Почетна КУЛТУРА Театар Прослава на животот на Горан Стефановски

Прослава на животот на Горан Стефановски

Дебармаало има култно, скоро митско место во современата македонска култура. Голем удел во креирањето на тоа имаше покојниот писател, професор и вљубеник во маалото — Горан Стефановски.

Во сабота, 27 април 2019, во 12.00 часот, со садење на дрво во чест на Горан во Дебар маало во малото паркче спроти Идадија/Наџак, на онаа раскрсница што за него и други претставува не само срце на Дебар маало, туку и поим за едно минато време во нашиот град — време на цврсти столбови на вредности, почит и добрососедски односи, ќе започне прославата на животот на Горан Стефановски, познатиот македонски драмски писател, есеист и мудрец,

Стефановски си го разјасни својот став кон губењето на душата на Дебар маало, како и кон рушењето на општествените вредности во нашата земја, во својата драма Демонот од Дебар маало, каде се разбира единствениот простор и време се маалото и Идадија. ,,Без маало нема држава!’’

Прославата на животот на Стефановски е предвидена како мал увид во неговиот личен, семеен и творечки живот. Јавноста го знае како познатиот драмски писател, есеист и мудрец, кој низ град одеше пеш со насмеано лице, но ова ќе биде можност неговата фамилија и блиски пријатели да ја претстават неговата друга страна, како татко, сопруг, дедо и фанатик на Битлси, преку проекција на фотографии од неговото најрано детство до крајот на животот, проекции на видео интервјуа, говори, и кратки семинари водени од него, видеа и фотографии од претстави по неговите текстови (во соработка со Драмскиот театар), слушање на неговата најомилена музика, и ‘отворен микрофон’ (open mic) на кој сите што сакаат ќе можат да кажат некоја приказна или анегдота поврзана со Горан.

Ова прослава на ЖИВОТОТ НА ГОРАН СТЕФАНОВСКИ е по иницијатива на МАНУ (што го претставува и неговото духовно враќање дома во Македонија), семејството Стефановски и Општина Центар.

metropolis-big