МАКЕДОНСКИОТ ПИСАТЕЛ ЗОРАН ПЕЈКОВСКИ Е ГОДИНЕШНИОТ ДОБИТНИК НА НАГРАДАТА „ПРАЗНИК НА ЛИПИТЕ 2020“

685

Македонската литература е двигател меѓу професионалните македонски писатели кои од памтивек се занимаваат со неа, односно со пишување во најразлични книжевни жанрови кои се столб на македонскиот јазик, традиција, ентитет и предизвикуваат национално будење.

И годинава како што впрочем и традиционално се одржува поетската меѓународна манифестација „Празник на липите“ во организација на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) (кое пак е едно од најстарите книжевни друштва на професионалните писатели од Македонија, а кое е формирано на 13-ти февруари 1947 година од страна на осумина писатели, и тоа: Васил Иљоски, Славко Јаневски, Блаже Конески, Ристо Крле, Владо Малески, Димитар Митрев, Иван Точко, Коле Чашуле и Ацо Шопов, а прв претседател на ДПМ е избран Блаже Конески), создадена уште кон крајот на осумдесетите и почетокот на деведесетите години од тројца истакнати македонски писатели Светлана Христова – Јоциќ, Христо Петрески и Јордан Даниловски, се одржа на 10-ти септември пред платото на МКЦ во Скопје, со бројна публика.

Па така на годинешната меѓународна манифестација „Празник на липите“, што како што истакнавме и претходно традиционално преку конкурс што го објавува ДПМ, во конкуренција за најдобра песна се пријавија 18 кандидати, меѓу кои и македонскиот писател Зоран Пејковски со песната „Сончевата страна на сенките“, која пак, тричената жири комисијата едногласно ја прогласи за победничка песна.

Како што стои и во образложението на жири комисијата песната „Сончевата страна на сенките“ е еден вид поетска посвета на „Празникот на липите“, во која поетот Зоран Пејковски го варира неспокојниот, непостојаниот и истовремено трепетен животен миг преку моќните лирски реминисценции низ кои ја развива идејата за значењето на сеќавањата. Во песната тие ароматично прозвучуваат во манир на „подмладени спомени“, што ја разведруваат насмевката преку асоцијативни флешови на доживеани искуства. Овие асоцијации, споделени низ сегмент од живописот на поетот преку разоткривањето на (интимниот) свет, на природата, на битието, во нивната поврзаност ја изразува сеприсутноста на радоста во сеќавањето, на меланхолијата, копнежот и болката, сплотени низ хармонични вибрации на стихот збогатен со имагинациска флуидна интуитивност.

Исказот е лирски сугестивен и хармоничен, напати спокоен и мирен, но и згуснато сензитивен, метафоричен, со посредство на кој се гради привидно спокојно дејствие, но истовремено пронижано со интензивната емоција на поетот со која воведува динамична експликација на сликите и симболите. Липовите лисја, што ги оживуваат подмладените развигорени спомени, ја откриваат сончевата страна на сенките, кои хармонично вибрираат низ лирско-елегиска дикција. Во песната се согледува суптилноста на авторот во разоткривање на есенцијалните слоеви на сопственото искуство, на доживеаните мигови низ трепетот и проблесокот на асоцијациите.

Инаку, македонскиот писател Зоран Пејковски, за прв пат наградата „Празник на липите“ ја добива во 2012 година за песната „Завештание“ која ѝ е посветена на поетесата Светлана Христова-Јоциќ, што значи дека Пејковски по втор пат ја добива оваа преснижна награда, а годинава на традиционалното доделување на наградите на ДПМ на 13-ти февуари ја добива и наградата „Ванчо Николески“ за најдобра книга за деца и млади за пиесата за деца „Мали детски разговори”

Филип Димкоски

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.