе добијат мушмулата, малината, црницата, морковот, празот, цвеклото, артичоката, физалисот и други овошја и зеленчуци.

Со овие песни Филип Димкоски го заокружува рецептот за среќно и здраво дете, дете кое расте со своите желби и соништа опкружено со љубовта од семејството и другарувањето, живее во чиста природа со здравата храна.

Оваа поетска книга на децата не им е блиска само поради темите кои ги обработува, туку во оваа книга ја согледуваме и маестралноста на поетот во обликувањето на стиховите, сликовитоста на јазикот и едноставноста на изразот со кои допира непосредно до секое дете.

Преку дијалошката форма ги истакнува спротивностите за на крајот од секоја песна да ја извлече поуката, која е и сржта на книжевноста за деца. Употребувајќи ги: епитетот, контрастот, компарациите, персонификацијата и анафората, песните го добиваат својот колорит, музикалност и сензибилитет. Книгата е збогатена и со интересни илустрации кои го надополнуваат визуелниот изглед на книгата, што е важен елемент во книжевноста наменета за  најмалите, бидејќи тие книгата првично ја восприемаат визуелно.

И за крај, како што вели поетот Филип Димкоски во својата творба Песни за деца нема:

… „Во убавите песни за деца

е сета мудрост збрана,

од нив и возрасните учат,

а за децата тие се храна.“…

Искрено посакувам ова поетско дело да си го пронајде патот до училишната лектира и со него да растат многу генерации, а на младиот поет Филип Димкоски да ги следи своите творечки желби и инспирации и да ги спои со својот нов предизивик, а тоа се студиите по македонски јазик.

М-р Љупка Стојменова

Осврт кон книгата за деца „Заедно да растеме“ од Филип Димкоски, Академски печат, 2018; промовирана во Кочани на 17.9.2020

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.